Алфа ромео тонале 1,5 МХЕВ 150КС специјале

МКД.мк тест: Убавиот кросовер на Алфа со огромна традиција на плеќите (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Не може да сте вљубеник во автомобилизмот, а да не ја сакате Алфа ромео. Едноставно не може. Една од најстарите автомобилски марки, Анонима Ломбарда Фабрика Аутомобили е синоним за италијанскиот дизајн, спортските перформанси и автомобилското педигре исто колку Ферари, но им припаѓа на широките народни маси.

 

И сега има нов модел со култната значка на носот, што не се случува премногу често. По прекрасниот седан џулија и големиот кросовер стелвио, како дел од ренесансата на Алфа под Стелантис пристигна тонале, кросовер со поскромни димензии, кој ќе се „бори“ во класата на БМВ Х1 и ауди кју-3.

Малку доцни, но расположен е за перчење.

Тонале на прва настапува многу самоуверено, со најважното нешто за секој италијански автомобил – дизајнот. Откако ќе ве плени со убавите линии како целина, првото нешто што го забележувате од деталите се агресивните предни светла, поради кои, ако го здогледате навечер во ретровизорот, веднаш ќе му се тргнете на страна. На предниот дел доминира познатиот триаголник на Алфа, кој кај тоналето е сосема издвоен централен дел на „муцката“. Од страна доминираат големите тркала во форма на телефонски бројчаници, но дизајнот генерално се смирува и станува елегантен. На задниот дел повторно доминираат светлата, односно светлосната лента, која повторно завршува со три светла на секој крај. Целиот дизајн е толку погоден што изгледа како повисок спортски хечбек, а не како несмасен кросовер. Страничните ретровизори се украсени со италијански знаменца, за оние малкумина што не знаат чија марка е Алфа.

Меѓутоа, воопшто не е чудно тоа што тоналето изгледа одлично. Како и секој друг модел на Алфа (добро, можеби не баш секој). Како и секоја друга алфа, тој мора да вози добро.

Првото нешто што ве пречекува во внатрешноста е добро познатиот волан од џулија и стелвио, сосе одличното старт/стоп копче, и едноставните за користење команди. Зад него се големите фиксирани алуминиумски рачки за спортско шалтање. Зад нив е модерната 12-инчна инструмент-табла, која одлично изгледа и е покриена со два полукруга, во стилот на моделите на Алфа од 70-тите. Во средината е дисплејот на системот за информации и забава, со сосема нов софтвер, еден куп опции и нагодувања, и копчиња за директен пристап до најважните команди. Умно. Преку него се контролираат модерните безбедносни системи и оние за олеснување на животот во автомобилот, на кои во тоналето не се штедело.

Целата внатрешност е елегантна, квалитетно изработена и практична за користење. Сосема неиталијанска. Но затоа има италијанско знаменце кај рачката на менувачот.

Патниците на задната клупа имаат сосема доволно простор за главите и колената, а багажникот има солидни 500 литри.

Е сега.

Тестниот модел, иако личен и полн со опрема, под хаубата имаше хибриден погон со 130 коњски сили. Да не кажам дека се малку, ќе кажам дека се малку разочарувачки. За алфа. Добро е тоа што сè друго е така филигрански погодено – и автоматскиот седумбрзински менувач, и подвозјето, и воланот, за кој од италијанската компанија велат дека е „најдиректниот во класата“, па може да се поднесе недостигот од растрчани апенински коњи. А има и помоќни конфигурации, па опциите се отворени. Со овој хибриден погон на тонале му се потребни 9,6 секунди за спринт од 0 до 100 километри на час, пред да ја постигне максималната брзина од 200 км/ч.

Возачкото доживување е солидно. Сепак станува збор за кросовер, но спортски. Тука главната улога ја има копчето „ДНА“ на средниот гребен, со кое се одбира начинот на возење. Д за динамично (dynamic), Н за природно (natural) и А за напредно (advanced). Динамичниот режим ја заострува реакцијата на педалот за гас и ги стврднува воланот и амортизацијата. Природниот режим најчесто се користи како компромис за секојдневието, а напредниот ги користи сите предности на хибридниот погон. Генијалноста на новата алфа под капата на Стелантис е тоа што е во допир со реалноста – тонале е автомобил за потрошувачите, а не за сонувачите. Без дамки од масло под автомобилот.

Но сепак изгледа и вози како вистинска алфа, со тоа што сега е квалитетно направена и сè работи како што треба.

Најголемиот проблем на алфа ромео тонале е тоа што длабоко одоздола всушност е џип ренегејд. Американскиот кросовер е прилично добар надвор од асфалтот, но не е баш познат по рафинираноста и спортските перформанси. И од тука ризикот за криза на идентитетот.

Сепак, тонале е вистинска алфа. Алфа со компромиси, но не во однос на суштинските нешта. Одлично го носи бремето на минатото и на очекувањата. Спремен да биде честа глетка на патиштата и конечно да ја спаси Алфа од неизвесноста. И да биде забележан.

 

Петар Пејовиќ

Фото: Војкан Миленковиќ

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе