Тој дојде во 1962 година, со претставувањето на седаните од „Новата класа“. Со 80 коњски сили од 1,5-литарскиот четирицилиндерски мотор, БМВ 1500 не беше многу брз. Но се продаваше екстремно добро, што повлече верзии со поголеми мотори. Имаше и помалку опремени, полесни и подостапни верзии, како моделот 1600 со 85 коњски сили од 1,6-литарскиот мотор и со две врати – од таму и ознаката 1600-2. Стана толку популарен што подоцна стана „1602“.
Иако од серијата позната како Е10 најкултните модели се 2002 и турбо, 1600 купе има свој уникатен шарм.
Едно од нив повеќе од една деценија успешно се криеше во безбедноста на својата гаража. Не е совршен примерок, но е автомобил што си ги покажува годините (децениите) на фасцинантен начин – со патина и приказна.
А приказната почнува во 1971 година, кога бемвето стигнало преку Словенија во Скопје, кај господинот Андреја Михајловски. Две генерации подоцна, неговиот внук Андреја го разоткри реткиот автомобил на Фејсбук, на наше задоволство.
Од неговото пристигнување сè до сега, бемвето останало во истото семејство. До пред некоја година и кај истиот сопственик. Се возело, се тинтрало, со него се одело на одмори, следните генерации се учеле да возат. Се сакало. Со едно главно правило: чистење на нозете пред влегување и седнување на навлаките од мечкино крзно.
Сега автомобилот се продава, со тешко срце. Како да се одреди цена на нешто со толкава нематеријална вредност? Ние, еве, навиваме бемвето да остане таму каде што е, па некој од наследниците на оригиналниот сопственик да се нафати да го среди и да го врати на скопските улици.
Каква и да му биде судбината, светлосиното БМВ 1600 Е10 е симбол на автомобилите од тоа време, поедноставни, понепосредни, за некого и подобри.
И симбол на времето кога во Скопје имало мангупи со фраерски коли.
Петар Пејовиќ
Фото: Роберт Атанасовски