За првпат во историјата било формирано партнерство меѓу произведувач на егзотични модели, откако италијанскиот претседател му се јавил на Енцо Ферари и го убедил да ѝ даде два модели 250 ГТЕ на римската полиција во 1962, на барање на Армандо Спатафора, еден од најуспешните и најславни полицајци во престолнината.
Заедно со уште со тројца колеги, Спатафора посетувал обука за брзо возење во Маранело, и откако ја завршил, добил нов службен автомобил, црно ферари 250 ГТЕ, со 3,0-литарски V12 кој давал 237 коњски сили и постигнувал брзини над 250 км/ч. Возилото било во црна боја со кафеав кожен ентериер, со ознаки на вратите и ротациски светла, сирена и радио.
Спатафора следните шест години ги минал зад воланот на ферари, а оваа комбинација станала толку легендарна што за криминалното подземје на Рим станало престиж да го победат во брканица со автомобили.
Додека служел како полициски автомобил, 250 ГТЕ бил постојано сервисиран и одржуван во Маранело, што обезбедило секогаш да биде во најдобра можна состојба.
Во 1968 година гранд турерот бил пензиониран и во 1972 година бил продаден на јавна аукција, завршувајќи кај колекционер кој следните 40 години внимателно го чувал. Во меѓувреме бил покажуван на бројни настани низ цела Европа, вклучувајќи ја и трката Копа деле Доломити, на која повторно бил обединет со пензионираниот Армандо Спатафора, кој се тркал со него и освоил сребро.
Легендарниот статус на автомобилот му обезбедил привремено место во Музејот на полициски возила во Рим, каде бил позајмен на почетокот на 2000-те. Треба да се истакне дека ова е единствениот приватен автомобил во Италија кој има специјална дозвола да вози со полициски ознаки, сино ротациско светло и сирена.
Во 2015 година уште еднаш го смени сопственикот и следната година се појави на американскиот Конкур делеганс во Пебл Бич.
Ова е единствениот преживеан полициски 250 ГТЕ, бидејќи другиот бил уништен само неколку недели откако заминал од фабричката хала. Во 2014 година има добиено сертификат од Ферари класиче, а сега се продава на аукција по непозната цена.