Поради расизмот во Крушевац, Србија пред дисквалификација од натпреварувањата на УЕФА?

Србија се соочува со неколкугодишна казна и исфрлање од квалификациите за СП во Бразил 2014 година, поради големиот инцидент и расистичките напади над младите фудбалери на Англија во Крушевац, најавуваат англиските медиуми. Англичаните предводени од премиерот Дејвид Камерон и министерот за спорт, Хју Робертсон веќе побараа сериозна казна од ФИФА и УЕФА за северните соседи, поради големата нетолеранција на тамошната публика.

Србија одамна има големи проблеми во фудбалот пред се со зголемениот хулиганизам на екстремните групи. Пред три години во Белград загина француски навивач на Тулуз во пресрет на дуелот на Партизан во Лига Европа, а серијата на инциденти на домашни и меѓународни мечеви, која кулминираше со инцидентите во Џенова во претходниот циклус, го натераа претседателот на УЕФА, Мишел Платини неколкупати да се сретне со челниците во Србија и тамошниот фудбалски сојуз за да им даде последна опомена пред исклучување.

Србија поради насилството е одамна на црната листа и нема да биде изненадување, ако УЕФА под сериозен англиски притисок, фудбалски да „ја изолира“ Србија од сите натпреварувања, со цел да ги натера државните органи и фудбалските челници да направат сериозен рез и да ги средат состојбите. Впрочем, Англичаните и сами го искусија сето тоа по трагедијата на „Хејсел“ по што клубовите добија петгодишна забрана за настапи на Стариот континент, а казната иницираше голема битка со хулиганите.

Младите репрезентативци на Англија освен што расистички беа навредувани на крајот на мечот, според изјавите биле гаѓани и со камења, монети, други предмети од навивачите во Крушевац. На крајот целиот инцидент заврши и со општа тепачка на двата тима. УЕФА поради случајот поведе истрага и за 22 ноември најави одлука за инцидентите. Пријавена е и англиската ФА, но Англичаните се разбеснеа по соопштението на ФСС, која објави дека во Крушевац немало расизам, па најавија силна битка дури и за суспензија.

Проблем повеќе за Србија е фактот дека инцидентот во Крушевац доаѓа на истиот ден кога веќе започна кампањата на ФАРЕ, најголемата антидискриминациска кампања која УЕФА ја спроведува во соработка со ФАРЕ и која треба да кулминира идната недела на мечевите во Лигата на шампионите и Лигата на Европа.

Иако речиси целата англиска јавност бара итна и строга санкција за Србите, на Островот има и такви кои не ја поддржуваат „фудбалската изолација“. Прв таков е новинарот Џонатан Вилсон, кој во текстот во „Гардијан“ смета дека потполната изолација ќе направи уште поголем проблем во српското општество и нема да има никаков ефект, додавајќи дека виновниците треба да се казнат, поради фактот дека поголемиот дел од Србите го осудиле инцидентот. Сепак, Вилсон додава дека суспензијата би можела да биде единствена опција, затоа што ФСС одбива да преземе некакви сериозни мерки.

Рио Фердинанд, фудбалерот на Манчестер јунајтед, чиј брат Антон беше расистички нападнат од Џон Тери од Челси им порача на Англичаните, дека прво „треба да го исчистат својот двор, па потоа да држат лекции на други“, алудирајќи на слабата реакција на англиските власти за расистичкиот инцидент.

Ако се земе в предвид и дека УЕФА е под силна критика дека не реагира најдобро на многуте расистички инциденти во минатото и дека битката против дискриминацијата и нетолеранцијата не е на највисоко ниво, може да се очекува дека овојпат европската куќа на фудбалот нема да има простување кон Србите, со цел да се покажат заби во тој дел. Досега, во 29 случаи за расизам, УЕФА казнуваше парично и клубови и репрезентации, и поради тоа доаѓаат забелешките на јавноста.

Тоа што е сигурно, барем што се најавува по англиските и светските медиуми е дека овојпат УЕФА ќе реагира жестоко. Што, каква и колкава ќе биде казната, засега останува на ниво на шпекулација? Но, повеќе од јасно е дека дисквалификација е една од опциите, што значи и исклучување на „орлите“ од понатамошните квалификации.

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе

Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму Гоце Делчев во повод за поделби и омраза?

повеќе

Независна Македонија не може да се пофали со успешно менаџирање на етничките прашања, а првите „грешки“ се прават во првите денови од независноста.

повеќе