Пресврт

За „контрабомбата“ на Верушевски молчат и Заев и Црвенковски, Груевски ѝ се израдува

Премиерот Зоран Заев, кој ѝ ги претстави „бомбите" на јавноста, и поранешниот претседател на Македонија и на СДСМ Бранко Црвенковски засега молчат за изјавата на разузнавачот Зоран Верушевски дека прислушуваните разговори добиле „страотни модификации и компромитации". Од изјавата на Верушевски јавноста слушна за еден поинаков пат на нелегално снимените разговори од УБК до штабот на СДСМ.

На оваа изјава на Верушевски засега најмногу ѝ се израдува Никола Груевски, поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, кој е во бегство во Будимпешта. Тој на својот фејсбук-профил за неа напиша дека „одекна најсилната бомба. Власта ја рушеле со монтирани снимки. Полека, но сигурно вистината испловува на површина...

Кога се појавија „бомбите” во 2015 година објавивме дека не се автентични и целовити односно дека отпосле во нив се вршеле интервенции. Медиумите, новинарите, аналитичарите и хејтерите кои го поддржуваа СДСМ се мајтапеа со фразата 'сечени, лепени, прелепувани и монтирани'”.

На сведочењето за случајот на СЈО, „Таргет – Tврдина“, пред два дена Верушевски рече дека сите информации и сознанија во врска со незаконското прислушување завршувале во политичката партија и оти увид во целата документација имал лидерот на партијата.

Документацијата е цело време во партијата и со неа управува лидерот на партијата“.

Тој потврди дека се познавал со разузнавачите Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски. Лазаревски, како што посочи, бил еден од оние што доставувале документација во партијата, а, според сведочењето на Верушевски, тоа го правел уште пред овој да дојде да работи како одговорен за безбедносната политика во СДСМ.

Разузнавачите од УБК Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски тврдеа дека нелегалните прислушувани разговори во УБК ги снимале тајно, па на цедиња и УСБ му ги давале на Верушевски.

Јас кога дојдов во партијата на крајот на 2010 година продолжив да комуницирам со Лазаревски како одговорен за безбедносната политика на СДСМ“, рече Верушевски.

За документацијата рече дека доживеала „страотни модификации“ по неговото лишување од слобода во 2015 година.

Факт е дека таа документација доживеа страотна модификација и компромитирање и сето тоа се случува по моето лишување од слобода“, истакна Верушевски, кој од летоска е претседател на комисијата на СДСМ за внатрешни работи, а истовремено е и советник на премиерот за национална безбедност.

Верушевски сведочеше дека увид во снимките од прислушуваните разговори имал и Бранко Црвенковски. Од неговиот кабинет вчера само кусо одговорија дека поранешниот претседател останува на ставот дека не дава изјави за медиумите на ниедна тема, вклучително и на оваа.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, вчера за изјавата на Верушевски коментираше дека Заев бил „подготвен на сè за да се дограби до власт“.

Тоа го потврди и сведок на обвинителството што го води тој случај, односно го потврди сведок на јавен обвинител што работеше во СЈО. Снимките требаше да бидат обработени од страна на СЈО, за кое видовме дека служело за рекет и за уцени, наместо да донесе право и правдина. Затоа би оставил на правосудните органи да утврдуваат. Јас само би прокоментирал дека се потврди сето она што го зборувавме години наназад – дека Заев е подготвен и да модифицира и да манипулира и да направи сè што треба – само за да дојде до власт и да создаде бенефит за себе и за своето семејство“, изјави Арсовски.

Вчера на оваа тема изјава даде и портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

Веродостојноста на 'бомбите' е неколкукратно потврдена досега, за што потврда е и вештачењето што беше направено во Германија. Сите граѓани и целокупната јавност имаа можност да ги слушнат обвинувањата, да ги слушнат гласовите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ за пиштење, вриштење и тегнење за уши и тоа е факт. Автентичноста ја потврдија и луѓето што беа инволвирани во самите материјали. Дополнително, имајќи ја предвид приватноста, СДСМ не ги објави приватните разговори, но сите разговори беа предадени во СЈО“, рече Костадинов.

Сведочењето на Верушевски не се совпаѓа целосно со сведочењата на „свиркачите“ Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски. Лазаревски во судница сведочеше дека снимките од разговорите му ги давале на Верушевски и дека тој и Костовски кон крајот на 2010 година направиле план како да обезбедат докази за нелегалното прислушување во земјава. Од почетокот на 2011 година прислушуваните материјали од УБК континуирано му ги предавале на Верушевски. Лазаревски раскажа дека клучниот момент кога со колегата Звонко Костовски решиле дека ќе ги вадат нелегалните аудиофајлови од УБК бил упадот на полицијата во А1 телевизија, кој се случи неколку дена пред крајот на 2010 година.

Тој објасни дека потоа случајно се сретнал со Зоран Верушевски и ексразузнавачот го посоветувал дека материјалите треба да се чуваат и да се анализираат.

Вистинското вадење на материјалите следуваше откако контактиравме со него“, објасни Лазаревски.

Наспроти ова е вчерашното сведочење на Верушевски, кој рече дека снимките од прислушувањето не завршувале директно кај него, туку дека тој имал допир со нив како одговорен за безбедносната политика во СДСМ.

Ова сведочење на Верушевски како сведок на обвинителството е своевиден пресврт во аферата за масовното нелегално прислушување на повеќе од 20 илјади граѓани и за уништувањето на опремата во поранешната УБК.

Останува да се види со што ќе резултираат овие сериозни разлики и спротивставени тврдења во сведочењата на поранешниот разузнавач Зоран Верушевски и ексвработениот во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Ѓорѓи Лазаревски за начинот на кој се ваделе и менаџирале нелегално снимените разговори од канцелариите на УБК.

Адвокатот Александар Тортевски смета дека Јавното обвинителство треба веднаш да го повика Зоран Верушевски.

Треба Верушевски да каже на кои снимени разговори мислел кога рекол дека се модифицирани и тоа треба сериозно да се провери. Обвинителството треба да го соочи со Лазаревски и со Костовски. Доколку се утврди дека во претходната постапка, во предистрагата, Верушевски кажал нешто сосема спротивно, тогаш треба да му се покрене постапка за лажно сведочење“, вели Тортевски и прашува зошто Верушевски досега молчел.

А.Д.

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе