Роден на денешен ден, Блаже Конески

Втемелувач и еден од најзначајните протагонисти на кодификацијата на македонскиот јазик. Овој вонсериски лингвист, ценет професор, еден од основачите на МАНУ и член на други академии на уметности пред сè е запаметен како суптилен поет.

Блаже Конески, роден на 19 декември 1921 година, во прилепското село Небрегово, потекнува од познатото семејство Љаме – Љамевци, од страната на дедо му Коне.

Основното образование го започнал во Небрегово, а кога семејството се преселило, продолжил да се школува во Прилеп. Како најдобар ученик во гимназијата добива стипендија да го продолжи школувањето во Крагуевац, каде што ја завршува вишата гимназија а потоа заминува во Белград да студира медицина. По само еден семестар се префрла на студии по филологија. Војната го прекинува неговото школување, кое го продолжува во Софија на универзитетот „Свети Климент Охридски“.

По ослободувањето во создавањето на повоената Југославија Блаже Конески активно се вклучува во работата на стандардизацијата на македонскиот јазик. Неговата работа се огледува и во создавањето на Граматиката, но и во уредувањето на Речникот на македонски јазик. На скопскиот факултет, кој денес го носи неговото име, ги основа студиите по македонски јазик, а ректор на Универзитетот беше од 1958 до 1963 година. Од 1967 година станува и член на Македонската академија на науките и уметностите и нејзин прв претседател, сè до 1975 година. Станува член на ПЕН-центарот, на Друштвото на писатели на Македонија уште од 1947 година, а потоа и претседател на ова друштво. Работи и како уредник на литературните списанија „Нов ден“ и „Македонски јазик“.

Конески така станува клучна фигура во развојот на македонскиот јазик. Покрај македонската, бил член и на други академии на науки, во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, а почесен доктор на науки во Чикаго, Краков и Скопје. Делата му се преведени на многу странски јазици, а добитник е на повеќе меѓународни награди и признанија.

Овој поет, прозаист, есеист, лингвист и професор, и покрај толку звучната биографија, дури и за денешните рамки бил скромен и тивок човек. Пред сè бил поет. Сметал дека на поетот му е задача да зборува и да дејствува пред колективот, дека самата поезија е комплициран процес, кој вклучува три фактори – традицијата, колективот и авторот. Тој ги употребува сите овие фактори и создава поезија со помош на својот чувствителен дух. Песната се открива како плод на атмосферата и духот на времето, па така секоја песна го има својот миг и својот поет. А поетот, како што вели Конески, ги бере песните од дрвото на животот.

Конески остави неизбришлива трага во историјата, теоријата и поезијата на македонскиот јазик. Уште за време на животот беше наречен прв човек на македонската ренесанса, енциклопедија на македонската филологија и жив споменик што оди по улиците.

Оние што го познаваа зборуваа за него со полна почит. Конески имаше огромен круг луѓе што сакаа да соработуваат со него. Студентите го обожаваа. Беше познат по тоа што многу внимателно и посветено ги читаше туѓите текстови, укажувајќи и на најмалата грешка, за што повеќе да му помогне на авторот. Со пријателите имаше посебен однос, исто така и со академците и студентите. Со сите се ракуваше при средбата, им персираше дури и на оние што со години беше во контакт. Од друга страна, во друштво беше шармантен, опуштен, духовит и досетлив. Сакаше гласно да се смее и да го освојува друштвото со луцидни досетки.

Оние што го познаваа тврдат дека кај Конески ништо не беше случајно, дека сè имал однапред испланирано, па дури и начинот на кој ќе умре – сам, иако веќе болен, неколку дена по последното фантастично обраќање до колегите-писатели на Рациновите средби. Почина на 7 декември 1993 година.

С. Спасиќ

Политичките раководства во Република Македонија мора да сфатат дека немаат комодитет да ги занемаруваат економските политики на сметка на политичките агенди.

повеќе

Четирите предложени амандмани треба да им го оневозможат луксузот што го имаа сите досегашни влади, на сите идни влади - спорот за името да им биде изговор за несовесно работење, корупција и системски пропусти.

повеќе

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе