Ченто и Питу биле за обединета Македонија, но не и Темпо и Колишевски (3)

Методија Андонов-Ченто: „Македонскиот народ го изразува својот историски стремеж за обединување на сите негови делови. Тоа е негово национално право, затоа овој стремеж останува негово постојано барање“.

 

 

Методија Андонов Ченто

Како одговор на потребата од еден проглас што ќе ги мобилизира „постарите интелектуалци и луѓето од сите средини, работниците, гурбетчиите и бегалците кои се пријавувале за партизани“ бил издаден Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ, кој не наишол на целосно одобрување кај луѓето-кандидати за Антифашистичкото собрание на Македонија. Тие своите забелешки ги изложиле во писмена форма и така се создал документот познат во историјата како Приговор на Манифестот на ГШ. Суштината на нивните забелешки е дека слободна и целосна Македонија не може да се реализира преку сојузот со југословенските народи, дека сврзувањето со Југославија значи откажување од обединувањето на Македонија.

Ако Мак(едонија) во границите на Југ(ославија) е врзи својата судбина со Југ(ославија), - вели Кузман Јосифовски Питу - тогај што станува со Мак(едонија) под Буг(арија) и под Грција?... Кој е начинот и патот да се Мак(едонија) под Грц(ија) и Буг(арија) покренат во денешнава Н.О.Б.?“.

Никој не се откажа од идеалот за обединета Македонија

Кузман Јосифовски Питу

Главната дилема на поднесувачите на „Приговорот“ било прашањето дали ГШ на НОВ и ПОМ можел да ја донесе одлуката за самоопределувањето на македонскиот народ и за неговото присоединување кон Југославија, дали таа одлука не претставувала затворање на сите други алтернативи што можеле да се појават во поглед на решавањето на македонското национално прашање до крајот на Втората светска војна. Дилемите и колебањата произлегувале од неразбирањето на внатрешните и надворешните услови во кои се одвивала Втората светска војна, од несфаќањето на фактот дека обединувањето на Македонија зависи од други меѓународни фактори кои не биле подготвени за целосно решавање на македонското национално прашање. Прашањето за решавање на македонското национално прашање во рамките на една балканска федерација можело да се постави само како прашање на иднината, тоа зависело и од согласноста на балканските народи и на меѓународните фактори. На Второто заседание на АВНОЈ дошло до дефинитивно оформување на југословенскиот федерализам, било утврдено „Југославија да се изгради врз демократски федеративен принцип како државна заедница на рамноправни народи“, а со тоа била определена и државно-правната положба на македонскиот народ со што се изразувала неговата посебност како нација, макар што со овие одлуки само делумно се решавало македонското прашање. Во текот на подготовките за свикување на АСНОМ челните луѓе на македонското ослободително движење не се откажале од идеалот за слободна и обединета Македонија.

Прво Вардарска, а потоа обединување и на другите делови

М. Апостолски во март 1944 год. пишува: „По прашањето на борбата за обединета Македонија... сите ние овде мислиме на обединението на македонскиот народ и тоа ни лежи на срце како на секој чесен Македонец ... но тоа многу зависи од општата меѓународна ситуација.“ Тие ја гледале Вардарска Македонија во југословенската федерација како прва фаза на процесот во кој подоцна ќе дојде до обединување и на другите делови со неа. На седницата на делегатите од Македонија со Националниот комитет за ослободување на Југославија одржана на 24.06.1944 година на Вис Методија Андонов-Ченто ги изложил ставовите на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ во однос на обединувањето на македонскиот народ од трите дела на Македонија, при што во првата точка било нагласено: „Македонскиот народ го изразува својот историски стремеж за обединување на сите негови делови. Тоа е негово национално право, затоа овој стремеж останува негово постојано барање“. На Првото заседание на АСНОМ Иницијативниот одбор, во своето експозе за борбата на македонскиот народ, истакнал дека Македонија станала пиемонт, кој имал историско право да се залага за обединување на македонскиот народ и ги повикал Македонците од другите делови на Македонија да тргнат во борба против завојувачите и на тој начин да го добијат правото на самоопределување. „Борческиот пиемонт на Македонија, - се вели во експозето, - тржествено прокламира оти нема да откаже никаква помош и нема да жали никакви жртви за ослободуене на целиот македонски народ“.

Преговорите за создавање југословенско-бугарска федерација во 1944-45 година

Веднаш по капитулацијата на Бугарија нејзината нова влада презела мерки да воспостави контакти со југословенското раководство. Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ се обратил до Главниот штаб на Македонија со препорака да воспостави врска со новата отечественофронтовска влада заради заедничко дејствување против Германците. За таа цел биле закажани разговори меѓу делегациите на Македонија и Бугарија. Македонското раководство, меѓу другото, постави и политички барања во врска со статусот на Пиринска Македонија и учеството на пиринските Македонци во завршните операции за ослободување на Македонија. Во текот на овие разговори се дошло до идејата за бугарско вклучување во една конфедерација или федерација на јужните Словени. Била изработена југословенска предлог-спогодба за политичка, воена и економска соработка меѓу Југославија и Бугарија, а ЦК на БРП(к) одговорил со свој предлог-проект за сојуз, во кој биле предвидени одредени клаузули за Македонија. Подоцна се одржала уште една средба во Белград, овој пат меѓу делегациите на Бугарија, ЦК на КПГ и ЦК на КПМ, на која станало збор за прашањето на обединувањето на Македонија. Ставот на грчките комунисти за ова прашање бил негативен под изговор дека составот на населението во Егејска Македонија бил изменет и дека македонското население во овие области било малцинство. А пак обединувањето на Пиринска Македонија со Република Македонија било условено со претходно југословенско-бугарско обединување во една федерална држава.

Британците биле против словенска држава на Егејско море

Кон крајот на 1944 година во Софија отпатувал Едвард Кардељ како официјален претставник на владата на Југославија, но таму наишол на нов бугарски предлог-проект, во кој не станало збор за обединувањето. Разговорите завршиле без да се заземе дефинитивен став, но било решено тие да продолжат. По долги разговори и преговори, кога се мислело дека сите проблеми се надминати, дошло до пресврт под влијание на ангажирањето на британската влада, која била заинтересирана да се сочува интегритетот на грчката територија за да се спречи излегувањето на која било словенска држава на Егејско Море, плашејќи се дека преку овие држави, кои биле под влијание на СССР, би се наметнало советското присуство на тоа подрачје. Овој страв се насетува во повеќе документи на Форин офис, во кои ги среќаваме следниве процени: „македонските комунисти станаа многу поактивни...информиран сум дека намерата била да се одделат трите дела на Македонија, кои им припаѓаат на Грција, Србија и на Бугарија и да се обединат во една советска република...комунистичките партии во Бугарија, Југославија и Грција добија наредби од Москва да ги поддржуваат македонските комунисти... мислам дека проруските групи веројатно очекуваат евентуално создавање на автономна македонска советска република како една алка во синџирот на јужнословенските советски држави...“ За да се спаси од болшевичката опасност, британската влада уште кон крајот на 1941 година иницирала една идеја за создавање балканска конфедерација меѓу Југославија и Грција, која би била основа за една идна општобалканска федерација. Оваа идеја веднаш ја прифатиле бегалските влади на овие земји, но тие однадвор не можеле да влијаат на настаните во своите земји. Со развојот на воените дејства на Балканот, од средината на 1943 год. во британското МНР почнале да пристигнуваат извештаи за борбите на македонски вооружени групи. По создавањето слободна територија во западна Македонија В. Британија испрати воени мисии во Македонија.

Во своите извештаи тие јавувале: „македонското партизанско движење во својата основа пред се е национално, а како второ, комунистичко движење. Во нивната пропаганда цело време се нагласува македонската национална независност“. Во британските извештаи се поставувало и прашањето за што ќе се определат Македонците: за автономна Македонија или за Македонија како федерална единица во рамките на Југославија.

Темпо и Колишевски: обединувањето на Македонија зависи од добрата волја на Бугарија и Грција

Светозар Вукмановиќ Темпо

Од средината на 1944 година се почесто почнала да се споменува и можноста за бугарско-југословенска федерација. Според британскиот министер за надворешни работи Идн, „еден бугарско-југословенски блок ја има предноста што дава решение за македонското прашање, бидејќи Македонија би претставувала автономна единица во федерацијата“, но со една забелешка: во составот на автономна Македонија Форин офис никогаш не ја вклучувал Егејска Македонија. Во септември 1944 година во Софија престојувала македонска делегација на чело со Светозар Вукмановиќ-Темпо и Лазар Колишевски, кои дале интервју за странските известувачи. Во него, меѓу другото, изјавиле: „Обединувањето на македонскиот народ мора да се оствари со добра волја на братска Бугарија и грчката нација“ и „не постои друг пат за обединувањето на Македонија освен со братско разбирање меѓу државите и нациите што се заинтересирани за тоа прашање“. На Московската конференција одржана на 28 септември 1944 година Велика Британија ги вложила сите напори да ја обезбеди својата доминација на Балканот и во југоисточна Европа, а Московскиот договор имал мошне важни последици за Балканот, меѓу другото, ја овозможил британската воена интервенција во Грција.

Британците биле против какво било обединување на Македонија

На 25 јануари 1945 година Форин офис ги запознал југословенските власти со својот став дека тие се „спремни за прифаќање на македонска држава во рамките на Федеративна Југославија, но со сите средства би се спротивставиле на формирање македонска држава што има аспирации на грчки територии“. На конференцијата на Јалта воопшто нема да се постави прашањето за Македонија, зашто тоа е веќе расчистено, а во однос на прашањето за федерација меѓу Југославија и Бугарија тие сметале дека тоа прашање во овој момент не било ургентно, а всушност, како што му пишува Моша Пијаде на Тито за преговорите водени во Москва, „на тој начин владата на Велика Британија сакала да го спречи отстапувањето на бугарскиот дел на Македонија (Пиринска Македонија) на нашата македонска федерална единица (Вардарска Македонија), секако заради тоа што тоа би отворило прашања и за грчкиот дел на Македонија“.

Почнуваат апсењата на сите кои биле за обединување на Македонија

Во согласност со овие свои ставови, Велика Британија почнала да води некои заткулисни игри со југословенската влада, која се поефикасно

Лазар Колишевски

вршела контрола на се што се случувало во Македонија, и при крајот на 1944 година федералната влада како да се откажала од обединувањето на Егејска Македонија со Вардарска. Во почетокот на 1945 година, кога во македонскиот политички живот се појавиле луѓе со различно мислење за одредени прашања, почнале апсења на повеќе личности за пројавен сепаратизам, односно приврзаност кон ВМРО. Но меѓу народот се уште постоела надеж за обединување и за заземање на Солун како главен град на Македонија. Израз на таа надеж претставува бунтот на единиците на НОВ и ПОМ во артилериската бригада стационирана на скопското Кале, кои за време на конгресот на НОМСМ, на 7 јануари 1945 година го истакнале барањето за одење на Солун, а не на Срем. Тоа барање било оценето од централната влада како сепаратистичко и бунтот бил задушен. Македонските политички лидери се уште верувале дека ќе се најде политичка солуција меѓу големите сили на претстојната конференција во Париз, се надевале на поддршка на СССР и на демократските режими на западниот свет. Но, може да се каже дека уште на Конференцијата на Јалта големите сили ја избришале можноста за обединување на Македонија, а ги потврдиле постојните граници на Балканот.

Според книгата „Прашањето на обединувањето на Македонија во Втората светска војна“ на Миле Михајлов

(крај)

Прв дел

Втор дел

Политичките раководства во Република Македонија мора да сфатат дека немаат комодитет да ги занемаруваат економските политики на сметка на политичките агенди.

повеќе

Четирите предложени амандмани треба да им го оневозможат луксузот што го имаа сите досегашни влади, на сите идни влади - спорот за името да им биде изговор за несовесно работење, корупција и системски пропусти.

повеќе

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе