Кој е и за кого работи Метју Нимиц?

Ристо Никовски

Метју Нимиц, роден во јуни 1939 година, се образовал на врвни универзитети. Таква му е и кариерата, од првите вработувања во приватниот сектор та се до денес.

Големиот скок го направил во 1977 година, кога претседателот на САД, Џими Картер, го именувал за советник во Стејт Департментот. Го советувал државниот секретар Сајрус Венс, со кого ќе продолжи да го „решава“ и „македонското прашање“. Иако не бил дипломат од кариера, бргу напредувал. Во 1979 година бил поставен за потсекретар. Главна надлежност му била помошта на безбедносен план која САД ја давале на другите земји, што покажува дека бил личност од голема доверба.

Неговите државни функции не траеле долго. Во 1981 година, кога Картер, како еден од ретките американски претседатели, не беше реизбран за втор мандат, Нимиц се враќа во адвокатурата. Пак е на врвни позиции во познати канцеларии.

Во дипломатијата повторно го враќаат неговите демократи. Во 1994 година, Бил Клинтон го поставува за личен специјален пратеник во спорот меѓу Македонија и Грција. На таа функција останува се до ноември 1997 година кога генералниот секретар на ООН, го поставува за заменик на Сајрус Венс. По оставката на Венс, во декември 1999 година, Нимиц станува главен медијатор во процесот.

Метју Нимиц

Иако во основата сувопарни, подлабока анализа на последните податоци отвора многу прашања и дава аргументи за повеќе логични заклучоци.

Прво, се наметнува прашањето за причините на американскиот претседател да одреди свој специјален пратеник во спорот? Од каде и зошто таков, очигледно нагласен американски интерес за случајот? Нели е тоа билатерален спор меѓу Македонија и Грција кој, објективно, како строго контролиран, не може да генерира некоја поголема криза? Во светот има илјадници слични билатерални проблеми и во ниеден од нив (?) нема вмешано прсти претседателот на САД. А кај нас, замислете, испрати свој специјален пратеник!

Второ, од самиот почеток, надлежен за решавање на проблемот беше Сајрус Венс, врвна американска политичка личност, поранешен државен секретар. Се разбира, тој беше официјално именуван од генералниот секретар на ООН. Меѓутоа, има ли дилеми дека тоа именување дошло на предлог (инсистирање?) на  САД?

Трето, кога годините веќе му натежнуваа на Венс, за негов заменик во процесот е донесен токму Нимиц. Целта е очигледна - тој да го наследи, што и се случи.

Ова се одлични показатели дека, од самиот почеток, интересот на Вашингтон за македонско-грчкиот проблем бил на највисоко можно ниво. Всушност, преку спомнатите именувања, САД веднаш почнале директно да го менаџираат целиот процес. Дека е така има и многу други потврди, вклучувајќи го, на пример, приемот во ООН, кога на Македонија и беше суспендирано името и наметната референцата. Тоа беше во целосна режија на Вашингтон, чија доминацијата во Советот за безбедност е неспорна, а Грција не беше ни членка кога се одлучуваше за Македонија.

Улогата на медијатор, Нимиц ја врши за симболичен еден долар годишна плата од ООН. Дали некој друг му ги надоместува нематеријалните трошоци, тешко  е да се каже иако тоа не смее да се исклучи. Се работи за сериозен ангажман, иако не е со постојана динамика. Една ваква операција обично чини стотици илјади и милиони долари. Имајќи ја предвид американската заинтересираност за „Македонското прашање“, има и логично објаснување зошто Нимиц не е финансиски товар на ООН. Ако беше, светската организација ќе се мешаше во случајот и ќе поставуваше свои услови, рокови, постојано ќе бараше извештаи и слично. Вака, проблемот за нив како да не постои и останува во исклучителна надлежност на – Вашингтон. Знаејќи го добро тоа, и самиот генерален секретар – се држи по страна. На Македонија тоа не и одговара, ама нас никој не не прашува, а немаме ниту капацитети тоа да го согледаме, камо ли да го проблематизираме.

Друг показател за рамките во кои функционира Нимиц е фактот дека тој нема свој тим. И тоа би чинело огромни суми. И Нимиц, како и Венс, ја користи логистиката на Стејт департментот. Сите идеи, предлози и пакети кои 12 години ни ги лансира, доаѓаат од централата на американската дипломатија. Тоа може релативно лесно да се докаже. Нимиц може да ги користи или услугите на соодветните служби на ООН, или да бара надворешни експертизи, кои би можеле да бидат опасни за реализацијата на американските политички интереси, а кои чинат и огромни суми, а тој нема - буџет.

Доколку Нимиц ги користеше експертите на светската организација тој немаше да има можност да дава непристојни идеи и предлози со кои правеше далечни екскурзии надвор од својот мандат. Иако светската организација, со резолуцијата 817/93, го овласти да дава „добри услуги за да се надмине разликата околу името...“. Нимиц заора длабоко и во идентитетот на народот и во името на неговиот јазик. Ако го советуваа правните и други експерти на ООН тие ќе мораа да се движат во рамките кои ги одреди резолуцијата 817/93. Инаку, ќе ја загубеа работата. Така, сам се наметнува заклучокот дека извор на логистиката на Нимиц може да биде само – Стејт департментот. Како инаку би било можно сите негови досегашни идеи и предлози целосно да се вклопуваат во американската политика кон Македонија и регионот?

Ако горното е неспорно, а така изгледа според сите расположиви елементи, тогаш не треба да биде спорно дека проблемот со Грција е цело време во рацете на Вашингтон. Од таму се иницираа сите политики кон Македонија, од приемот во ООН, преку Привремената спогодба... се до  блокадата за НАТО.

Иако САД се обидуваат да ни се претстават како стратегиски партнер, тоа воопшто не одговара на реалноста. Вашингтон е најгласен дека треба да се прекрстиме, а веќе најавија и дека тие први ќе го користат името кое ние би го договориле со Грција. Со таков исчекор, и формално, САД ќе го анулира прифаќањето на нашето историско и уставно име кое така гламурозно го направи во ноември 2004 година. Тоа воопшто не треба да зачудува кога се знае дека зад признавањето се криеше прецизна политичка калкулација – трајно да се албанизираат деловите предвидени со новата административна поделба од земјата. Шаховски речено, жртвуваа фигура за квалитет кој им носи трајни поени. Нам, вечен спомен ќе ни останат албанизираните делови на земјата и двојазичноста која се наметна преку Скопје.

Чист блеф и врвна измама и манипулација се честите јавни изјави на американски функционери дека сакаат што поскоро да не видат во НАТО и ЕУ. Тоа би било позитивно доколку нивниот услов не е наше прекрстување. Всушност, позицијата на Вашингтон е идентична со таа на Атина. И едните и другите бараат да се откажеме од самите себе за да не примат во НАТО (и ЕУ).

На Интернет, оставен е следниот коментар, на англиски јазик: „Имајќи го предвид севкупниот приод на Нимиц на проблемот досега, има малку оптимизам дека тој ќе ја рефлектира позицијата на Македонија“.

Оценката има траен карактер.

Операциите направени кај повеќето интерсексуални новороденчиња е од козметички причини.

повеќе

Внимателноста во водењето на преговорите за името и изјавите околу нив сега е повеќе од нужна.

повеќе

Во најсеверните делови на грчките региони Западна и Централна Македонија, сите народни ора се инструментални песни. Традиционалните песни во овие региони некогаш имаа зборови - но тие беа на јазик што грчката држава речиси еден век се обидува да го избрише: македонскиот словенски, вели Петрос Карацареас, лектор по англиски јазик и лингвистика на Универзитетот на Вестминстер, Велика Британија.

повеќе