Методија Шаторов-Шарло: одметник и предавник или огнен поборник за македонска самобитност (2)

Во своето писмо до Извршниот комитет на Коминтерната, упатено преку ЦК на КПЈ и ЦК на БКП, кое всушност претставува и официјална исповед на Методија Шаторов за неговата работа во ПК на КП во Македонија, тој најенергично ги отфрлува сите обвинувања против него, подвлекувајќи дека неговото исклучување е засновано на клевета и дека тој како „непартиски борец“ веќе не може да земе учество во „револуционерната борба“. Меѓутоа, овој извештај на Методија Шаторов-Шарло не беше сериозно разгледуван и коментиран сè до осамостојувањето на Македонија во 1991 година.

Извештајот на Методија Шаторов-Шарло го има датумот 16.9.1941 година. Документот започнува со констатацијата дека „на состанокот што го одржа бирото на ПК за Македонија известен сум дека по одлука на ЦК на КПЈ сум исклучен од редовите на Партијата и ПК поради грешки, престапи и саботажи во однос на партиската дисциплина и некои други прашања“. Во продолжение на извештајот Шарло констатира дека „точките по кои сум обвинет добро ви се познати, па затоа сметам за потребно да дадам објаснувања за мојата работа во ПК на Македонија и да го молам секретаријатот на Исполкомот на КИ да ги разгледа мојот извештај и другите реагирања. Исто така, ги молам централните комитети на двете партии да го разгледаат мојот извештај, кој ќе стаса до нивните раце, да одредат комисија што ќе ја провери точноста на обвинувањата и да утврди колку сум јас крив, а колку Бирото на ПК на Македонија“.

„Исклучен сум заради: а/ заради свесно саботерско држање и одбивање на директивите на ЦКЈ; б/ заради поништување на повикот издаден од страна на ЦКЈ со кој се повикуваат масите на борба и акција; в/ заради директивата издадена од мене да се предава оружјето на германските и бугарските окупатори, и да остане партијата и масите да водат војна со голи раце; г/ заради гонење на српските другари и заземање на национал-шовинистички позиции; д/ заради одбивање да се јавам во Белград за разгледување на македонското прашање; е/ не сум организирал саботажни и четнички акции, туку свесно сум саботирал и побегнал во Софија и на тој начин сум ја одбегнал нивната контрола; ж/ заради тоа што сум издејствувал некакво ‘божемно’ поврзување со бугарската партија; з/ заради паролата Советска Македонија.“

За сите погоре изнесени обвиненија Методија Шаторов-Шарло дава исцрпни образложенија.

По првата точка од обвинението Шарло признава дека „оваа година“ имало само еден случај кога тој пројавил непослушност кон директивите на ЦКЈ, а тоа се однесувало на распуштањето на Партијата, но, според него, „моја партиска должност беше да предложам решение на тоа прашање, а не да се изврши сосема обратното“. Што се однесува на прашањето за предавањето на оружјето, Шарло во извештајот наведува: „Ова прашање исто така се злоупотребува. Директива за несобирање на оружје не сме давале. За оружјето што веќе беше собрано и складирано исто така не сме дале директива да се предава. За тоа можете да се информирате кај одговорниот другар од Скопје, одговорен во ПК за собирање оружје. Ние тоа оружје го набавивме купувајќи го нарочно кај Арнаутите“. Најзначајното прашање, кое особено го засегаше Методија Шаторов-Шарло, беше поврзувањето со Бугарската работничка партија. Тој ова прашање го образложува на следниот начин: „Македонија немаше врски со ЦК на КПЈ и не треба да се сомнева во тоа дека ние бевме повикани, а не дека ние баравме врски со ЦКБ и поради тоа обвинувањата на моја адреса не ги прифаќам“. Во точката 5 ќе каже: „И покрај сето тоа, ние не се поврзавме со ЦКБ сè додека ЦКЈ не ни даде одобрување, така што ние стварно го прашавме ЦКЈ за поврзувањето со ЦКБ и тоа го разгледувавме повеќе пати во ПК на Македонија во месец август, но тој (ЦКЈ) мислеше дека поврзувањето со ЦКБ ќе ги активира партиските организации. На другарите од ЦКЈ им напомнувам дека ние баравме од нив дозвола за поврзувањето со ЦКБ, тие ни порачаа дека ќе ни испратат јавка помеѓу двата централни комитети, т.е. и ние да воспоставиме врски заради што отидов во Софија на 24.5. а се вратив на 1.6.“.

Како што се гледа од образложението, Шарло не ги признава обвинувањата и наведува факти во своја одбрана, а воедно го обвинува ЦК на КПЈ дека во овој случај постапил неправилно. На крајот, Шарло заклучува: „Другари, јас мислам дека одлуката на ЦКЈ за моето исклучување е престрога и дека е диктирана од една страна од лошата партиска процена за мојата партиска работа, а од друга страна, таа е заснована на клеветите на другарот Митре (Лазар Колишевски) и на одредени интелектуалци, кои во желбата да дојдат до партиски позиции бараа покритие за својата работа, и не се запреа ни пред фактите што ги изнесовме и затоа за мене е ужасно постоењето на другарот ‘Митре’, кој се служи со клевети во мое отсуство, тој не заслужува да биде член на Партијата, гледајќи сè што мене ми припиша, сè што е антипролетерско, антикомунистичко и антипартиско однесување... Лично за себе ги признавам своите грешки, но сметам дека исклучувањето е неправилно и за сторените грешки треба да бидам казнет, но не и исклучен. Ја молам КИ да се позанимава со моето исклучување затоа што ова е за мене големо прашање што сега јас сум исфрлен од Партијата и немам никаков партиски живот и како непартиски борец не можам да земам учество во револуционерната борба... Немав можност да дадам одговор на обвинувањата од Митрета... ЦКЈ ми го одзеде правото да се каам за сторените грешки, но не и за обвинувањата од страна на Митрета и неговите најгадни измислувања за мојата партиска работа и за неверувањето во победата на социјалистичката револуција.“

Откако бил отстранет од Партијата, Методија Шаторов сакал да замине во партизани, но не добил врска и за да не биде ликвидиран од партизанскиот суд, се вратил во Бугарија. Тука тој веднаш бил вклучен во партиските активности на БКП. Активно учествувал во организирањето и раководењето на партизанското движење во Бугарија. Загинал во февруари 1944 год., во мошне сомнителни околности, при еден судир со бугарските воени и полициски сили кај Пазарџик, во областа Милеви Скали.

Методија Шаторов-Шарло се вбројува во редот на најистакнатите дејци на меѓународното работничко движење, на комунистичкото движење и на националнореволуционерното движење на македонскиот народ во рамките на активностите на ВМРО (Обединета). Тој е македонски патриот со развиено и непоколебливо македонско национално чувство, со изразена промакедонска активност за извојување на слободата на својата татковина.

Низ документите и материјалите се осознава вистинската личност на Методија Шаторов како беспрекорен, предан, дисциплиниран и бестрашен комунист, истакнат револуционер и деец на национално-револуционерното движење на македонскиот народ, како раководител на ВМРО (Обединета) и како интернационален деец на меѓународното работничко движење, кој поради неговата активна и континуирана комунистичка и промакедонска дејност постојано беше следен, апсен, затворан, интерниран и осудуван од бугарската полиција во Софија. Целите и задачите на неговата борба јасно може да се согледаат од следнава констатација: „Нашиот пат е единствениот што води кон национално и економско ослободување на македонскиот народ. ВМРО (Обединета) е единствената и вистинска македонска националнореволуционерна организација, во која членуваат револуционерни македонски сили без разлика на нивната партиска припадност. Таа има револуционерно-демократска идеологија и го држи знамето на македонската националност и борбата за слобода и независност“.

Според зборникот „Методија Шаторов-Шарло – Документи и материјали“, издание на Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ и Државниот архив на Република Македонија

Напредокот и оптимизмот што ги обележаа децениите по 2. Светска војна се гледаа во создавањето на средната класа, составена од луѓе што, иако родени во куќи со земјени подови, завршија со факултетски дипломи и добри работни места во големите градови. Поседуваа автомобили и викендички, летуваа на море и патуваа во странство без визи.

повеќе

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе