Објавена е биографијата на Борис Сарафов од Павел Шатев

Друштвото за издавачка дејност „Македонија“ од Скопје и Државниот архив на Република Македонија ја објавија книгата „Борис Сарафов (биографија)“ од Павел Шатев, како втор том од оставината на Шатев. Преводот е на Предраг Димитровски, а стручната редакција и предговорот се на проф. д-р Зоран Тодоровски.

Борис Сарафов

Личноста на Борис Сарафов во македонското револуционерно движење досега не е целосно научно проучена и валоризирана. До Втората светска војна македонските интелектуални дејци во Бугарија, па и неговите соборци и учесници во македонското револуционерно движење, не објавија посериозен труд за улогата на Борис Сарафов во македонското дело. По Втората светска војна и македонската историографија, па и бугарската, кои со години ги проучуваа, анализираа и расветлуваа процесите, настаните и личностите на македонското револуционерно движење и пројавите, поделбите и судирите во Македонската револуционерна организација, објавувајќи томови книги за нив, во своите научни проекти го избегнуваа поцелосното и попродлабочено проучувањето на револуционерниот профил на Борис Сарафов. Во македонските историски трудови, Сарафов, главно, е претставен како офицер на бугарската армија, учесник во импровизираните востанија и акции, врховист и припадник на пробугарското крило во Македонската револуционерна организација, авантурист по европските престолнини, склон на собирање средства за Организацијата и нивно ненаменско расфрлање и трошење, а неговите соработници и приврзаници беа нарекувани „врховисти“ и „сарафисти“.

Ваквата потреба за објавување труд на севкупното револуционерно дело на Борис Сарафов ја уочил и Павел Шатев, кој за време на својот престој во затворот во Ќустендил, во периодот 1942-1944 година го напишал овој труд. Книгата на Павел Шатев за Борис Сарафов не е класична биографија за овој македонски револуционерен деец. Всушност, текстот претставува анализа на неговата револуционерна дејност, преиспитување на објавените трудови, написи, спомени, сеќавања и изјави од неговите соработници и современици, еден вид трактат за неговите револуционерни, морални и етички поведенија. Истовремено е и тестаментарен завет на Шатев за презентирање на вистинскиот лик на актерот што ги обезбедил парите за купување на динамитот за извршување на солунските атентати, во кои и Шатев беше еден од учесниците.

„Преку овој ракопис посветен на Борис Сарафов, Павел Шатев не само што се осврнува на најважните настани од револуционерното минато на Македонија и на македонскиот народ, туку во него се содржани и неговите погледи, опсервации, размислувања и констатации во однос на историските настани, процеси и личности од македонската историја, како и за македонските проблеми и за потребите и методите за изнаоѓање решение за македонското прашање“, пишува Зоран Тодоровски во предговорот.

Павел Шатев е еден од најистакнатите македонски револуционери, национални дејци, политичари и државници. Како публицист на поголем број трудови и автор на повеќе необјавени ракописи за историското минато на македонскиот народ, тој се легитимира како прв македонски научен историограф.

Револуционерната дејност на Павел Шатев е интегрално вткаена во најсудбоносните собитија на македонското национално ослободително движење како непосреден учесник и активен сведок речиси на сите етапи на македонското револуционерно минато. Неговата револуционерна дејност, главно, може да се подели, главно, на три периоди: анархистички, национално-федералистички и комунистичкиот период.

Оставината на Шатев изнесува повеќе од 4000 страници во ракопис, а само еден мал дел од неговите трудови се посебно објавени во Република Бугарија. Оригиналните ракописи и целокупното зачувано творештво на Павел Шатев се наоѓаат во Државниот архив на Хрватска, а микрофилмовите со право на објавување минатата година на новинарот Предраг Димитровски му ги отстапи Милка Шатева – ќерка на Павел Шатев. Во неколкуте тома од пишаната оставина на Шатев, покрај неговите трудови, документи и материјали, ќе бидат објавени и белешките за него и записниците од неговите сослушувања во некогашната ОЗНА, а сето тоа заедно ќе фрли нова светлина не само врз името и делото на еден од најзначајните македонски дејци на 20 век, туку и врз македонската историја.

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе