Последна шанса за Македонија во ЕУ, потоа доаѓаат Грците и изборите

Сигурно не случајно денеска специјалниот известувач во Европскиот парламент за Македонија потсети дека догодина во земјите членки на ЕУ ќе се одржуваат избори за парламентот. Тие ќе се одржуваат од 5 до 8 јуни 2014 година, а после тоа, потсети Ховит, „никој не може да смета дека ЕУ ќе остане да се движи во истиот правец".

Другиот правец е се разбира кочење на процесот на проширувањето на ЕУ со нови земји членки и се позачестените информации од Брисел дека бројот на противниците на процесот на проширување се зголемува.

Ако на ова се додаде и податокот дека од јануари 2014 година со ЕУ ќе претседава Грција (по сегашниот претседавач Ирска на реде е Литванија), тогаш квалификацијата за историската шанса на Македонија за почнување на преговорите за датум за членство во ЕУ навистина добиваат на тежина.

Оттука се чини и не треба да не зачудува оваа гужва од посети на Македонија на  политичарите од Брисел. Тие најдобро знаат што може да значи шестмесечното претседателствување на Грција со ЕУ за Македонија, а уште подобро знаат што значат изборите за европарламентот и вообичаеното запирање на сите процеси се додека не легнат работите со новиот состав на европарламентарците.

Ховит утрово на конференцијата за печатот нагласи дека постои историска можност за Македонија во Европскиот совет во јуни, но оти „она што ќе се случи тука во следните неколку денови може да го одреди она што ќе се случи во Брисел за неколку години“.

Колку овие предупредувања ги разбираат македонските политичари?

Како што сега стојат работите на добар пат сме првпат по четирите по ред позитивни извештаи на Европската Комисија за напредокот на Македонија, да добиеме негативен. Овојпат главната улога за тоа нема да ја имаат ни Грција, ниту пак Бугарија, ни пак нивните пријатели од ЕУ, туку вештачки предизвиканата политичка криза во Македонија. Тука на купче се суетите на политичарите, нивната тврдоглавост, ставањето на личните пред државните интереси, опстанокот на политичката сцена... поигрувањето со судбината на македонските граѓани на сметка на индината на Македонија.

Тука најголемата одговорност ја има Бранко Црвенковски, лидерот на СДСМ кој откако е во опозиција едноставно не може да се помири со таа ситуација и постојано предизвикува вакви и слични кризи. Постојаните барања на оваа партија под водство на Црвенковски за предвремени парламентарни избори веќе станаа смешни. А и кога тоа барање му се удоволува и не завршува според неговите лични желби и амбиции, тогаш народот е тој што греши („Народот е секогаш во право и тогаш кога греши“).

Кој греши денеска?

Ако не греши пак Црвенковски и ако е уверен во тоа дека народот конечно сфатил дека на последните предвремени парламентарни избори згрешил, тогаш единствениот нормален потег на оваа партија е да излезе на избори, а не на улица. Нека остави народот пак да реши во март, на локалните избори, за да може потоа на раат да се подготвува за наредните редовни парламентарни избори.

Се друго е на штета и на граѓаните и на самата партија на која одамна и е дојдено времето за едно сериозно кадровско освежување и враќање на демократските принципи.

Александар Дамовски

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе