Тест: Шкода октавија 2.0 ТДИ ДСГ стајл

Новата октавија: што може повеќе да посакате? (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Помина времето кога Шкода беше евтиниот компактен седан во понудата на Фолксваген групацијата. Таму каде што почна првата октавија, четвртата веќе ни случајно не влегува. Не, не станува збор за раскинување врски со минатото. Новата октавија е „едноставно паметна“ како и другите пред неа, но сега со повисоко крената глава, сосема еднаква со првиот играч на групацијата - голфот.

 

Четвртата итерација на чешкиот најпродаван модел на пазарот настапува со сета сила на Волфсбург – модуларната платформа ем-кју-би ево, најновиот мултимедијален систем МИБ 3 и цел куп напредна електроника. Очигледно е дека задачата е повторно да се привлечат голем број купувачи, но сега, покрај на картата на соодносот вложено-добиено, се игра и со дополнителна привлечност и префинетост.

Иако уште на прв поглед сосема е јасно дека станува збор за октавија, дизајнот овојпат е едно од поважните нешта. За разлика од претходната генерација, особено нејзиниот редизајн со одвоените предни светла (во најмала рака спорни), овојпат изгледот е помалку обичен, а повеќе привлечен. Повторно, нема експериментирање и главната нишка е допадливоста кај што поголем број луѓе, следејќи ги линиите на новата генерација модели на Шкода.

Се забележува дека во дизајнерското студио рачната била ретко кревана, од развлечениот профил во стил на купе (не баш, ама се обиделе), подолгиот заден дел благодарение на кој новата октавија е повеќе седан а помалку компактен модел, ЛЕД-технологијата на светлата уште од самиот старт на понудата, поострите линии што даваат впечаток на поскап автомобил, хромираните украси во доволна мера за да го „кренат“ шмекот без да се претера... Најпросто кажано, за број помал суперб.

Самодовербата на новата октавија во смисла на тоа од каде доаѓа се гледа особено на задниот дел, каде што сега со големи букви на багажникот пишува „Шкода“. Да се знае.

Поголем чекор напред е и внатрешноста. Главниот мотив е едноставноста – кокпитот е ослободен од разните копчиња и команди, а со различните нивоа на опрема, целата инструмент-табла е развлечена во една линија од крај до крај, и повеќе нема класичен централен дел. Доминира големиот екран во средината, чија содржина зависи од нивото на опременост – во основната е помалку или повеќе таков и тој. Сепак, целиот изглед дава шмек на поголема и посериозна лимузина, особено во комбинација со дигиталната инструмент-табла каква што имаше тестниот модел. Единствен спорен момент кога седите зад воланот е – воланот. Новиот изглед со само два крака потсетува на тој од С-класата на Мерцедес, но верувајте дека вреди да се доплати за тој со три крака, кој доаѓа сериски во РС-варијантата. Сѐ друго е како што треба, или направено или покриено со квалитетни материјали, со паметни решенија низ целата кабина (ролетна за покривање на држачите за чаши, џепчиња за мобилни телефони, гумирани отвори за оставање ситници, специјално место за бесконтактниот клуч, чадор во вратата, гребалка за мраз на капачето за гориво, закачалки). Не дека нема и по некој недостаток. Како на пример командите за климата, кои сега се целосно префрлени на екранот чувствителен на допир, па секое нагодување го одвраќа вниманието од возењето, а и централните отвори на вентилацијата се прениско поставени, па тешко е да се најде оптимална позиција...

И како и секогаш досега, новата октавија гази по конкуренцијата во својата класа со големината на багажникот од рекордни 600 литри.

Една од појаките карти на октавијата отсекогаш било возачкото доживување. Како горд сопственик на првите две генерации (сосе редизајнот), верувајте знам што зборувам. Меѓутоа, ако досега можеше да се зборува за „супер возење за тие пари“, сега веќе муабетот е сосема поинаков. Октавијата досега беше германски тврда, во случајот на првата генерација дури и аграрно тврда, но секогаш можеше жестоко да се вози по свиоци, од кои излегувате со насмевка на лицето (барем на возачот). Сега амортизацијата е помека, што значи далеку поудобно возење, поприлично покултивирано чувство, кое тропа на вратата на класата погоре. Но покрај тоа што се губи она детско задоволство од брзо поминување низ два-три последователни свиоци без нишање на каросеријата, новата октавија знае да „заплива“ со предниот дел кога малку посилно ќе се прикочи. Не е тоа маана што некого ќе го одврати од купување на „чешкиот голф“, туку ја открива насоката на еволуцијата на октавијата како модел.

Проблем во возењето знае да направи токму онаа електроника чие изобилство го спомнав во почетокот. Поради квалитетот на нашите патишта, а и на нашите возачи, сите тие сензори и камери во одредени моменти остануваат збунети, па знаат неочекувано да го сопрат автомобилот, иако нема потреба од тоа. Претпоставувам дека во нормални услови и сообраќај сите тие системи за помош беспрекорно функционираат, но можеле барем нам да ни ја остават опцијата целосно да ги исклучиме.

Инаку, новата октавија возачки многу брзо се пика под кожа. Иако понудата на мотори е поширока, двата главни играчи под хаубата на нашиот пазар би требало да бидат 1,5-литарскиот ТСИ бензинец со 150 коњски сили, и дволитарскиот дизелаш со исто толку „коњи“. Во тестниот автомобил многу добро познатиот дизел мотор на Фолксваген беше во комбинација со фантастичниот ДСГ автоматски менувач. Многу посмирено работи од претходно, и влече одлично уште во самиот почеток, а совршен е за мирно крстосување по отворените патишта, каде што октавијата секогаш најдобро се снаоѓа . Треба да возите со отворен прозорец покрај ѕид за воопшто да слушнете дека станува збор за дизел мотор. А со полесна десна нога, и потрошувачка е минимална.

Цената на новата октавија е за нијанса поголема од таа на претходната генерација, но веднаш треба да се истакне дека сега најоптималното ниво на опрема амбишн е поопремено од највисокиот стајл на старата октавија. А таа што ние имавме прилика да ја возиме има сѐ што може да ви притреба од еден автомобил, плус нешта на кои никогаш не би ви текнало. Очекуваме новата октавија да продолжиме да ја гледаме на врвот на листите на најпродавани автомобили во следните години.

Најновата генерација на најпродаваниот модел на Шкода настапува силно во секоја смисла – има повеќе од она поради што досега добро се продаваше, но спакувано во прилично порафиниран, попривлечен и поопремен пакет. Ќарот во однос на вложените пари е најголем досега.

 

Петар Пејовиќ

Фото: Роберт Атанасовски

Дали и Грција треба да престане да ја смета бугарската фашистичка окупација за време на Втората светска војна како вистинска окупација?, прашува поранешниот грчки министер за надворешни работи – потписник на Преспанскиот договор со Македонија, во колумна за Балканеу. Колумната ја пренесуваме во целост и со автентичните фрази.

повеќе

Каракачанов: На Бугаринот паметот му доаѓа следниот ден...

повеќе

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе