Фиат типо крос 1.0 Т3

МКД тест: Фиат мајсторски направи кросовер со повеќе суштина од форма (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Последен пат името типо го носеше модел на Фиат од 1988 до 1995 година. Во меѓувреме имавме разноразни брави и стиловци, но Италијанците пред некоја година решија да го вратат името типо за сосема новиот модел од Ц-сегментот, односно голф-класата.

 

Сега типото е уште поново, односно подновено, а доби и модерна кросовер-верзија, но иако изгледа модерно, впечатокот е дека модата не му е во преден план. И покрај тоа што според димензиите природни ривали му се фолксваген голф, форд фокус и рено меган, со цената всушност е директен ривал со шкода скала.

Секогаш кога компаниите претставуваат редизајниран модел, имаат мака, бидејќи треба да смислат нова приказна за модел што одамна не е нов. Истото важи и за автомобилските новинари – ние, пак, треба да најдеме нешто интересно во нешто веќе познато.

Овој пат Фиат ни ја олесни работата. Шест години по претставувањето на оваа генерација на типо, се решија за чепнување на кросовер-сегментот, класата што сè повеќе добива замав одвлекувајќи ги купувачите од традиционалните хечбеци, кои владееја со децении.

Цврст е, робустен, како откршен од една карпа, без непотребни украси што немаат никаква практична вредност. Типо крос всушност е замислено како моделите на Фиат од минатото – многу суштина, не многу форма. Седум сантиметри повисок од обичната верзија, веднаш ги најавува своите авантуристички амбиции, а и „лицето“ му е поагресивно од претходно.

Мора да се истакне дека секое поврзување на типо крос со авантура надвор од асфалтот останува само на амбиција. Секое излегување од асфалтот го преземате на сопствен ризик, бидејќи ниту е доволно висок, ниту пак има погон на сите четири тркала. Доколку, пак, под излегување од асфалт подразбирате селски земјени патишта, тогаш нема да имате никаков проблем.

Надворешниот дизајн веќе е познат и не премногу спектакуларен, но типото не се ни труди да биде повеќе од она што е – модерен семеен автомобил во повеќе каросериски изведби, со одличен сооднос на вложеното и добиеното. А со крос-верзијата, освен дополнителните 7 сантиметри до подлогата, добивате и еден куп украсни пластики убави на око.

Во внатрешноста нема речиси ништо ново. Но има сè во однос на неопходната нова технологија, сè е на своето место и е прилично логично и едноставно за користење. Фиат не се откажува од класичните копчиња и команди, што можеби не изгледа најмодерно, но е практично при возењето – полесно е да се притисне или сврти копче отколку да се бара командата на екран чувствителен на допир.

Во кабината место има на претек – и на предните и на задните седишта. Позади има толку многу место што тројца патници може да се опуштат и на подолги патувања. Предните седишта, пак, изненадувачки добро „држат“ во свиоци, но доколку не се влегува во нив премногу амбициозно.

Она што пречи во кабината е тврдата пластика, која ја има насекаде освен на горниот дел на инструмент-таблата.

Вистинската новина кај новото типо е под хаубата. Тестниот модел имаше 1,0-литарски трицилиндерски бензинец со 100 коњски сили, што е сосема доволно за секојдневните потреби. Повеќе од тоа ќе им треба само на оние што извозуваат сериозен број километри годишно.

Малиот, но агилен мотор на тестниот модел радосно исполнува сè што ќе побарате од него и се забележува отсуството на вибрации карактеристично за трицилиндерските мотори. Не се буни ни против нешто побрзо возење, меѓутоа тука ќејфот го расипува застарениот петбрзински менувач, кој бара често „шалтање“, што знае да замори.

Потрошувачката е сосема очекувана – околу 7,5 литри на 100 километри градско возење, додека на отворено паѓа и под 6, со умерено возење. Меѓутоа, на автопат потрошувачката повторно расте, на над 6,5 литри, поради немањето шеста брзина.

Сè на сè, сосема солиден резултат.

Крајниот заклучок за новото фиат типо крос е – мајсторија на Фиат. Успеаја да направат модерен и практичен автомобил, кој изгледа свежо, но не се наметнува со изгледот, туку со практичноста и содржината. Секако, за да се добие ваков краен резултат треба да се има добра основа, за што Фиат го имаше веќе солидното типо. Фиат типо крос е умешна комбинација од добар семеен автомобил, со сета модерна опрема и плус уште понекоја играчка, без тешкотија ги исполнува сите задачи, доколку не се претерува со очекувањата, и сето ова спакувано во модерен кросовер изглед. И сето ова за цена на скромно опремен хечбек. Мајсторски.

 

Петар Пејовиќ

Фото: Роберт Атанасовски

Стратешко партнерство на македонската влада со Зока енерџи солушнс, компанија регистрирана за обработка и отстранување на опасен отпад, не е правилен начин за решавање на проблемот во мала држава како Македонија.

повеќе

Цивилизацијата би можела да се дефинира како глутница која има рационална потреба да ги легитимира и образложи своите колежи, грабежи и узурпации.

повеќе

„Сакајќи ја Америка и должејќи ѝ ја првата верност нејзе, ние ќе бидеме безвредни синови и ќерки на Америка ако немаме љубов во нашите срца за почвата што нè хранеше во нашето детство, за јазикот што го зборуваме и што го немаме заборавено...“

повеќе