Ситроен Ц4 блу ХДИ С&С шајн

МКД-тест: Ситроен со новиот Ц4 му се враќа на својот француски шик (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Ситроен со компактниот хечбек Ц4 во 2002 година го замени моделот ксара. Стариот типично француски модел беше германизиран, односно инженерите на Ситроен се обидоа да направат подиректен конкурент на голфот, со потврдо возење и поконвенционален (читај пообичен) дизајн. Губењето на францускиот шмек на надворешноста беше надоместено со еден куп технологија, но единственото нешто по кое се познаваше генетскиот код на компанијата беше воланот со фиксен централен дел.

 

Новиот Ц4, пак, им се враќа на корените на Ситроен, на традиционалните француски квалитети – удобноста, изгледот и... неконвенционалниот пристап. Но поради тоа што хечбеците губат на популарноста, иако сè уште добро се продаваат, Ситроен својот нов адут во Ц-сегментот реши да го крене, заобли и да го обложи со пластична заштита. А сепак не е кросовер.

Наместо да има обичен Ц4 и поинтересна кактус-верзија, сега ги имаме двете во еден модел – и хечбек, и купе-кросовер со големи тркала и пластична заштита. И без страничното заштитно „јорганче“ ербамп на првиот кактус.

Дизајнот е типично француски. Доколку ги тргнете пластиките и ЛЕД-светлата, потсетува на легендарниот ситроен ГС од 1970-тите. Повеќе не е здодевно германски, односно не се обидува да им се допадне на сите, туку е француски шик, како концептен модел. И не се претопува во обичноста на урбаното секојдневие, туку се истакнува со решенијата што отскокнуваат од нормата во таа класа.

Под модерната и оригинална надворешност се наоѓа издолжена верзија на истата платформа на ПСА-групацијата на која возат пежо 208, опел корса и ДС3 кросбек, со хидраулична амортизација (освен кај најслабиот бензинец), или „прогресивни хидраулични перничиња“, како што ги нарекува Ситроен.

Изборот на погонот под хаубата е прилично едноставен и веќе познат: бензинска варијанта од 100 до 155 коњски сили и дизел-опција од 110 до 130 коњски сили. Има и електрична верзија, наречена ë-Ц4, со батерија од 50 киловатчаса и електромотор со 136 коњски сили.

Во кабината веднаш паѓа во очи количеството на простор, и на предните и на задните седишта. Има сосема доволно места за оставање ситници како клучеви и телефони. Пријатно изненадува тоа што во Ситроен сфатиле дека командите на климата треба да бидат издвоени од централниот екран чувствителен на допир, и нè враќа во светот на практичните копчиња и тркалца. Инструмент-таблата пред возачот е дигитална и осветлена од сите страни, и иако е малечка, ако сте упорни, може да ги наместите информациите што ви одговараат. Затоа па централниот дисплеј е прилично голем, и облагороден со копчиња за неколку најважни функции.

Пред совозачот има тенка фиока со држач за таблет за да има сопствена занимација, иако решението е малку чудно и комплицирано, особено ако треба да го монтирате секогаш кога ќе седнете во автомобилот. Ама супер е за фалење.

Возењето на новиот Ц4 е посебно доживување. Веднаш станува јасно дека Ц4 не е автомобил за поставување брзински рекорди или за влетување во свиоци, туку за удобност и уживање во возењето, иако не е бавен. Доволно е мек дури и за нашите патишта, без оглед на тоа во каква состојба се. Лежечките пречки речиси не се чувствуваат. Предницата знае повремено да „заплива“, но само при екстремно форсирање.

Комфорното возење не значи дека управувањето е непрецизно. Напротив, изненадува конкретното чувство во свиоците, и покрај чувството дека автомобилот лебди неколку сантиметри над подлогата, особено на отворен пат.

Тестниот модел под хаубата го имаше 1,5-литарскиот блу ХДИ дизел мотор со здрави 130 коњи. Моторот има сосема доволно сила за да го „носи“ автомобилот, иако не треба да се очекуваат чуда. Забрзува од 0 до 100 км/ч за 10 секунди, а максималната брзина е нешто повеќе од 200 км/ч (според Ситроен). Има доволно сила и вртежен момент за добро да повлече при претекнување, иако на осумбрзинскиот автоматски менувач му треба малку време за да сфати што се очекува од него.

Не очекувајте да поминувате многу време во крајната лента на автопат – Ц4 е скроен да ги голта километрите без премногу брзање, за што ќе ви возврати со исклучителен комфор и ниска потрошувачка – дури и во град треба добро да се потрудите за да се приближите до 6 литри на 100 километри, додека на отворено може да падне и под 4 литри.

Новиот ситроен Ц4 едноставно прави сè што се очекува од него – привлечен е, модерен, од необичното „лице“ до купе-линијата на покривот што завршува во задниот спојлер, кој одлично го заокружува невообичаениот профил со задните светла, удобен е и тивок, личи на кросовер, но без да мисли дека е теренец, просторен е, и преполн со технологија што помага и го надополнува возењето. Ситроен со новиот Ц4 успешно го надградува своето наследство на предводник во дизајнот, технологијата, комфорот и уникатноста.

 

Петар Пејовиќ

Фото: Роберт Атанасовски

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе