„Ова не е првпат бугарската елита бурно да реагира на некое уметничко дело“

Во Македонија за време на Втората светска војна се убиени 98 отсто од еврејската популација. Сега, седумдесет години подоцна, еден филм повторно ги разгоре старите меѓунационални спорови, пишува хрватски Јутарњи лист.

Еден македонски филм за фудбалот предизвика политички потрес на Балканот со таква сила што се почувствува дури и во Брисел. Политичките односи меѓу соседите, Бугарите и Македонците, значително се влошија од кога пред десетина дена на Меѓународниот филмски фестивал во Битола „Браќа Манаки“ беше прикажан македонскиот филм „Трето полувреме“. Филмот следи три приказни: една за фудбалот, друга за љубовта, а трета за прогонот и уништувањето на македонските Евреи.

Филмската приказна се базира на вистински настани од Втората светска војна, кога Македонија, според договорот меѓу силите на оската, била дел од Бугарија. Во тоа време фудбалскиот тим на Македонија се борел за првото место во бугарската фудбалска лига, а главен конкурент му бил Левски. На чело на фудбалскиот тим на Македонија бил Евреинот Рудолф Шпиц. Најспорната сцена во филмот покажува депортација на 7.000 македонски Евреи во нацистичкиот логор на смртта Треблинка. Од таму никој од нив не се вратил жив. Македонија во холокаустот загубила 98 отсто од својата еврејска популација - процент што во ниту една друга држава во светот не бил поголем, наведува Јутарњи лист.

Кои беа ликвидаторите?

„Трето полувреме“, инаку македонски кандидат за Оскар, крена прашина во Бугарија уште пред да биде готов, пишува Јутарњи. Бугарските политичари и историчари велат дека филмот е фалсификат. Бугарите, тврдат тие понатаму, во текот на Втората светска војна ги спасувале Евреите од депортација, а не биле нивни ликвидатори. Од друга страна, авторот на филмот Дарко Митревски, а со него се согласуваат и македонските историчари, смета дека филмот верно се држи до историската фактографија. Митревски во неколку наврати изјави дека е неоспорен фактот дека депортацијата на Евреите во Македонија ја организирале бугарската војска и полиција и дека Бугарите биле главните архитекти на холокаустот во Македонија.

Од филмот беа огорчени и тројца бугарски европратеници. Од европскиот комесар за проширување Штефан Филе бараа да го осуди Скопје поради „ширење омраза“ и „обид за манипулирање на балканската историја“.

Брисел, на разочарување на Бугарија, одби да посредува во спорот. Портпаролот на комесарот за проширување, Петер Стано, рече дека очекува двете земји да го решат спорот со дијалог.

„Не е работа на Европската комисија да суди или да каже чии интерпретации се погрешни, а чии се точни. Ако овој филм навлегува во чувствителни теми и ако предизвикува каков било проблем во односите меѓу двете земји, тие треба да разговараат и да најдат решение“, рече Стано.

Александар Вазенков, историчар од Софија, е многу поумерен и порационален од повеќето негови колеги во Бугарија.

„Меѓу Бугарија и Македонија, кога станува збор за толкување на историјата, и без овој случај постојат големи несогласувања. Во таква ситуација сѐ може да послужи како причина за дополнителни тензии. Огромното мнозинство Бугари едноставно не ја разбираат македонската позиција. Тоа не важи само за политичарите, туку и за интелектуалците. Ова не е првпат бугарската елита бурно да реагира на некое уметничко дело. Претходната бугарска влада реагираше мошне агресивно, па дури и наивно, на скулптурата „Ентропа“, дело на чешкиот уметник Давид Черни, а пред тоа, во 1995 година, премиерот го критикуваше бугарскиот филм „Гори, гори оганче“ како антибугарски“, вели Вазенков.

Освен тоа, во Бугарија, објаснува понатаму Вазенков, е создаден мит за граѓанската храброст на Бугарите, кои ги спасувале своите сограѓани, бугарските Евреи, во текот на Втората светска војна. Кога сега некој им го урива тој мит, бурните реакции се очекувани, пренесува Јутарњи лист.

Виктор Мизрахи, претседателот на Еврејската заедница во Македонија, наведува весникот, смета дека е несомнена одговорноста на фашистичка Бугарија во времето на Борис Трети за смртта на 11.000 Евреи депортирани од Македонија и Тракија за време на Втората светска војна. Бугарите во тоа време за секоја доставена „еврејска глава“ добивале награда од 300 германски марки.

Бугаринот Иван Тонев, потпретседател на Европската федерација на национални здруженија на филмски сниматели Имаго, смета дека политиката не би смеела вака брутално да навлегува во подрачјето на културата.

„Кога со автомобил се возев кон Македонија, во Софија слушав радиоемисија што се занимаваше со овој филм. Кога стигнав во Битола, разговарав со луѓето за тоа што мислат за него. Сите ми рекоа дека филмот е добар и дека има интересна приказна. Политичарите во регионот ваквите пригоди ги користат за политички кавги“, вели Тонев за Јутарњи лист.

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе