ПЕРВЕРЗНО: Македонија, најголемиот непријател

Брифинзите на грчкото Министерство за надворешни работи ретко ги прават луѓето помудри. Тие обично служат како монотоно повторување на грчкиот официјален став за главните прашања од надворешната политика.

Грчките новинари обично ги игнорираат, а и кога не ги игнорираат, тие поставуваат само договорени прашања, што му овозможува на портпаролот да одговори со истата старомодна реторика за тоа колку е брилијантна Грција и како треба да се однесуваат нејзините соседи.

Во последно време, со постојаното присуство на 2-3 македонски новинари на брифинзите, Македонија е секогаш на маса и портпаролот има мал проблем. Тој едноставно не може да ги повторува истите стерилни работи што ги употребуваат сите грчки официјални претставници („Грција е пријател и се обидува да го реши прашањето за името на конструктивен начин и ние го очекуваме истиот став и од Скопје“), па мора да смисли нешто попаметно. А бидејќи интелектот не му е силна страна, нему му се случува да му се испуштаат работи и тој почнува да признава по нешто.

Пред неколку недели тој индиректно призна дека Грција претставува проблем за стабилноста на целиот регион со својата неразумна тврдоглавост да ѝ го смени името на Македонија, додека на последниот брифинг тој потврди дека вистинскиот проблем за Грција не е името на земјата, туку името на народот, јазикот и културата. Она на што многумина не му обрнаа внимание во текот на овој брифинг беше одговорот на портпаролот кога беше запрашан дали смета дека втората, коригирана изјава на Бериша за „обединети Албанци од Превеза до Прешево и од Скопје до Подгорица“ е задоволителна.

Она што е неверојатно е што реакцијата на момчето беше мошне блага и се чинеше дека тој ја прифаќа изјавата – само додаде дека таквите дејства треба да се избегнуваат зашто национализмот е актуелна закана во регионот (очигледно се погледнал во огледало пред да го каже ова).

Сега дозволете ми малку, како и обично, да глумам адвокат на ѓаволот. Замислете ги Груевски или Иванов или Црвенковски или кој било висок македонски политичар како ја даваат следнава изјава за време на прославата на Илинден во август: „Наскоро ќе дојде време кога сите Македонци од планината Олимп до Лесковац и од Разлог до Голо Брдо ќе живеат заедно во една држава“. Потоа затворете ги очите и замислете си ја реакцијата на Грците.

Тие веднаш ќе го повлечат амбасадорот од Скопје, ќе побараат од Европската Унија и од НАТО трајно да ги затворат своите врати за Македонија, ќе бараат итна вонредна седница на Советот за безбедност на ОН за да се осуди македонскиот иредентизам, можеби дури и ќе ги затворат своите граници за македонската армија да не ја нападне Грција. Воопшто не се сомневам, драги пријатели, дека Грција ќе реагира вака, на истиот хистеричен начин на кој реагира кон Македонија веќе речиси 22 години.

Во случајот на Албанија, Грција само ја откажа посетата на министерот за надворешни работи Аврамопулос во Тирана и молчеше до овој последен брифинг, кога практично ги прифати албанските појаснувања. Сега можеби ќе прашате: „Зошто е потребна оваа политика на двоен стандард? Не изгледа дека Грција повеќе ги сака Албанците од Македонците.“

Точно. Грција ги мрази Албанците исто колку што ги мрази Македонците. Но постои мала разлика. Оние речиси еден милион Албанци што трајно или привремено живеат во Грција. Неидентификуван број од нив со текот на годините добија грчко државјанство и - според старата добра грчка доктрина, тие би можеле да претставуваат сериозна закана за внатрешната безбедност на Грција. Ова е причината зошто Грција во последно време е навистина претпазлива кога станува збор за нејзините реакции кон Албанија. Секогаш театрални (претседателот или министрите откажуваат посети), но секогаш со умерени изјави.

Истото важи и за Турција. Грција се плаши од брзиот развој на својот голем источен сосед, особено сега, кога таа се чувствува финансиски ранлива. Ова е причината зошто грчките претставници се обидуваат да не ја провоцираат Турција и едноставно реагираат благо на разните изјави на турскиот политички естаблишмент.

Македонија, за жал, ниту има огромен број имигранти во Грција, ниту, пак, е голема и моќна. Затоа, таа е единствената на која Грција надмено ѝ се заканува, поради својата потреба да се чувствува моќно, иако стана далеку послаба алка во регионот и во Европската Унија.

Околностите ја кренаа Македонија на ниво на најголем непријател и таа плаќа многу висока цена за нечии туѓи стравови и комплекси.

„Сметам на вас“. Со овие зборови, претседателот Макрон апелираше до граѓаните на Северна Македонија да гласаат за Преспанскиот договор на референдумот на 30 септември 2018.

повеќе

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе