Опел астра 1.5Д 130 ултимејт

МКД.мк тест: Новата опел астра – германски мангуп со француско педигре (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Ова е шестата генерација на опел астра, наследникот на легендарниот кадет. Некои генерации беа одлични за своето време, некои не. Меѓутоа астрата секогаш ја имало насекаде, постојано е меѓу најпопуларните хечбеци. А оваа генерација е исклучително важна затоа што е првата по американската ера на Опел, и е многу слична со пежо 308.

 

Француското влијание е очигледно на прва – во дизајнот. Астрата за првпат не изгледа обично, како автомобилска конфекција. Главна улога во тоа има „лицето“, односно предната маска или визирот, кој на астрата природно ѝ легнува, за разлика од кросоверите на Опел. Одлична е и грпката на хаубата. Задниот дел со тенките светла личи на неколку хечбек-модели од Фолксваген групата, особено со рачката за отворање на багажникот скриена во значката на Опел. Новата астра е пониска е и поширока од претходната генерација, а црниот покрив само додава на привлечноста на изгледот. А тука се и деталите кои ја поврзуваат астрата со кадетот, од времето кога Опел правеше германски автомобили.

Што се однесува до возењето, искрено, мало разочарување беше што под хаубата на тестниот примерок имаше дизел-мотор. Иако дизелите веќе насекаде се отфрлаат, освен за камиони и земјоделски машини, кај нас се сè уште популарни и си шишкаат. Сепак, под хаубата на астрата имаше 130 здрави „коњи“, спремни здраво да повлечат во секоја ситуација, во комбинација со одличен осумбрзински автоматски менувач кој силата ја пренесува на предните тркала. Шасијата дава до знаење дека е спремна за поголеми предизвици (како на пример 222 коњски сили на астра ГТе). Одлична е за возење на отворено, но уште подобра за уживање во свиоци. За разлика од 308-ката на Пежо, акцентот не е на удобноста туку на управливоста, како што му личи на германски хечбек.

Внатрешноста е модерна, со два големи екрани пред возачот (што потсетува на бизарните електронски инструмент табли на Опел во осумдесеттите, но сега е многу помодерно и практично). Воланот одлично лежи во рака, и гледате во инструментите низ него, како што треба. Нема тегнење на вратот за да видите со колкава брзина или се движите. Централниот екран е благо свртен кон возачот, чисто за да покаже кој е главниот лик во новата астра. Има дури и копчиња со кои се контролираат главните функции, наместо да ги бркате по екранот во возење. Целата внатрешност е логична, германски квалитетна, а груба пластика речиси нема. Се гледа дека дизајнерите се труделе да излезат од рамките на нормата, и успеале во тоа. Седиштата се удобни, предните одлично држат во свиоци, со единствена забелешка дека за повисоките фали простор за нозете на задната клупа. За повеќе простор ќе мора да ја одберете карван верзијата (Опел ја нарекува спортс турер).

Главното прашање е – дали астрата е доволно различна од пежо 308 за да може да се смета за „свој“ автомобил, а не за клон? Одговорот е да. Иако основата е иста, концептот е сосема поинаков. Додека 308 „пука“ на премиум моделите, астрата нема такви амбиции. Што не значи дека предизвикот е помал. Иако хечбеците губат од кросоверите во смисла на популарноста, класата во која владеат фолскваген голф, форд фокус, рено меган и... опел астра сè уште добро се држи. И новата астра, со сите свои квалитети, пркосно плива меѓу силната конкуренција.

Новата астра можеби не е заводник што ќе ви го украде срцето „на прва“, ама мангупски ќе ви се вовлече под кожа.

 

Петар Пејовиќ

Фото: Роберт Атанасовски

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе