Црвенковски: Ја донесовме најтешката одлука во историјата на партијата

По настаните од 24 декември секакво релативизирање и глумење нормалност не би било ништо друго освен давање зелено светло на Груевски да продолжи со своите погубни политики, вели Црвенковски во интервју за Дојче веле.

Претседателот на опозицискиот СДСМ за Дојче веле зборува за одлуката за бојкот на локалните избори и следните чекори на неговата партија.

Бранко Црвенковски

Господине Црвенковски, чувствувате ли одговорност кон граѓаните, на кои со бојкотот на локалните избори им го одзедовте или го стеснивте правото на избор, а на владејачката коалиција ѝ оставивте широко отворени врати за целосно освојување на локалната власт во земјава?

-Одлуката за бојкот на локалните избори беше една од најтешките во историјата на партијата. Свесни сме за последиците што таа ги носи и за партијата и за државата. Но уште повеќе сме свесни за одговорноста што би ја презеле кога со своите постапки би станале соучесници на власта во нејзините намери за инсталирање партиско-полициски режим, рушење на правната држава и газење на демократијата. По настаните од 24 декември секакво релативизирање и глумење нормалност, секаков обид работите да се заборават, не би било ништо друго туку давање зелено светло на Груевски и „фамилијата“ да продолжат со своите погубни политики. Не е точно дека со бојкотот граѓаните ќе немаат избор. Тие го имаат и се наоѓаат пред клучниот избор. Дали молчешкум и со наведната глава ќе се согласат да живеат во страв и без никаква перспектива или ќе се решат да дадат отпор, да си ја вратат државата назад. Да ја одбранат слободата, демократијата, правдата, иднината, своја и на своите деца. А тоа е најважниот избор.

Според правни експерти, погрешно одигравте „или-или“, а можевте да добиете „и-и“. Тие сметаат дека непотребно се откажавте од локалните избори, бидејќи со понатамошниот опозициски бојкот на парламентот се доведува во прашање неговиот легитимитет, па неминовно ќе мораше да се отвори и прашањето за предвремени парламентарни избори, што вие го деклариравте како ваша цел. Зошто се откажавте од таа варијанта?

-Ако се уважуваа правните аргументи, ние како држава воопшто немаше да бидеме доведени во ваква состојба. Не заборавајте го фактот дека си имаме работа со власт што пред очите на целата домашна и меѓународна јавност тепаше пратеници и новинари среде парламентот и грубо прекршувајќи ги и Уставот и деловникот насилнички и противзаконски го донесе буџетот. Тоа само по себе во една нормална демократска држава би резултирало со оставка на владата. Тоа не само што не се случи, туку власта дополнително продолжи со своите недемократски постапки, како на пример, менување на деловникот во отсуство на опозицијата. Учеството на локалните избори без договор за одржување предвремени парламентарни избори би создавало привид на нормалност и легитимитет на актуелната власт. А ако ѝ сакаме добро на оваа наша држава, оваа власт не треба да се легитимира, туку час поскоро да се порази.

Постоеше ли одреден предлог во разговорите со олеснувачите што го пропуштивте заради антагонистички позиции, а можеше да биде компромисно решение меѓу власта и опозицијата за излез на кризата?

-Во изминативе дваесетина дена на маса беа ставени повеќе иницијативи и предлози што нудеа излез од политичката криза. Буквално сите беа одбиени од Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. За конструктивноста на СДСМ и „Сојузот за иднина" можете сами да заклучите од предлогот што јавно го соопштив во петокот: ако на локалните избори опозиционата коалиција освои повеќе гласови од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, да има предвремени парламентарни избори, и обратно, ако победи ВМРО-ДПМНЕ, ние да се откажеме од барањето за парламентарни избори. Значи граѓаните со својот глас да одлучат. Има ли нешто пофер и поконструктивно од тоа? И видовте, тој предлог беше промптно одбиен. Зошто? Зарем Груевски се реши за продлабочување на кризата и за загрозување на евроатлантските перспективи само затоа што се плаши од гласот на народот? Па нели сигурно ќе победат на локалните избори? Или сепак не ќе да е така??

Има ли макар и минимална шанса за некаков пресврт до 24 март, со оглед дека има законска можност за измени на роковите за кандидатските листи?

-Ако има вистинска политичка волја, постојат можности за решение сѐ до денот на одржувањето на локалните избори. Таква политичка волја кај власта јас досега не видов. Напротив, сведоци сме на едно крајно неодговорно и арогантно однесување, радикализирање на реториката и целосно игнорирање на тешките последици за државата, кои неминовно ќе следат. Сами ја создадоа оваа криза, сами ја продлабочуваат, сами ќе мора и да се соочат со одговорноста. Ние сме цврсто решени да го продолжиме отпорот, кој во наредниот период ќе се интензивира и ќе добива нови форми. Ова е битка за тоа каква држава ќе имаме и во каква држава ќе живееме. А од таква битка нема откажување сѐ до конечната победа.

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе