Пежо 208 алур 1.2 пјуртек 100

МКД тест: Градскиот шмекер со сината крв на Пежо (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Пежо во последно време доживува ренесанса. По периодот на правење здодевни, климави автомобили, францускиот лав се буди од дремката и се враќа на своето природно место. Покрај офанзивата со кросоверите во речиси сите сегменти, од најмал до најголем, и големата лимузина 508, особено е важен сегментот на малите градски возила, каде што Пежо покрај конкуренцијата, треба да се докаже и пред сопственото наследство, таму каде што секогаш бил најсилен.

 

Уште од 80-тите години на минатиот век и култниот модел 205, француската марка е еден од главните играчи во таа класа. Следуваше 206-ката, со дизајн што сè уште е показна вежба како треба да изгледа еден мал автомобил. Следната бројка, 207, ќе ја скокнеме, затоа што така некако изигра и Пежо, и доаѓаме до актуелниот модел, 208.

Прашањето зошто тестираме автомобил што повеќе не е нов, го гледаме на улиците, веќе некое време е валидно. Наградата европски Автомобил на годината ја освои пред цела една година, иако лепенките на тестниот модел сè уште се перчат. Одговорот е – затоа што во меѓувреме стана еден од најлогичните избори во класата со жестока конкуренција, класата во која тесна битка бијат фолксваген поло, форд фиеста, рено клио, сеат ибица. И во која 208 требаше да си го врати статусот.

Најсилната страна на пежо 208 е тоа што од сите страни изгледа фантастично, во класата во која речиси сите други автомобили изгледаат помалку или повеќе здодевно. Се обидуваат да личат на моделите од погорната класа, но ретко на кој му успева. А поголемите модели на Пежо, пак, го имитираат помалиот брат.

208-ката не се обидува да личи на ниеден од актуелните модели на Пежо. Да, лицето ја има семејната сличност, особено со предните ЛЕД „заби“, но повеќе влече од наследството. Со обликот на покривот, големите отвори за тркала со пластична заштита, и ознаката на Ц-столбот, гордо покажува кој му е дедо.

Внатрешноста е одлично спакувана, со дигитална инструмент-табла, чија позиција е малку спорна, поради тоа што не може секој да ја најде идеалната прегледност. Особено повисоките. Фрустрирачки е што воланот покрива дел од инаку одличната 3Д-графика на инструментите.

Централниот екран е благо свртен накај возачот. Тука е и вториот минус во практичноста на кокпитот – командите за климата треба да се „ловат“ на централниот дигитален дисплеј, што е особено тешко во возење. Одлична финта е полицата под „клавијатурата“, која е доволно голема за мобилен телефон, и фраерски се отвора на допир.

Целата кабина дава чувство на квалитет. Да, има делови со тврда пластика, но тоа се деловите што не ги допирате со рака. Има доволно мали отвори за оставање ситници, за да не се тркалаат по кабината. Предните седишта се удобни, дури и за подолги дестинации.

Простор на задната клупа има малку, што е логично за градски автомобил. И просторот за глава е скратен поради паѓачката линија на покривот. Треба да се вметнете во задното седиште, како рака во ракавица, но возењето е удобно, доколку не е предолго. Багажникот е, па, доволно голем. Во оваа класа не треба да се очекуваат чуда. Но не е ни најголем во класата. Сепак, практичен е и пристапот не е комплициран.

Тестниот модел е 208 алур 1,2 пјур тек, што значи дека е полн со опрема. Тука се системите за активна и пасивна безбедност, ЛЕД дневните светла, мирор скрин опцијата на централниот дисплеј, задна камера за помош при паркирање...

Тоа значи и дека моторот е 1,2-литарскиот бензинец со средна моќност од 100 коњски сили. Може да се добие верзија со 75 коњски сили, и најмоќната со 130, која, според мене, го прави малото лавче најпривлечно. Ако ептен мора, има и дизел верзија, 1,5 блуХДИ со 100 коњски сили. А за влегување во новата доба на автомобилизмот, има и целосно електрична верзија е-208, како дел од стратегијата на Пежо „Моќта на изборот“.

Сепак, верзијата со 100 коњски сили е најоптимална. Чувството за воланот одлично, непосредно, што ве тера да ја стиснете педалата за гас малку посилно, а моторот добро реагира. Особено во спорт-модусот. Тогаш расте и потрошувачката, но не премногу.

Во свиоци 208-ката малку разочарува. Амортизацијата е направена да биде удобна, а не спортска, па автомобилот се наведнува од една на друга страна кога се обидувате побрзо да ги совладате свиоците.

Затоа пак, чувството на отворено е како да возите поголем автомобил. Удобен е, дури и на подолги дестинации, и возењето воопшто не е заморно.

Компромисот со амортизацијата е главно направен за градското возење, природното живеалиште на 208. Градскиот шмекер на Пежо не се труди да биде нешто што не е, па карактеристичниот француски комфор го истакнува на секоја дупка и лежечки полицаец.

Пежо 208 пред сè е автомобил во кој сакате да ве видат. Колку и да звучи клише, си ја тера целата приказна на францускиот шик, од привлечниот дизајн, па сè до изгледот на кабината и завршната изработка. Го прави сето она што се бара од него, без трошка форсирање и претенциозност. Затоа и толку често може да се види по градските улици и паркиралишта. А не може да се утне, особено кога дизајнот е облагороден со интересна боја.

 

Петар Пејовиќ

Фото: Роберт Атанасовски

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе