Пежо 308 ГТ 1,5 ХДИ

МКД-тест: Пежо со новиот 308 го враќа ќефот во возењето (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Пежо никогаш не смее да си игра со хечбек-моделите. Тие веќе подолго време се еден од носечките столбови на француската марка. А тоа особено важи за 308, кој за петнаесет години, колку што постои, е продаден во над 1,3 милион примероци. Што не е мал притисок врз новата, трета генерација.

 

Во последно време Пежо е фокусиран и на префрлање на високата технологија и квалитетот на изработката на високосериските модели, кои се произведуваат и се продаваат во голем број примероци. Што значи дека, покрај фолксваген голф и форд фокус, новиот 308 им ‘рчка во есапот и на ауди А3, БМВ серија 1 и А класата на Мерцедес. Што, повторно, не е мал притисок.

За среќа, новата генерација на 308 изгледа... фантастично. Сосема соодветно на тенденцијата на Пежо за вплеткување во премиум-сегментот, новата генерација е драматична, елегантна и спортска во исто време. И е многу поскладен автомобил од своите браќа кросовери со слична големина.

На предниот дел храбро стои новата значка на Пежо, и го надополнува агресивниот изглед на целото „лице“. Иако во Пежо многу ретко имале проблеми со дизајнот, особено на хечбек-моделите (205, 206...), новиот 308 стапнува во сосема нова зона – плени и како целина, но и со секој поединечен детаљ. Во стилот на премиум-моделите, кон кои 308 „пука“ со целиот арсенал.

Во внатрешноста доминира ај-кокпитот, сосе малиот волан и големиот централен екран. И тука е и најголемиот проблем на 308-ката. Сите повисоки возачи ќе мора да направат компромис – или воланот ќе го стават во најниската позиција за да ја гледаат инструмент-таблата, и ќе им биде неудобно, или ќе го нагодат воланот повисоко и тој ќе го скрие целиот ај-кокпит. Што е вистинска штета, бидејќи Пежо навистина се истакнало со ај-кокпитот. Воланот е малечок, но брзо легнува во рака, и е прилично прецизен. Рачката на автоматскиот менувач е како мал џојстик, но е вградена во суптилен држач за раката. Особено добра играчка се „пилотските“ копчиња под големиот екран.

Што се однесува на возењето, акцентот е ставен на удобноста. Во кабината е тивко и при поголема брзина, со традиционалната француска успешност во совладувањето на дупките. Комфорот е голем дел од шармот на францускиот лав. Што не значи дека зад воланот е здодевно, особено на споредните патишта со многу свиоци. 308 не е спортски автомобил, но има ентузијазам, умее остро да сврти, со без многу наведнување. Сè на сè, пежо 308 е филигрански сработен компромис меѓу удобноста, просторот, уживањето зад воланот и квалитетот на изработката и технологијата.

Новиот 308 природно ѝ припаѓа на класа во која владеат талентот, практичноста, сестраноста и односот вложено/добиено. И досега прилично добро се држеше во горниот дел на таа класа. Тежнеејќи да ги зарие забите класа погоре, Пежо својот влог го стави на дизајнот, квалитетот и општиот ќеф од новиот модел. И како резултат на сето тоа, новиот 308 е автомобил, кој нуди речиси сè – дизајн, комфор, практичност, технологија, страст, статус. Можеби не е директен наследник на 205 ГТ, но е суптилно жарче што може да надмине многу очекувања.

Петар Пејовиќ

Фото: Роберт Атанасовски

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе