Емил Рајковиќ: Благодарам Фени, благодарам Кавадарци!

Поранешниот селектор на македонската младинска кошаркарска репрезентација Емил Рајковиќ денеска и официјално ја потврди разделбата со својот досегашен клуб Фени Индустри, испраќајќи емотивно писмо до медиумите, во кое изразува благодарност до сите во клубот и до градот Кавадарци за сите мигови минати таму.

„Кога пред седум години, во времето на првиот претседател на клубот Димитар Ѓорѓиев, добив повик од најзаслужниот за мојот ангажман, Илија Хаџи-Николов, а по препорака на тогашниот играч на Работнички Горан Самарџиев, не можев ниту на сон да замислам дека престојот во Кавадарци тотално ќе го смени мојот живот. Градот, каде што претходно имав доаѓано многу ретко, со текот на годините и дружењето со луѓето што живеат таму вистински го засакав. Клубот, кој растеше заедно со мене, придонесе мојот живот да добие смисла бидејќи мојот живот е кошарката.

Не успеав да направам преголема играчка кариера, но затоа Фени Индустри ми даде шанса кога бев сè уште млад и неафирмиран тренер да водам еден тим што беше во својот почеток и со голема амбиција да стане лидер и основен двигател на кошарката во Македонија.

Затоа сакам посебно да му се заблагодарам на Амир Абед, но и на Јусуф Миракхмедов, кои ме поддржаа тогаш кога ретко кој сакаше. Имаа храброст и визија да препознаат во мене млад, гладен за успех, талентиран тренер. Секогаш стоеја зад мене и затоа им порачувам ’успеавме’. Успесите на Фени ќе останат запишани во историјата на Македонија бидејќи стана втор клуб во историјата по бројот на освоените трофеи, и тоа три шампионски, две куп-титули, но и прв и единствен клуб што освоил меѓународна титула во историјата на македонската кошарка, со процент на победи од околу 80 отсто, што е знак за апсолутна доминација во тие шест-седум години.

Сите тие успеси немаше да постојат доколку ја немавме фанатичната поддршка од трибините, од буквално нашиот шести играч - публиката во сега веќе легендарниот ’Јасмин’. Кога велам публиката, правам дистинкција од најверните, ’лозарите’. Тие се идната генерација на Кавадарци и на Македонија. Тие ни покажаа дека младите повеќе разбираат. Дека победата и поразот не се живот или смрт, кога губевме, најчесто само тие беа со нас, само од нив никогаш не сум чул лош збор, туку напротив, поддршка и во најтешките моменти. Тие демонстрираа искрена љубов и верност и затоа сите други кои мислат дека се постари, поискусни, попаметни би можеле многу да научат од нив. Секогаш сум се трудел да бидам искрен со нив и да ги почитувам како што тие ме почитувале мене и горд сум што успеаја во своите намери да станат една модерна, оригинална, хомогена група, која се води од вистински хумани идеали и јасни принципи.

На компанијата што не поддржуваше и е главен ‘виновник’ за револуцијата на кошарката - Фени Индустрис и нејзиниот генерален директор Константинос Даскалакис искрено им благодарам од сето срце за сè и ве молам продолжете бидејќи кошарката во Кавадарци не е само спорт туку начин на живот и начин на изразување, идентификација и зголемување на самодовербата на граѓаните од сите социјални сталежи, различни религии и раси, со разни политички и други убедувања.

На актуелниот претседател, Арвинд Мундхра, иако можеби мисли дека не сум во право, му порачувам дека на Фени Индустри ќе му биде подобро ако во овој момент се разделиме. Во ситуација кога ништо повеќе не е исто, на клубот, а и на мене ни треба нов почеток, нов предизвик, нова мотивација за работа. Во периодот на зимската пауза, управата на клубот ќе има доволно време да го компензира моето заминување и да ангажира дополнителни засилувања. Затоа мислам дека моето заминување во овој момент е погодно како клубот би имал време да ги преземе соодветните чекори. Арвинд, ти благодарам за поддршката и искрените намери.

На моите асистенти Томислав Андоновски, Сашо Тодоровски и Љупчо Малинков, на моите тимски соработници Дивна, Тале, Орце, Маријанчо, кои никогаш не беа експонирани, а беспрекорно ја вршеа работата, ви благодарам за искрената и посветена соработка.

На крајот тие што ме направија тоа што сум, тие што се всушност кошарката. На сите мои ’спартанци’ уште од првата година како Самарџиев, Ѓуров, Михајловски, Прековиќ, Кол и другите, па до сите играчи што сум ги тренирал до сега, ви благодарам момци“, се вели во емотивното збогување на Рајковиќ со Фени И. и Кавадарци.

Рајковиќ својата кариера ќе ја продолжи на клупата на Работнички, со чија управа постигна договор во текот на вчерашниот ден.

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе

Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.

повеќе

Процесот на проверка не треба да почне од правосудниот систем, туку од извршните претставници и членовите на парламентот, и тоа не само оние кои се на власт денес, туку и оние кои со години ја водеа земјата.

повеќе