Тешки албански провокации

Ристо Никовски

Бериша е тежок националист ама – искрен. Таа доблест мора да му се почитува. Прославата на 100 годишнината на Албанија за него беше одлична прилика официјално да ја промовира  политиката, наследена од Енвер Хоџа, која Тирана упорно ја продолжува. Значајниот празник беше убав повод Бериша да не потсети дека албанските граници се од Превеза, во Грција, до Прешево во Србија, и од Скопје до Подгорица! Ни помалку ни повеќе.

Тирана и албанските лидери во регионот, постојано зборуваат за некакви „албански територии” во Македонија, Јужна Србија, Црна Гора и (досега посрамежливо) во Грција. Сега, сето тоа доби целосна форма. Од Валона, Бериша како да сакаше да ги прецизира албанските територијални аспирации. Да нема веќе дилеми до каде треба да се простира Голема Албанија. Намерата сигурно му беше и да нагласи дека нејзиното создавање е иреверзибилен процес почнат пред еден век. Пред десетина години, во интервју на една тиранска телевизија, и неговиот претходник, премиерот Пандели Мајко, отворено го кажа истото – создавањето на Голема Албанија е неповратен процес! Слично не заплашува и Ахмети. За 30-метарското илегално албанско знаме во кичевско, ни кажа дека - нема црна рака која ќе може да го симне! А како да го симне, кога е на „албанска територија”?

Најпросто речено, Бериша порача дека спомнатите територии, кои не се стокмени во албанските држави кои, нели, сега ги има две – се под туѓа, странска окупација. Поачик иредентизам, здравје.

Истиот Бериша, на 14 октомври во Тирана, изјави: „Албанците немаат ниту еден гроб на туѓа територија, туку странците имаат стотици и илјадници гробови на албанска територија”! Тоа е истата реторика како од времето на Милошевиќ. Тогаш беше популарна шегата дека двајца Срби слетале на Месечината и едниот веднаш извадил пиштол и го убил другиот. Каде има српски гроб е српска територија, заклучил убиецот.

Се додека Бериша, во Валона, јавно не ги дефинира границите на Голема Албанија, мнозина не ја забележуваа реториката со „албанските територии” и нејзиното иредентистичко значење. Особено во Македонија. Не се согледува ниту пораката која ја испраќаат политичките лидери на Албанија, и не само тие, вклучувајки ги и албанските амбасадори во Скопје, кога зборуваат во име на сите Албанци, значи и овдешните. Таа пракса трае веќе долго време и никој не реагира. Впрочем и на пресот со Груевски, неодамна во Тирана, Бериша рече дека албанскиот фактор во регионот бил европски ориентиран! Тој има мандат да зборува само во име на Албанија и на тамошните Албанци и во име на никој друг.

Нормално, НАТО нема коментар за отворените територијални аспирации. А како би имал кога водечката велесила и доминантен фактор на алијансата стои зад проектот – обединување на сите Албанци во една држава? Благодарејќи токму на Вашингтон, со флагрантно користење на сила, која вклучуваше бомбардирање и на Белград, беше формирана нова албанска држава на Балканот. Со тоа, овој проект е веќе реализиран со можеби и цели 70%.

Остатокот на проектот Голема Албанија сега е повеќе од технички отколку од суштински карактер. На мета е – Македонија. Таа остана главна пречка за обединувањето на Албанците. Ама и тука најтешкото веќе е средено. Во 2001-та, Вашингтон испрати терористи од Косово кои, подоцна, ги трансформира во борци за човекови права и, преку договор во Охрид, ја претумба државата на начин што малцинството може да го манипулира мнозинството. Сега се работи на постепено надградување врз веќе постигнатото.

На изјавите на Бериша, Вашингтон стави до знаење дека се против промени на границите. Изгледа коректно ама, ако малку проанализирате што се случува во регионот, ќе откриете интересни детали. Моментално, за реализација на нивната регионална политика, навистина не е потребно менување на границите. Во Македонија, конкретно, државата ја рушат од внатре. Се случи Слупчане, кое САД веднаш го подржаа, користејќи го (случајно!) истиот вокабулар како и Бесими, кој ги прекрши овластувањата и сите процедури во Министерството за одбрана. Следеше интонирањето на албанската химна во повеќе школи и на универзитетот во Тетово ама Вашингтон не реагираше. Тоа не го осуди. Логичен е заклучокот дека и двата настани се вклопуваат во американските планови за Македонија.

Има силни индикации дека место бомби, со кои го кутнаа Белград, и го одвоија Косово од Србија, сега САД размислуваат за федерализација на Македонија? Тоа ќе им ја заврши работата без формална промена на границите. Во Вашингтон, тоа веќе го најави и вицепремиерот Муса Џафери, кој е главен идеолог во рушењето на македонската држава. Рече дека иднината на Македонија е во федерализација. Се разбира, САД не реагираа и на таквата провокација. Ако ја федерализираат земјава, промената на границите ќе следи со највисока демократија – самоопределување.

Чекор по чекор, со огромна упорност, Вашингтон ја реализира својата регионална политика, во партнерство со Албанците, а кучињата ги нема никаде да залајат. Ги замолчија. Со ситни пари.

ЕУ, после долго инсистирање, сепак, се изјасни за ставовите на Бериша. Политичарите мораат да внимаваат на своите изјави, порачаа. Тоа може да се каже за се и апсолутно ништо не значи.

На крај е клучното прашање. Зошто 100 годишнината на Албанија се славеше така гламурозно во Скопје? Со учество на премиерите на две соседни држави?  Зошто, впрочем, и во Приштина? Зошто? Единствениот можен одговор го даде Бериша во Валона – се славеше на „албанските територии”! На Косово, тие се веќе ослободени, а во Македонија сеуште под окупација. Никаква друга потреба од славење во Скопје – немаше.

Ако се сфати горното веднаш станува јасно зошто на манифестациите никаде немаше симболи на македонската држава. Како да ги има на територии кои не се македонски?

Ако не беа териториите во прашање, Бериша и Тачи, заедно со Ахмети, ќе одеа да прославуваат и во САД, и во Швајцарија... каде живеат бројни Албанци. Не отидоа бидејќи таму немаше потреба да обележуваат (албанскии) територии.

Сите манифестации организирани во Македонија, околу 100 годишнината на Албанија, вклучувајќи ги и знамињата на Ахмети, беа тешки политички провокации. Тешко е да се верува дека тие се направени без зелено светло од нивниот стратегиски партнер? Нели се се вклопува во американската регионална политика?

Орав-чето, испрсено и насмеано продолжува да се шета низ земјава и сите му стегаат рака. Портпаролот на ДУИ, околу албанските знамиња, ни порача дека не треба да се води сметка дали се почитуваат законите бидејки Албанците би можеле да го сфатат тоа како – провокација?!? Неверојатно. Врвен безобразлук.

Ние сме на потег. Мора соодветно да се реагира на се. Со молчење, се паѓа на секој испит. А ние сме исправени пред тежок, егзистенцијален. Ако продолжиме непотребно да голтаме кнедли, наскоро некоја ќе не задави. Кругот се стеснува. Сите мислат дека е дојден моментот да ни зададат финален удар.

Длабоко се лажат ама, ако наскоро не тропнеме на маса...

 

 

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе

Во битката за фотелја во ФФМ секогаш решавачка била „техниката" на добивање гласови од делегатите со поткуп, ветувања, партиски и притисоци на локалните моќници... 

повеќе

Како може да се надминат исклучивите и националистички толкувања на минатото: што работат комисиите?

повеќе