Г. Петар: нема враќање назад, Нишката спогодба е излезена од колосек!

„Во никој случај нема да прифатиме разговори со СПЦ според таканаречената Нишка спогодба, која е излезена од колосекот по кој сакаме да се движиме. Нема враќање назад“, вели митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, кој е и претседател на Комисијата за разговори со српската и со други цркви.

Владиката Петар предлага разговори со СПЦ за надминување на долгогодишниот спор, но само врз основа на нова платформа со која МПЦ ќе биде признаена како автокефална, самостојна црква.

Патријархот на Српската православна црква Иринеј завчера за Танјуг изјави дека прифаќа разговори со МПЦ, но според канонските принципи и во согласност со поранешните меѓусебни договори потсетувајќи на Нишкиот договор од 2002 година. Овој скандалозен документ за воспоставување единство меѓу двете цркви бил прифатен од страна на СПЦ, а од македонската црква е оценет како работен документ што нема обврзувачки карактер.

Спорот меѓу двете цркви се актуализира по изјавата на српскиот претседател Томислав Николиќ дека тој може да помогне во решавањето на овој проблем и дека можно е признавањето на автокефалноста на МПЦ во замена за ослободувањето на Јован Вранишковски.

Нишкиот договор од страна на МПЦ на 17 мај 2002 година го потпишаа владиците Петар, Наум и Тимотеј. Со овој договор на МПЦ би требало да ѝ се даде одредена широка црковна автономија, но изборот на поглаварот на МПЦ треба да биде потврден од српскиот патријарх. За време на литургиите во МПЦ, според договорот, треба да се споменува прво името на српскиот патријарх.

Во врска со предлогот во спогодбата устоличувањето на поглавар на МПЦ да поминува низ решетото на српскиот патријарх владиката г. Петар вели:

„Може само да сонуваат за такво нешто. Тоа не било никогаш ниту пак ќе биде. И според првиот Устав на МПЦ изборот на поглавар си го врши нашата црква. Досега сме имале пет архиепископи и сите биле избирани на ист начин. Во отсуство на патријарх устоличувањето го врши најстариот епископ во црквата. Секоја црква сама треба да си го уредува црковниот живот. Не смее никој да и се меша во тоа“, вели Г.Петар.

Тој тврди дека Нишката спогодба била само работна верзија, предлог-договор според кој требало да се уредат односите меѓу двете цркви, кој бил парафиран, но дека не бил прифатен од страна на Синодот на МПЦ.

„Ние не сме овластени да потпишуваме такви документи. Ние ставивме параф на еден предлог-договор, кој значеше дека сме седнале со претставниците на СПЦ и сме се договориле дека ќе работиме. Но, подоцна тој договор беше преправен од страна на СПЦ и не беше оној предлог на кој ставивме параф. Синодот на МПЦ не се согласи со таквиот видоизменет предлог“, објаснува г. Петар кој се сомнева дека во скоро време би можело да дојде до надминување на спорот со СПЦ и дека повремените ветришта што дуваат од север сакаат да предизвикаат постигнување на други цели (ослободување на Вранишковски). Според него СПЦ сè уште не е зрела сериозно да седне и да разговара за проблемот поради прогрчки ориентираните ставови на мнозинството од свештениците.

Митрополитот преспанско-пелагониски оценува дека станува збор повеќе за политички проблем, отколку за црковен.Тоа пред сè се однесува и на последната порака од северниот сосед, поточно од српскиот претседател за ослободувањето на Вранишковски.

С.М.

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе