Тест: Шкода скала 1.0 ТСИ стајл

Чешкиот голф не го загрозува својот „братучед“, но ја гази другата конкуренција (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Шкода и досега имаше модел во сегментот на фолксваген голфот – октавијата. Но поради тоа што голфот е хечбек, а октавијата има издолжен багажник, сите ја сметаат за седан, и тешко е да се види германската ДНК што се крие под ознаката.

 

Сепак, Чесите досега немаа хечбек во оваа класа (и фелицијата и рапидот не се сметаат, бидејќи се премали), и скала го менува тоа. Нема никаква врска со помалиот рапид, кој наводно го заменува. За разлика од обичниот и здодевен рапид спејсбек, скала е далеку посериозен модел, и дизајнерски и содржински.

Надворешниот дизајн е Шкодина верзија на ауди А3 спортбек, и во поскапите верзии изгледа многу добро, со лед предни и задни светла, големи алуминиумски тркала, панорамски покрив и карактеристичните линии на поголемите модели на компанијата. Така се гледа самодовербата на чешките дизајнери, кои немале потреба да крадат решенија (освен малку од сопствената групација) за новиот модел.

Иако е нијанса поголема од голф седум, скалата не е замислена како конкуренција на голфот, туку треба да го одвлече вниманието на конкуренцијата како форд фокус, опел астра, мазда3, ситроен Ц4, рено меган, киа сид и другите во овој сегмент, кои упорно се обидуваат да ја „нагризат“ популарноста на основачот на оваа класа.

Сепак, ако ја споредите со дизајнот на мазда3, особено со основното ниво на опрема со обични светла и мали тркала, изгледа прилично кутро, но затоа пак паркирана до новиот фокус или пак со сидот на Киа, веднаш се истакнува како посериозен и поиновативен автомобил.

Внатрешноста е едноставна, квалитетно направена (со исклучок на одредени тврди пластики на вратите) и преполна со современа опрема, која досега ја имаа само поголемите модели. Наместо стандардните аналогни инструменти со борд-компјутер, може да се доплати за дигитализиран 10,25-инчен екран, а централниот информациско-медиумски екран кој варира од 6,5 до 9,2 инчи и Смартлинк систем нуди повеќе содржини за поврзаност, иако од време на време го одвлекува вниманието од возењето. Навигацијата се доплаќа, но со усб-приклучоците (или адаптер доколку немате усб-ц приклучок) и Смартлинкот, може да ја користите навигацијата од телефонот.

Тестниот модел беше полн со безбедносна опрема: електронска програма за стабилност, радар за автоматско сопирање, старт-стоп, како и систем за помош во одржување лента, поради кој од време на време се тегнете за контролата врз воланот со електрониката, особено на нашите патишта, каде што лентите се малку нејасни...

Поради големината логично е дека шкода скала ја добила платформата од голфот, особено бидејќи е слична за возење, но всушност одоздола е платформата на поло.

Возењето е цивилизирано, ни премеко ни претврдо, но скалата веднаш дава до знаење дека е одличен семеен автомобил и дека не треба да очекувате спортски перформанси. Сѐ кај неа им е подредено на удобноста и практичноста.

Моторите се веќе познати – основниот е 1.0-литарски ТСИ со 95 и 115 коњски сили, а се нуди и технолошки беспрекорниот 1,5 ТСИ со 150 коњски сили и со опција за исклучување на два цилиндри при мирно возење. Првиот мотор се нуди со петбрзински рачен менувач, додека другите два имаат шестбрзински рачен и седумбрзински автоматски ДСГ. Во понудата има и еден дизел мотор, 1,6 ТДИ со 115 коњски сили.

Иако му пријдов со предрасуди, малиот трицилидарски мотор на тестната скала е (изненадувачки) мошне добар, иако има само еден литар работна зафатнина и 115 коњски сили. Одлично се носи со големината на автомобилот и најсреќен е на високи вртежи, но тогаш бајаги расте потрошувачката. Единствената мана на моторот е звукот – лош, преслаб и на повисоки вртежи звучи како машина за шиење, но со штедливоста (доколку не го „цедите“) и изненадувачката моќност на малиот мотор ќе им ги затнат устите на повеќето критичари.

Шкода под Фолксваген никогаш не се плашела од новите модели. Се проба со румстерот, рапидот, јетито... Но иако со фабијата, октавијата и супербот почна скромно, настапувајќи главно со практичноста и соодносот вложено/добиено како адути, овојпат настапува далеку посамоуверено, со одличен дизајн, просторност, квалитет на изработка, дури и перчење со опремата. Иако повторно тргнува во освојување на истиот сегмент како со октавијата, сега станува збор за сосема поинаков концепт. И иако не го загрозува голфот, првенецот на целата Фолксваген групација, исто како што не го загрози ни октавијата, неволјите за конкуренцијата допрва следуваат, особено за оние чии модели во овој сегмент во меѓувреме станаа здодевни и неиновативни.

 

Петар Пејовиќ

Фото: Роберт Атанасовски

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе

Дали ние, луѓето, сакаме да продолжиме да живееме добро и безбедно на оваа планета?

повеќе

САД остануваат најмоќната држава во светот, но францускиот претседател Макрон прави сѐ да стане своевиден „пандан“ на претседателот на САД.

повеќе