Светска премиера

Новиот ситроен Ц5 Х е комфорна лимузина која лебди меѓу кросовер и карван (ФОТО+ВИДЕО)

Ова е сосема новиот ситроен Ц5 Х, новиот знаменосец на француската компанија и го опишуваат како мешавина од седан, карван и кросовер.

 

Новиот ситроен Ц5 Х инспирацијата ја влече од ЦХпериенс концептот од 2016 година што се однесува до дизајнот, со изглед сличен на карван но со линија на покривот слична фастбек. Ова е воедно и првиот модел на Ситроен со новата активна суспензија „напреден комфор“ која ветува удобност како на „летечки килим“.

И на предниот и на задниот дел на Ц5 Х ги има новите карактеристични ЛЕД светла на Ситроен, дизајнерски детаљ преземен од новиот Ц4, додека каросеријата има висока странична линија, долга хауба и флуидни линии.

Новиот ситроен Ц5 Х е долг 4,8 метри, широк 1,86 метри и висок 1,48 метри, димензии слични на пасатот карван на Фолксваген. Меѓуоскиното растојание е прилично долго, речиси 2,8 метри, што обезбедува многу простор за нозете на патниците на задната клупа, според Ситроен.

Новиот знаменосец на Ситроен ќе може да се купи и со плагин хибридни и со бензински мотори, а најмоќната комбинација ќе нуди 225 коњски сили од 1,6-литарски бензински и електромотор, со кој ќе може да се вози до 135 км/ч во електричен модус и ќе нуди радиус на движење само на струја од 50 километри.

Сите верзии на новиот Ц5 Х ќе го имаат системот за амортизација „напреден комфор“ на Ситроен, но плагин хибрид моделите ќе ја добијат неговата нова активна верзија како стандард. Ќе може да се бира меѓу три поставки, а најмеката ќе овозможи автомобилот да „лизга“ над патот, додека најтврдата ќе овозможи „поостра контрола и прецизност“ при совладување на свиоците.

Во просторната кабина на новиот Ц5 Х ќе има специјални „напреден комфор“ седишта, благодарение на кои патниците ќе бидат опуштени и одморни и по долги патувања, најави Ситроен.

Инструмент таблата има 12-инчен дисплеј чувствителен на допир преку кој се контролираат речиси сите системи. Новиот Ц5 Х има и хедап дисплеј со проекција во боја на шофершајбната за порелаксирано возачко доживување, бидејќи возачите нема да треба да го тргаат погледот од патот за најважните информации.

Новиот знаменосец на Ситроен има и долга низа безбедносни системи, вклучувајќи го Возачка помош за автопат – автономно возење од 2 ниво, детекција во мртов агол, и виртуелна камера од птичја перспектива за поглед на околината од 360 степени околу автомобилот.

Новиот ситроен Ц5 Х ќе почне да се продава во Европа подоцна годинава, кога ќе бидат соопштени и цените.

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе