Братоубиствена војна

Фолксваген се обидува да најде начин да се справи со својот најлут конкурент – Шкода

Шкода во последните години на многу пазари сериозно ѝ се закани на својата матична марка, Фолксваген, па германската компанија разгледува опции за да ја направи помалку конкурентна, јавува Ројтерс.

Откако во 1991 година Фолксваген ја презема Шкода, која тукушто излезе од комунистичката економија според чии правила работеше речиси половина век, чешката автомобилска гордост напредува од година во година.

Шкода денес работи многу успешно, со постојан раст на профитот и бројот на продадени возила, па менаџерите и синдикатите во Фолксваген се вознемирени бидејќи сметаат дека марката од заедничката автомобилска групација сериозно ги загрозува.

Фолксваген беше принуден по дизел скандалот во 2015 да ги кастри трошоците, додека Шкода во моментов е многу профитабилна и има подобар имиџ во медиумите и јавноста. Ројтерс пишува дека Фолксваген планира да ограничи дел од предностите кои Шкода ги има во однос на матичната марка, за кои Фолксваген смета дека не се фер.

Се мисли пред сѐ на тоа што Чесите добиваат развиена германска технологија а истовремено помалку ги плаќаат работниците во своите фабрики од Фолксваген, што овозможува поголем профит.

Фолксваген затоа ја разгледува можноста дел од производството на Шкода да го пресели во Германија, каде работниците се повеќе платени, што, сметаат Германците, е праведна компензација за технологијата што ја делат со Шкода.

Ако тоа се реализира, Фолксваген смета дека тоа би ја зајакнало неговата позиција како централна и најважна марка во рамките на групацијата, пред најавената офанзива на нови електрични модели кои се планираат до 2025.

Фолксваген поради штедењето во моментов се соочува со можно укинување на илјадници работни места во Германија, но силните домашни синдикатите излезот го бараат во преместувањето на дел од производството на Шкода во германските фабрики на Фолксваген чии капацитети не се целосно искористени поради помалата побарувачка на пасатот и веќе подостарениот голф од седмата генерација.

Истовремено од Шкода се бара повеќе да плати за користењето на популарната „ем-кју-би“ (MQB) механичка платформа на Фолксваген, која ја имаат голем број модели од Фолксваген групацијата.

Шкода во моментов е вистинска фабрика за пари во рамки на групацијата. Во последните три години оперативниот профит на чешката компанија се удвои на минатогодишните 1,2 милијарди евра, а маржата рипна на 8,7 отсто.

Со тоа Шкода стана попрофитабилна од луксузниот Ауди, застанувајќи на второто место во групацијата, веднаш зад Порше. Од друга страна, Фолксваген и понатаму, глобално гледано, продава повеќе автомобили од Шкода, но поспоро расте во Европа. Бидејќи лани профитот му падна за третина, маржата се намали на само 1,8 отсто.

Од Чешка порачуваат дека најавата за „братоубиствена војна“ е целосно бесмислена.

„Ние главно привлекуваме купувачи надвор од Фолксваген групацијата и тоа е нашата мисија“, изјави шефот на Шкода Бернхард Маер.

Дел од менаџерите на Фолксваген исто така сметаат дека конфликтот е непотребен.

„Наместо да ги фокусираме напорите за битка со Тесла, ние поставуваме темели за залиден интерен судир“, изјави еден од менаџерите кој сакаше да остане анонимен.

Дека информациите на Ројтерс се точни индиректно потврди и претставник на Фолксваген кој истакна дека се разгледува идното позиционирање на марките во групацијата, но и дека преговорите сѐ уште траат.

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе

Жените имаат повеќе тешкотии од мажите да најдат значајна и добро платена работа, а процентот на жени во глобалната работна сила постојано заостанува зад процентот на мажите. 

повеќе

Во нашето општество сме опкружени со многу, многу партизани. Партизани во политиката, партизани во образованието и науката, партизани во бизнисот...

повеќе