Долно Дупени: како е да живееш до најјужната, затворена македонска граница (ФОТО)

Порано, пред да се затвори граничниот премин, долнодупенци постојано биле во контакт со жителите од другата страна, од селата Нивици, Медово, Герман. Таму имаат и пријатели, роднини, а неретко се случувало да се роди и понекоја љубов.

Онаму каде што Крале Марко се поткачил за да го види Малото Езеро и толку му натежнал на тврдиот камен што се оцртало стапало големо речиси еден метар, токму таму е најјужната точка на Македонија. На граничниот премин Маркова Нога во Преспа. Впрочем, ако се возите со автомобил и имате намера да одите на плажата Долно Дупени, речиси е загарантирано дека ќе ја утнете и дека ќе се шокирате кога одеднаш, среде пат, пред вас ќе се појават рампа и боцкава жица. Ќе ви излезе униформирано лице со пес-чувар, меѓутоа нема ни да ве праша што барате тука. Веројатно поради навиката сите да заталкуваат токму до граничниот премин. Се повлекувате неколку метри наназад и веднаш сте на плажата, која месните жители милуваат да си ја нарекуваат Дупени-бич. И некоја милина ќе ве облее. Опуштена атмосфера, фина музика, луѓе си пијат пиво, играат карти, зјапаат во езерскиот хоризонт.

Се запознаваме со момчето што работи таму. Вели, се вика Џани и живее над патот, баш во селото Долно Дупени.

Ни раскажува дека во селото има околу 200 жители, од кои дваесетина се млади луѓе, како и 200 куќи.

„Фино се живее овде. Немаме богзнае каков ноќен живот оти нема ни дискотека ни кафулиња, ама си имаме едно клупче и таму се собираме. Повеќето се заминати за Скопје, а некои и за Ресен или Битола. Од туризам овде не се живее, а тоа веројатно е поради езерото. Нестабилно е, па водата постојано надоаѓа, па се повлекува“, раскажува Џани.

И вистина, гледаме мрежата за одбојка цела е во вода, како и неколку дрвја и клупи за седење.

Џани има триесетина години и вели дека не се ни сеќава дека границата кон Грција некогаш била отворена, што е и сосема јасно ако се земе предвид дека граничниот премин не функционира четириесетина години.

„Понекогаш, многу ретко, знаат некои Грци да ја преминат границата со чамец, ќе испијат со нас по некое пиво и се враќаат назад“, зборува Џани.

Се поздравуваме со момчето и одиме да го видиме селото. Пријатно сме изненадени. Куќите се фино сочувани, задржана е старската архитектура. Има пекарница, продавница, хотел, како и неколку објекти што издаваат соби за туристи.

На сретсело си седат неколку постари луѓе и заинтересирано нè гледаат. Веднаш им е мерак да зборуваат. Една жена возбудено раскажува дека не им е арно и дека многу подобро би функционирале кога границата би била отворена.

„Ако е отворена границата, постојано ќе има протек на луѓе. Полесно ќе се развива трговијата, туризмот, сите ќе живнеме. А вака, искрено, најмногу ми е жал за младите. Не знам тие што ќе прават понатаму во животот. Ај, ние постарите земаме пензија, кој 5.000, кој 10.000 денари. Има колку за скромна живеачка“, ни зборува жената.

Ни кажуваат дека голем број од нив заминале на печалба, па Дупени го посетуваат само во текот на летото, како и дека поголем дел од населението се занимава со риболов и со земјоделство.

Ни раскажуваат дека порано, пред да се затвори граничниот премин, постојано биле во контакт со жителите од другата страна, од селата Нивици, Медово, Герман. Дека таму имаат и пријатели, роднини, а неретко се случувало да се роди и понекоја љубов. За да ги посетат своите во Грција, и покрај тоа што се на само километар и половина од границата, Преспанци треба да патуваат околу 70 километри до Битола преку граничниот премин Меџитлија.

На сретсело во Дупени како нем сведок за настаните од минатото сведочи и спомен-плочата во чест на 30 илјади деца од Егејска Македонија што ја доживеале бегалската голгота за време на Граѓанската војна во Грција.

Сега засега нема никакви изгледи да се отвори оваа граница. Долнодупенци и понатаму ќе си живеат како и во последниов половина век.

Стануваат, се поздравуваат со нас и срдечно нè испраќаат со зборовите: „Каде на светот има поубав поглед од тука. Запомнете ја оваа глетка.“

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе

Во битката за фотелја во ФФМ секогаш решавачка била „техниката" на добивање гласови од делегатите со поткуп, ветувања, партиски и притисоци на локалните моќници... 

повеќе

Како може да се надминат исклучивите и националистички толкувања на минатото: што работат комисиите?

повеќе