Електрично фиќо

Ројтерс: Македонска фирма внесува класични градски автомобилчиња во електричната доба

Во македонскиот главен град Скопје, мал светлосин автомобил, кој нѐ навраќа на старите комунистички времиња, тивко зуи низ улиците како симбол на првиот поголем обид на балканската земја да произведе сопствено електрично возило, пишува британската агенција Ројтерс.

Автомобилот е дело на скопската ББ класични автомобили, локална компанија што реставрира класични автомобили и сега конвертира некои од нив во електрични со помош на владиниот иновациски фонд главно наменет за промовирање зелени технологии.

Македонија, која сака да влезе во Европската Унија, каде што во 2020 година треба да стапат на сила построги закони за издувните гасови, се бори со големо загадување главно предизвикано од автомобилските ауспуси и греењето на ќумур. Се планира да се воведат субвенции за купување автомобили кои помалку или воопшто не загадуваат.

ББ класични автомобили го конвертирале градскиот автомобил застава 750, понапредна верзија произведена под лиценца на фиат 600, кој беше популарен во распаднатата Југославија, заменувајќи го стариот бензински мотор со електричен.

Милорад Китановски, директорот на ББ класични автомобили, вели дека перформансите на конвертираното фиќо, изворно произведувано во српски Крагуевац од раните 1960-ти до средината на 1980-те, се исти или подобри од оригиналот.

„Моторот има многу поголем потенцијал за многу подобри перформанси и повисока брзина, но ние ја ограничивме на 120 километри на час“, вели Китановски.

Конвертираните автомобили добиваат електрични мотори произведени од германската компанија Кеслер која има фабрика во Македонија. Китановски не открива колку инвестирала компанијата во конверзијата.

Автомобилот има радиус од 150 километри со едно полнење, додека полнењето трае околу три часа со домашен полнач, а само 15 минути со брзи полначи.

„Цената на три часа полнење е помалку од едно евро, за батерија со капацитет од 10 киловати“, вели Китановски.

Цената на автомобилот е околу 20.000 евра и компанијата е генерално ориентирана кон меѓународни купувачи.

За споредба, Порше Македонија ги нуди моделите на Фолксваген е-ап и е-голф за околу 25.000 евра и 37.000 евра, според податоците на МИА од февруари годинава.

Едно современо демократско општество се разликува од тоталитарното токму по тоа што јавната критика е основно полемичко право и должност на медиумите.

повеќе

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе