Пежо е-208

МКД тест: Малиот лав рика гласно и на струја (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Двесте и осумката е еден од најмалите автомобили во понудата на Пежо, но тоа не значи дека не заслужува внимание. Напротив. Тој е еден од моделите што го вратија Пежо меѓу произведувачите на интересни автомобили, оние што ви го привлекуваат погледот по улиците и паркинзите и посакувате да ги имате во гаража.

 

Привлечноста е тука на прв поглед. Со предните светла како канџи на тигар, вертикалните дневни светла како вампирски заби, силуетата акцентирана со големите отвори за тркала со црн пијано-лак, лентата што ги поврзува задните светла и над која се перчи лавчето на Пежо. Исто како кај моделите со мотори на внатрешно согорување. Пежо очигледно не мисли дека електричните модели треба да се разликуваат од обичните.

И во право е. Особено кога основниот модел изгледа толку добро.

И внатрешноста е иста, од малиот мултифункционален волан преку кој гледате во ај-кокпит инструмент-таблата и одличната 3Д-графика, централниот дисплеј, интересниот дизајн и квалитетните материјали, клавијатурата на централниот гребен. Разликата е во менито на ај-кокпитот и централниот дисплеј, односно модусот за батериите, полнењето и возењето на струја.

Најинтересно нешто на тесниот автомобил се ознаките – буквата е на задните столбови и ознаката е-208 на петтата врата, и синиот лав на предната решетка. Тоа значи дека под хаубата нема мотор, барем не класичен, со внатрешно согорување.

Под хаубата се наоѓа сè што му треба на електромоторот да функционира, освен батериите, кои се под задните седишта.

Најважното нешто што сите ги интересира кога купуваат електрично возило е радиусот на движење со едно полнење на батериите, а второто – колку брзо се полнат.

Според официјалните бројки на Пежо, радиусот на е-208 со едно полнење е цели 340 километри, одлична бројка што во реални услови може да се намали, особено на ладно време, но сепак останува на самиот врв на она што се нуди на пазарот. Интересно е тоа што при нормални (домашни) услови батериите се полнат за цели 24 часа, но со брз полнач може да наполните од 0 до 80 отсто од капацитетот за само 30 минути. А полнењето и потрошувачката може да ги следите преку апликација на својот мобилен телефон.

Што се однесува до возењето, електричното пежо 208 е... нестварно. Сѐ е идентично како кај обичното 208, освен рачката на менувачот, која е како џојстик, и тоа што нема звук на моторот. Чувството е како да лебдите над асфалтот, со помош на струењето на ветерот. Погонот е на предните тркала, исто како со класичните мотори, со тоа што на располагање ви стојат здрави 136 коњски сили, и тоа без сецкање при менување брзина. Затоа што нема брзини. А до 100 километри на час стигнува за околу 8 секунди. Исто како легендарното 205 ГТИ од славните шампионски денови на Пежо.

Поради поголемата тежина на моделот благодарение на батериите (околу 500 килограми), електричниот двесте осум има поголеми сопирачки и потврди амортизери, што исто така долева чувство дека всушност возите спортски автомобил, кој сака добар предизвик.

Пак ќе истакнам: речиси е бесшумен.

Како се вклопува пежо е-208 во реалниот свет? Пазарот на електрични возила кај нас е речиси непостоечки, главно поради немањето мрежа на полначи, но и штурата понуда. Сепак, Пежо со електричниот двесте и осум покажува дека електричните возила може да бидат практични и употребливи во секојдневието, не мора да бидат необични, да стрчат во сообраќајот, викајќи „погледнете ме, јас сум еколошки свесен“, туку можете неизбежната хај-тек надменост што доаѓа со возењето на струја да си ја задржите за себе. И она што е, според мене, најважно, докажува дека електричните модели може да бидат забавни.

 

Петар Пејовиќ

Фото: Роберт Атанасовски

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе