Во последно време Пежо е фокусиран и на префрлање на високата технологија и квалитетот на изработката на високосериските модели, кои се произведуваат и се продаваат во голем број примероци. Што значи дека, покрај фолксваген голф и форд фокус, новиот 308 им ‘рчка во есапот и на ауди А3, БМВ серија 1 и А класата на Мерцедес. Што, повторно, не е мал притисок.
За среќа, новата генерација на 308 изгледа... фантастично. Сосема соодветно на тенденцијата на Пежо за вплеткување во премиум-сегментот, новата генерација е драматична, елегантна и спортска во исто време. И е многу поскладен автомобил од своите браќа кросовери со слична големина.
На предниот дел храбро стои новата значка на Пежо, и го надополнува агресивниот изглед на целото „лице“. Иако во Пежо многу ретко имале проблеми со дизајнот, особено на хечбек-моделите (205, 206...), новиот 308 стапнува во сосема нова зона – плени и како целина, но и со секој поединечен детаљ. Во стилот на премиум-моделите, кон кои 308 „пука“ со целиот арсенал.
Во внатрешноста доминира ај-кокпитот, сосе малиот волан и големиот централен екран. И тука е и најголемиот проблем на 308-ката. Сите повисоки возачи ќе мора да направат компромис – или воланот ќе го стават во најниската позиција за да ја гледаат инструмент-таблата, и ќе им биде неудобно, или ќе го нагодат воланот повисоко и тој ќе го скрие целиот ај-кокпит. Што е вистинска штета, бидејќи Пежо навистина се истакнало со ај-кокпитот. Воланот е малечок, но брзо легнува во рака, и е прилично прецизен. Рачката на автоматскиот менувач е како мал џојстик, но е вградена во суптилен држач за раката. Особено добра играчка се „пилотските“ копчиња под големиот екран.
Што се однесува на возењето, акцентот е ставен на удобноста. Во кабината е тивко и при поголема брзина, со традиционалната француска успешност во совладувањето на дупките. Комфорот е голем дел од шармот на францускиот лав. Што не значи дека зад воланот е здодевно, особено на споредните патишта со многу свиоци. 308 не е спортски автомобил, но има ентузијазам, умее остро да сврти, со без многу наведнување. Сè на сè, пежо 308 е филигрански сработен компромис меѓу удобноста, просторот, уживањето зад воланот и квалитетот на изработката и технологијата.
Новиот 308 природно ѝ припаѓа на класа во која владеат талентот, практичноста, сестраноста и односот вложено/добиено. И досега прилично добро се држеше во горниот дел на таа класа. Тежнеејќи да ги зарие забите класа погоре, Пежо својот влог го стави на дизајнот, квалитетот и општиот ќеф од новиот модел. И како резултат на сето тоа, новиот 308 е автомобил, кој нуди речиси сè – дизајн, комфор, практичност, технологија, страст, статус. Можеби не е директен наследник на 205 ГТ, но е суптилно жарче што може да надмине многу очекувања.
Петар Пејовиќ
Фото: Роберт Атанасовски