Првиот кросовер во модерната ера на компанијата дојде во 2003 година, кога Фолксваген го претстави туарег. Но германскиот гигант имаше офроуд возило и една деценија претходно, а голф кантри од 1992 година кој се продава во Германија е потсетник на таа ера.
Базиран на втората генерација на фолксваген голф која се произведуваше од 1984 до 1992, кантри беше официјален производ на Фолксваген, но не го произведуваше германската компанија. Производството беше префрлено во погоните на Стејр-Дајмлер-Пух во Австрија, каде од обичниот голф синкро со погон на сите тркала се зголемуваше растојанието од подлогата за 210 милиметри со помош на посебна шасија на која подоцна се додаваа заштитни плочи.
Неколку одбрани работници на Фолксваген кои работеле на проектот наводно добиле можност да купат еден од 50-те голф кантри ГТИ со славниот 1,8-литарски мотор со електронско вбризгување на горивото, а сите други мораа да се задоволат со обичниот 1,8-литарски мотор со 90 коњски сили од обичниот голф.
Тоа е и моторот во овој одлично зачуван голф кантри кој се продава на германскиот сајт Мобиле, но овој автомобил е нешто попосебен од повеќето кантри модели. Тоа е затоа што е еден од 558 примероци од серијата хром кои имале дополнителна опрема како хромирана предна заштитна решетка, сончев покрив на отворање и луксузен кожен ентериер.
Примерокот е во одлична состојба главно поради тоа што има поминато само 7.400 километри од првата регистрација во 1992. Голф кантри првично беше претставен во Женева во 1989 година како монтана коцепт.