Првиот хрватски сериски автомобил

Римац го претстави својот прв сериски автомобил – запознајте се со невера (ФОТО+ВИДЕО)

Првиот хрватски сериски автомобил, кој досега беше познат како концепт два или C_Two, го доби името невера, по неочекуваната и силна медитеранска бура на Јадранското Море.

 

Римац за својот електричен хиперспортски автомобил досега користеше ознака, бидејќи стануваше збор за прототип, а моделот сега доби име под кое ќе се продава низ светот.

Римац моделот за првпат го прикажа во Женева во 2018 година. Две години подоцна хрватскиот произведувач планираше да ја претстави сериската верзија, но во тоа го спречи пандемијата која доведе до откажување на автомобилскиот саем во Женева во 2020.

Во последната година Римац аутомобили ја заврши светската хомологација на своето возило. Во процесот „исчукаа“ неколку примероци за да се провери неговата безбедност и за да ги добијат сите потребни дозволи за автомобилот да може да се регистрира и безбедно да се вози низ светот.

Римац невера ќе чини од 2 милиони евра, а планирани се само 150 примероци. Автомобилот има дури 1.914 коњски сили и вртежен момент од 2.360 њутнметри, развива максимални 412 км/ч и до 100 км/ч забрзува за фантастични 1,85 секунди.

До 200 стигнува за само 4,3 секунди, додека за брзина од 300 км/ч му се доволни 9,3 секунди.

Во самото срце на невера има единствена батерија ладена со течност и во облик на буквата Х, со 6,960 ќелии со капацитет од 120 киловат часови.

Способна да произведе 1,4 мегавати сила, литиум-манган-никелската батерија е составен дел од јадрото на автомобилот, зголемувајќи ја структурната цврстина на монокок конструкцијата од јаглеродни влакна за 37 отсто.

Оптималната позиција на батеријата ниско и на средината на автомобилот придонесува на исклучително ниското тежиште на автомобилот. Тоа овозможува одлична распределба на масата 48/52 (напред/назад).

Римац истакна дека развојот на напредниот систем за ладење на батеријата ја зголемил ефикасноста во однос на првичните прототипи, давајќи повеќе сила низ подолги временски периоди.

Деталите за автономијата на возењето сè уште не се соопштени, но според првичните најави таа би требало да изнесува до 650 километри.

Мате Римац се потруди од својот автомобил да направи вистински хрватски производ. Во автомобилската индустрија е речиси невозможно (читај неисплатливо) една фирма да ги произведе сите делови за возилата, но затоа има кооперанти, а на Римац сите му се хрватски компании.

Компанијата Римац аутомобили планира својот прв сериски автомобил да го произведува во фабриката во Света Недеља. Пред таа да биде целосно готова, ќе користи две локации на западот на Загреб.

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе