Има сериозен проблем за нов договор со Бугарија

Ристо Никовски

Интересни се нашите медиуми. Пласираат информации од кои некои не се коректни, други се непрецизни, трети се против интересите на државата... и многу често одбиваат да објават реакции на читателите. Игнорираат писма во кои преку факти и аргументи се побиваат или прецизираат изнесените информации, ставови, тези, мислења... Лично можам да набројам бројни такви случаи, во разни медиуми.

Интересни се двата најнови случаи.

Во „Нова Македонија”, од 20 и 27 септември 2012 годинa во две колумни под наслов „Компромис што помалку боли”, професорот С. Славески имаше тргнато во погрешна и крајно опасна насока. Веројатно  барајќи излез за спорот со Грција, тој доволно отворено апелираше да се откажеме од сопствениот национален идентитет! Пишуваше дека прво треба да одлучиме „каква нација ќе градиме – етничка или граѓанска односно кои се минималните атрибути на идентитетот од кои не можеме да се откажеме”! Јасно му било дека „ако нацијата ја дефинираме во етничка смисла тогаш тоа (промената на името) секако ќе влијае на идентитетските маркери на нацијата”. Се залагаше за „создавање нов политички идентитет, граѓанин на државата (‘Република Горна Македонија’ или ‘Република Северна Македонија’) во кој ќе можат да се препознаат сите етнички групи...”!?! Така, не зачудува штo тој, на крајот, заклучува дека – „...етничките Македонци добороволно ќе се откажат од дел од приматот што сега го имаат, но им е оспоруван од некои од соседите и полека го губат во однос на другите етнички групи во државата!”

Текстовите ги прочитаа и им се кревала утробата на повеќе врвни интелектуалци кои размислуваа како да реагираат. Кога дознаа дека веќе е испратено писмо со кое аргументирано се отфрлаат „иновациите” на Савески, на сите им олесни. НМ, меѓутоа, го игнорираше писмото. После десетина дена, кога беше јасно дека нема да го објават, од маркетинг службата беше побарано писмото да оди како платен оглас, на половина страница. Кога увидоа дека тоа би било срам за весникот, се смилуваа. Го објавија.

Остана нејасно дали редакцијата ги споделуваше размислите на професорот, или писмописецот беше проблематичен?

После два месеци, на 29 ноември 2012, а во рамките на ескалацијата на бугарската кампања против државава, „Нова Македонија” објави два текста - “Добар предлог на Бојко Борисов, ако Бугарија не поставува нови барања” и „Што потпишаа Георгиевски и Борисов?”

Во двата текста се провлекуваа сериозни непрецизности и недоречености, на штета на Македонија, кои мораа да бидат објаснети. Народот мора да ги знае фактите. Им се напиша писмо кое, пак, не беше објавено. Бидејќи се работи за сериозни прашања, во продолжение е текстот кој не го објави весникот.

 

1. „Декларација” и „договор” се сосема различни документи. Тоа е исто како да споредувате Фиќо и Мерцедес 350. И двата се автомобили ама... Особено не смее во ист кош да се става „договор за пријателство и соработка” со каков било друг договор, да не зборуваме за некаква декларација. Тоа е врвниот документ кој го потпишуваат две држави. Истиот, покрај другото, покажува и потврдува дека меѓу нив нема отворени проблеми. За жал, тоа не е случај меѓу Македонија и Бугарија. Така, логично е прашањето – дали токму затоа Софија инсистира на потпишување на таков договор? Демек, се е чисто меѓу двете држави. Со други зборови, ние се согласувме дека сме тоа што не смета Софија. Бугари.

2. Декларацијата од 1999 година има своја предисторија. Таа е потпишана со директно вмешување на САД, преку Толбот, кој беше на висока функција во Стејт департментот. Тогаш, или подоцна, тој беше и втор човек – заменик државен секретар.

3. Вашингтон се вмеша бидејќи Софија не беше спремна да потпише никаков договор со новата целосно независна македонска држава. Проблем беше – јазикот. Сите меѓународни билатерални договори се потпишуваат на јазиците на двете држави и тоа се наведува на крајот – „...договорот е потпишан на македонски и бугарски јазик и е веродостоен и на двата јазика...”.

Арно ама, за нашите бугарски пријатели, таа универзална меѓународна пракса не беше прифатлива. Нели, за нив нема македонски јазик, а ние, недоквакани какви што сме, не сме свесни дека зборуваме бугарски дијалект. Минуваа години и првата држава која ја призна независна Македонија ама веднаш се предомисли и долго чекаше да воспостави дипломатски односи, не беше спремна да потпише каков било договор со нас.

4. Како и обично, се ангажираа САД и ни подметнаа едно од низата кукавички јајца кои, во рамките на нивната регионална политика, во континуитет ни ги пласираат после распадот на федерацијата. Формата која ни ја наметнаа, а тогашната Влада направи сериозна стратегиска грешка што ја прифати, беше формулата – “...(Декларацијата) е потпишана на македонски и бугарски јазик, според уставите на двете земји!” Тоа е неприфатливо деградирање на македонскиот јазик бидејќи тој не е уставна категорија. Тој не произлегува од Уставот на државата, како што е претставен во Декларацијата. Напротив, во Уставот е само овенчано неговото значење како народен и мајчин јазик на мнозинското население и официјален на државата. Поентата на Софија е дека уставите се менуваат... па така и јазикот!

Тоа што и бугарскиот јазик е претставен во иста форма нема никакво значење бидејќи тој од никого не е оспорен.

5. Во дипломатијата, еднаш направен преседан, како во случајов, обврзува. При интеграцијата во ЕУ (ако до тоа и дојде?), бидете сосема уверени, Софија нема да дозволи регистрирање на македонскиот јазик, како што е случајот со сите други земји. Максимално што ќе дозволи – тоа е формулата од Декларацијата – “...македонски јазик според Уставот...”. Значи, јазикот не е автохтон туку... Исто како што е и народот, според Софија, измислен. Било од Тито, било од Коминтерната.

6. И така, чекор по чекор ама крајно систематски, диригирано од еден центар, македонштината наша се извитоперува, сe минимизира, се прави вештачка, измислена... Нема име, туку референца; нема јазик, туку нешто извадено од Уставот; народот Славомакедонци... Тоа ќе продолжи се додека целосно не се затвори „македонското прашање”.

Обидите за тоа се во полн ек. Од разни страни.

 

За среќа, медиумите се мултиплицираа. Интернетот и порталите е нешто неспоредливо, до скоро незамисливо и вистинско цивилизациско достигнување. Се потешко е вистината да се прикрива. Тоа води напред и е во интерес на сите. Поготово на малите и незаштитените, како што е и Македонија.

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе

Макси помпа, просечен дипломатски и небитен медиумски ефект.

повеќе