Тест-возење

Новиот нисан џук: суштината на оригиналот е тука, спакувана во многу посериозен автомобил (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Запознајте се со новата генерација на нисан џук, моделот што го создаде сосема новиот сегмент на градски кросовери – малечки автомобили, поткренати да изгледаат како да имаат теренски способности, а всушност само им е подрасипано возењето на асфалт, во споредба со обичните модели со кои ја делат платформата.

 

Градските кросовери се прилично ин, со дизајнот што генерално се сведува на предизвикување чувства „на прва“. Моделите оваа класа или ви се допаѓаат или не, но не ве оставаат рамнодушен. За разлика од стариот џук, новата генерација има многу подобри шанси да ви се допадне.

Нисан џук е особено интересен затоа што предизвика мала револуција пред девет години кога првпат се појави на пазарот. Ретки се моделите што се симбол на целата своја класа. Комбинација од изгледот и држењето на кросовер, но спакувани во димензии на градски автомобил. И се продаваше како алва.

Во изминатите години повеќето марки исфрлија сопствени мали кросовери, и сите ги споредувавме со џукот, затоа што тој беше првиот. Иако речиси сите што следуваа беа подобри и попрактични возила. Но сега на сцена стапи новата генерација.

Новиот изгледа прилично слично на стариот модел, и треба да ја пренесе суштината на стариот модел во новата деценија. Но иако оригиналноста на дизајнот, стилот и „кросоверноста“ се тука, новиот нисан џук е далеку повозрасен, попаметен и општо подобар автомобил.

Нисан можеше да одигра безбедно со новиот џук – да го направи поголем и покоцкест, како што тоа го прават повеќето други марки. Но, за среќа, тоа не е така, бидејќи таквата формула ќе ги избришеше сите градски квалитети. Затоа новиот џук е за нијанса поголем, но сѐ уште доволно мал за паркирање и – полесен.Тркалата се турнати поблиску до аглите на автомобилот, што дава чувство на поголем и посериозен автомобил.

Севкупниот дизајн е помодерен и дава посилно присуство – што е главниот адут во оваа класа. Предниот дел сѐ уште ги има чудните предни светла, но сега во комбинација со ЛЕД ленти, па изгледаат како магленки. Покривот е извонредно добро вклопен, спуштен е за да се добие линија на купе, „претекува“ од страна во вратите, има визуелно одлично вклопен спојлер на петтата врата, а тука се и познатите високо поставени рачки на задните врати. Дизајнот е заокружен со истакнатите отвори за (непотребно) големите тркала, и различните комбинации на бои и спојлери со кои може да го украсите.

Внатрешноста е исто така слична на претходниот модел, но далеку подобра. Опремата, особено во моделот што ни беше даден на тест, ја има во изобилство. Големиот централен екран, прегледната инструмент-табла со сите информации и мал дигитален дисплеј меѓу основните мерачи, команди на воланот, босе звучници (со пригодни бои и брендирање, да се знае), камери на сите страни, одржување лента, автоматско одржување брзина, автоматско спуштање на долгите светла, греени предно и задно стакло, грејачи на предните седишта... Сѐ на сѐ, не ви остава простор за мечтаење. Освен да си играте со боите на покривот и каросеријата, кои ги има во 15 различни комбинации.

Просторот, со сите свои ограничувања, е домаќински искористен. Има место за оставање разни ситници, совозачката полица е со солидна големина, има солиден простор на задните седишта (иако не за тројца возрасни), и 20 отсто поголем багажник од претходната генерација.

Единственото нешто што зачудува е разликата во квалитетот на пластиката и материјалите во кабината – од најквалитетна и мека, до нелогично тврда на некои места (како горниот дел на вратите на пример).

Сепак, завршната обработка е на највисоко ниво, и во најмалиот кросовер на Нисан нема шанси да слушнете крцкање или чкрипење.

Под хаубата џукот има прилично мал 1,0-литарски мотор, но ако некој не ви каже, никогаш нема да погодите. Се врти прилично живо со своите 117 коњски сили, ужива на високи вртежи, а единствениот момент кога може да ви прифали сила е пред да се вклучи турбината, и тоа само ако е угорнина. Инаку е и повеќе од доволен за да ве извади од секоја ситуација, па дури и да ви предизвика широка насмевка на лицето ако не гледате во стрелката за гориво.

Новиот нисан џук е сосема нов, посериозен и подобар автомобил, но со шармот и карактерот на пионерот што храбро стапи на светската сцена. Класата на градските кросовери останува – џук-класа.

Петар Пејовиќ

Фото: Роберт Атанасовски

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе

Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму Гоце Делчев во повод за поделби и омраза?

повеќе

Независна Македонија не може да се пофали со успешно менаџирање на етничките прашања, а првите „грешки“ се прават во првите денови од независноста.

повеќе