Лионел Меси ја освои рекордната четврта „златна топка“ за најдобар фудбалер

Аргентинскиот виртуоз Лионел Меси запиша нов рекорд откако вечерва по четврти пат ја освои најпрестижната фудбалска награда, „златната топка“, на гала-церемонијата во Цирих. Ниту еден фудбалер не бил така доминантен како аргентинскиот виртуоз, па четвртата рекордна награда само потврдува дека во моментов нема конкуренција во светскиот фудбал и уште повеќе ја продлабочува дебатата дали е најдобриот фудбалер на сите времиња.

„Ова е неверојатно. Навистина неверојатно. Четвртои признание. Немам што да кажам, може само да им заблагодарам на моите другари, пред се на Андрес Иниеста. Не сакам поединечно да набројувам, но им должам на сите мои соиграчи, на сите пријатели, на моето семејство и секако на Бог“, рече Меси на доделувањето на наградата.

Меси доминира од 2009 година кога првпат ја доби „златната топка“, а оваа ја заслужи со неверојатните 91 гол во минатата календарска година, рекорд кој го подобри по четири децении. Беше „златна копачка“ со неверојатни 50 гола во најсилната лига, шпанската Примера, која овој статус го заслужи со самиот факт што за 2012 година најдобриот светски тим е составен од играчи кои играат на Пиринеите. Меси во минатата година освои само еден трофеј, Купот на Шпанија, а четвртипат во низа беше најдобар стрелец во ЛШ.

Тој и годинава во конкуренција за најдобар фудбалер ги победи клупскиот соиграч Андрес Иниеста и најголемиот ривал Кристијано Роналдо.

Најдобра фудбалерка за 2012 година е Еби Вамбах (САД), најдобар тренер пак е Висенте Дел Боске, селекторот на Шпанија, кој наградата ја заслужи со историската одбрана на европската круна, нешто што не и успеало на ниту една друга селекција на Стариот континент.

Најдобриот тим, пак го сочинуваат Икер Касилјас (голман, Реал Мадрид/Шпанија), Дани Алвеш (десен бек, Барселона/ Бразил), Џерард Пике (стопер, Барселона/Шпанија) , Серхио Рамос (стопер, Реал Мадрид/Шпанија), Марсело (лев бек, Реал Мадрид/Бразил), Чаби Алонсо (среден ред, Реал Мадрид/Шпанија), Чави Ернандез (среден ред, Барселона/Шпанија), Андрес Иниеста (среден ред, Барселона/Шпанија), Лионел Меси (напад, Барселона/Аргентина), Радамел Фалкао (напад, Атлетико Мадрид/Колумбија), Кристијано Роналдо (напад, Реал Мадрид/Португалија).

 

 

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе

Анализа на проф. д-р Гордан Калајџиев на Решението У.бр.96/2016 од Уставниот суд.

повеќе