За Бугарскиот културен клуб во Македонија нема македонски јазик ниту Македонци

Лазар Младенов е релативно непознато име во Македонија, но очигледно не и во Бугарија. За него се зборува и во Софија, но и во Брисел. Младенов, како Бугарин-граѓанин на Македонија, во ниту еден момент во дописното интервју за МКД.МК не го напиша зборот Македонец, македонски јазик, македонско малцинство...

Лазар Младенов, претседател Бугарскиот културен клуб

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев го посочи Лазар Младенов како човекот чиј Бугарски културен клуб во Македонија има сериозни проблеми во секојдневното работење. По подолго трагање по Младенов и неговиот клуб, конечно стапивме во контакт (само по имејл) со него. Живее во Струмица, по образование е архитект, се занимава со трговија на осветителни тела, а по националност е Бугарин.

Во писменото интервју Младенов, како граѓанин и на Македонија и на Бугарија, во ниту еден момент не напиша збор поинаков од официјалниот став на Бугарија во однос на македонскиот јазик, македонскиот народ или пак во однос на позицијата на македонското малцинство во Бугарија. И за него, како и за официјалните бугарски историчари, Гоце и Даме, Жинзифов и Прличев, Пејчиновиќ, Сандански... се Бугари.

Еве го интегрално писменото интервју со Младенов.

На какви проблеми наидувате во спроведувањето на активностите на клубот?
- Проблемите се системски и потекнуваат од едно минато време. Во изминатите четири години, колку што опстојуваме, наши членови беа затворани, бркани од работа, повикувани на полициски распит, беа правени притисоци по странични линии со цел луѓето да се откажат од членство во клубот и други облици на притисок, сè со цел да се амортизира или целосно да се закочи работата на клубот. Има тенденција од власта овие случаи да се прикажуваат како поединечни, формулација што ние воопшто не ја прифаќаме, затоа што кога ќе се соберат сите тие „поединечни“ случаи, се согледува еден добро разработен систем против сè што носи бугарски предзнак во себе. Од досиејата што беа објавени станува сосем јасно дека репресивната УДБА прогонувала Бугари во времето на бивша Југославија. За жал, тоа продолжува и денес. Затоа не случајно резолуцијата на Европскиот парламент за напредокот на Македонија изрично бара да се прекине со етничката дискриминација против граѓани што отворено го искажуваат својот бугарски идентитет или етничка припадност. Живееме во 21 век и вакви ретроградни практики ги поткопуваат принципите на демократијата и човековите права.

Можете ли да ни наведете некои поконкретни примери за ваши членови што биле затворани или избркани од работа?
-Ние сме реагирале на тие случаи преку писма, декларации, како и анализи за меѓународниот печат. Последниот таков пример се случи неколку дена по заедничкото чествување на Илинденското востание, кое го организиравме на 21 јули во Смилево. Бев посетен од началникот на ДБК за Струмица, кој упати груби заплашувања кон мене и моето семејство, цитирајќи извадоци од мојот говор во Смилево. На 1 август мојата сопруга Виолета Младенова, со 29-годишен работен стаж во државната фирма „Струмички слив“, беше оставена без работа и практично исфрлена на улица со образложение за скратување на персоналот на фирмата, која се наоѓа во ликвидација. Со тоа ѝ се става крај на неколкугодишната психичка тортура врз мојата сопруга, кој практично започнува со формирањето на БККС. Се сомневаме дека ова бркање од работа е диригирано од високи партиски структури на една од владејачките партии.

Што сте по националност?
-Не сметам дека за едно новинарско интервју се од голема важност моите лични податоци, но ќе ви одговорам. Јас сум Бугарин и граѓанин на Република Македонија и на Република Бугарија. Дедо ми е од Кукушко, а баба ми од Дојранско. По вероисповед сум католик. Но етничката или религиозна припадност не е услов за членство во нашата граѓанска организација. Напротив, тоа е само придонес кон подобро граѓанско општество.

Како граѓанска организација дали реагирате на непочитувањето на основните човекови права на дел од граѓаните во Пиринска Македонија, во Бугарија, земја-членка на ЕУ?
-Секоја држава-кандидат за членство во Европската Унија треба да ги исполни копенхашките критериуми за да стане дел од европското семејство. Исполнувањето на овие критериуми означува стабилност на институциите, гарантирање на демократијата, владеењето на правото и заштита на правата на човекот. Во основа на овие принципи стои независниот судски систем. Анкетата што беше спроведена од ОБСЕ покажа дека судиите во Република Македонија работат под постојан политички притисок. Тоа е поразителен резултат за македонскиот судски систем, чиишто последици секојдневно ги трпат македонските граѓани. Ситуацијата уште повеќе се усложнува во услови кога се затвораат приватни медиуми, во услови кога новинари и граѓански активисти се подложени на говор на омраза и отворени повици за нивно линчување, кога се упатуваат навредливи зборови кон странски амбасадори, кога општеството вештачки се дели на патриоти и предавници. Ниту една од овие работи нема да ни помогне побрзо да се интегрираме во ЕУ, туку напротив, само ќе нè оддалечува од неа. Ова се работи на кои сите ние како граѓани треба да реагираме.

Дали има, а ако има, колкаво е по број според Вашата процена бугарското малцинство во Македонија? Дали имате податоци за бројот на македонското национално малцинство во Бугарија?
-Ова се прашања што биле интересни во времето на Титова Југославија, но денес во обединета Европа има други приоритети. Наместо да прават поделби, европските држави заемно се интегрираат, работат за економски просперитет, базирајќи се на нивните заеднички вредности, на она што ги поврзува и ги обединува. Граѓаните на Република Македонија и на Република Бугарија ги обединува илјадагодишна историја, наследството на светите браќа Кирил и Методиј, св. Климент, цар Самоил, нашите преродбеници и револуционерите од блиското и подалечното минато. Ние споделуваме идентично културно и историско наследство и не треба да дозволиме анахроните идеолошки експерименти и интерпретации на Коминтерната да нè разделуваат. Немаме јазична бариера. Република Бугарија беше првата држава што ја призна независноста на Република Македонија. Сето тоа се одлични предуслови за соработка на сите нивоа. Ако некаква бројка треба сериозно да се анализира, тоа е загрижувачкиот процент на невработеност во Република Македонија, кој изнесува над 30 отсто. Младите луѓе масовно ја напуштаат државата разочарани од огромното партизирање на администрацијата и недостигот од странски инвестиции. Голем дел од нив се образоваат и успеваат да се вработат во Бугарија. Што е најлошо, овој процент нема да се намалува сè додека произволно и без општествен консензус се трошат огромни суми за проекти каков што е „Скопје 2014“, кои се генератор на внатрешни поделби и тензии со соседите. И за жал, сите тие средства на граѓаните се трошат во услови кога речиси нема никаква патна инфраструктура кон Бугарија.

Зошто мислите дека непочитувањето на основните човекови права на Македонците во Бугарија би можело да биде причина за поделби? И не одговоривте – има или нема Македонци во Бугарија?
-По Илинденското востание, како и по Балканските војни и Првата светска војна, голем број македонски Бугари се принудени да побараат спас со бегство во Бугарија. Се населуваат во Софија, Пловдив, Варна, Русе и на многу други места. Во владата на Стамболиски, Ѓорче Петров бил назначен за раководител на владината служба за распоредување на бегалците. По некои процени денес во Бугарија живеат над еден милион потомци на овие бегалци и претставуваат дел од бугарското општество учествувајќи во неговиот политички, економски, социјален и културен живот. Со потекло од географскиот регион на Македонија се и бившиот премиер Сергеј Станишев, како и актуелниот претседател Росен Плевнелиев. Главен обвинител на Бугарија во периодот 1992-1999 беше Иван Татарчев, чиј дедо е брат на Христо Татарчев, еден од основачите и прв претседател на ВМРО. Ресенчанецот Андреј Љапчев е премиер на Бугарија во периодот 1926-1931 г. Прв дипломат на Бугарија во Општеството на народите во Женева е Симеон Радев, исто така ресенчанец, кој станува член на ВМРО по предлог на Гоце Делчев. Автор е на книгата „Градители на современа Бугарија“. Симеон Радев меѓу другото бил ученик на Ѓорче Петров во Битолската бугарска класична гимназија. Едно вакво интервју го оценувам позитивно, но е премало за да се набројат сите овие личности и настани, на кои треба да се гледа како фактор за зближување и обединување.

Лазар Младенов

Дали сте се обиделе со македонските организации во Бугарија (на пример партијата ОМО Илинден Пирин) да стапите во контакт за некаква соработка, за некој проект што би ги зближил двете држави?
-Нашата организација не се занимава ниту се обврзува со политички партии. Политичката надлежност за нас е потполно ирелевантна. Ние имаме само една главна грижа – граѓаните и градењето на граѓанско општество. Во таа смисла ние сме отворени за соработка и контакти со сите организации чија главна цел е градење модерно граѓанско општество. Во март 2010 година учествуваме заедно со други позначајни граѓански организации на јавна дебата по покана на Комисијата за надворешна политика на ЕУ. Резолуциите на Европскиот парламент за напредокот на Македонија (кои практично се држат во тајност и не може да се најде нивен превод достапен за македонските граѓани и општество) даваат добра рамка за зближување на двете држави преку заедничко чествување на општи историски личности и настани и формирање на комисии што треба да ги надминат идеолошките интерпретации на историјата. Минатиот месец во Смилево организиравме заедничко чествување на Илинденското востание, кое беше посетено од околу 400 граѓани од сите краишта на Република Македонија и Република Бугарија. Присуствуваа општински советници од двете држави. Иницијативата беше поздравена од претседателот Плевнелиев, европратеници... Беа поканети претседателот Ѓорѓе Иванов и премиерот Никола Груевски. Се разбира, подготвени сме да дадеме експертски мислења и за комисиите, а за таа цел би било позитивно да се вклучат и граѓански организации од Бугарија. На пример, би било полезно да учествуваат потомци на бугарските родови Шапкареви, Миладинови, Прличеви, Цепенкови, Снегарови, Талеви, Кусеви, Мисиркови, Ризови, Попјорданови, Матови, Дрангови итн. Ова се луѓе што се високо етаблирани во бугарското општество како професори, новинари, режисери, добро се запознаени со македонската историја и можат да дадат солиден придонес во зближувањето на двете држави.

Изградбата на граѓанско општество не го исклучува правото на образование на мајчин јазик, на негување на сопствената култура, на уживање на основните права... мислам на македонското национално малцинство во Бугарија?
-Секој треба да ги негува своите културно-историски традиции, но тоа не треба да биде на сметка или да пречи на традициите на другите. Во образовниот систем во Република Македонија сè уште фигурираат идеолошки интерпретации на историјата што потекнуваат од тоталитарното минато на бивша Југославија. Посмртно се фалсификува бугарската етничка припадност на историски личности како св. Климент, цар Самуил, преродбениците Кирил Пејчиновиќ, Рајко Жинзифов, Кузман Шапкарев, браќата Миладинови, Григор Прличев, дејците на ВМРО, како на пример, Дамјан Груев, Христо Матов, Гоце Делчев, Јане Сандански, Пере Тошев, Тодор Александров и други. Дали е нормално едни исполитизирани историски интерпретации да претставуваат основа за градење добрососедски односи? Всушност, во една таква ситуација, основните права на сите македонските граѓани се драстично нарушени, бидејќи во Република Македонија не се изучува историја што е базирана на автентични документи и во согласност со општо признаената меѓународна наука. Сепак ова е опширна тема, која треба да се разгледува само низ призмата на науката и не смее да се политизира. Токму од таа причина европската резолуција за напредокот на Македонија препорачува формирање заеднички експертни комисии по историја и образование со Бугарија, која треба да придонесе за објективна интерпретација на историјата, да ја засили соработката во академските кругови и да им помогне на младите македонски граѓани да не се образоваат во дух на омраза кон соседните држави. Сметам дека и нашите македонски историчари ќе се согласат да се вклучат во експертните комисии, исто како што неодамна изразија согласност и нивните бугарски колеги. Тоа е местото каде што треба да се разговара на сите отворени теми со научна аргументација. Како добар пример може да послужи објавувањето на дневникот на Крсте Мисирков, што беше заедничка иницијатива и соработка меѓу државните архиви на Македонија и Бугарија. Треба да се продолжи во тој дух.

Има ли македонски народ, македонски јазик, македонски идентитет?
-Агресивната антиквизација, која го чини џебот на граѓаните неколку стотици милиони евра, за жал предизвикува големи нејаснотии на меѓународната сцена за тоа што треба да се подразбира под македонски идентитет. Дали станува збор за словенски или антички идентитет? Дали сме христијани или сме поклоници на пагански херои? Дали сме дел од големата раса македоноиди и како такви сме го населиле просторот до Јапонско Море? Силно се сомневам дека идентитетот што присилно се наметнува во последните неколку години е обединувачки фактор за сите граѓани. Каде се тука вградени другите етнички заедници? Зарем немаат тие придонес за македонскиот идентитет? Зарем Албанците, Турците... не се дел од оваа нација? Сите ние што сме родени тука и имаме семејства, кои си ги плаќаме редовно даноците, сите ние создаваме и придонесуваме за развојот на нашата држава. Инаку, според Уставот на Република Македонија, на територијата на државата се употребува македонски јазик, но македонските граѓани немаат јазични бариери со граѓаните на Република Бугарија. Азбуката со која се пишува тука се нарекува македонска азбука. Таа првпат се појавува на 16 мај 1945 година, кога е воведена со решение на Лазар Колишевски, кој во тоа време бил комунистички политички лидер во Југославија.

Тука имате една суштинска грешка, македонската азбука само е кодифицирана во 1945, таа се разбира не е создадена тогаш. Тоа е иронијата, најстариот старословенски јазик да има најмлада кодификација поради историските околности. Со овој Ваш став ја поддржувате тезата на бугарските историчари дека македонската нација и јазик се производ на Коминтерната.
-Решението за македонската азбука има број 2.625 од 16 мај 1945 година и тој документ, како и стенографските белешки на јазичната комисија што работела во тој период, се достапни на секого. Тие документи покажуваат кој се залагал за старословенските традиции, а кој се залагал за Вуковата азбука. Исто така познато е како завршија оние што се залагаа за старословенските традиции – Венко Марковски заврши на робија на Голи Оток и до ден денешен е анатемисан во Република Македонија. А пак тие што се залагаа за партиските директиви на КПЈ, по 1945 година станаа академици и професори.

Ако го погледнете подетално развојот на македонскиот јазик низ вековите (споменици, записи, ракописи, црковни книги), ќе ви биде јасно дека денешната македонска азбука е круна токму на тој природен развој, а не на некаков акутен договор меѓу поединци. Последново е клише што го верглаат многумина што не се доволно запознаени или стручни на тоа поле. Доказите си стојат, само треба некој да ги побара и прочита, а не да се занимава со предрасуди. А Венко Марковски не бил на Голи Оток поради учество во комисијата (а прашање е и дали баш бил на Голи Оток – некои сведоштва го докажуваат спротивното), туку затоа што пишувал памфлети против Македонија, на бугарска линија.

Кој ги финансира активностите на БККС?
Бугарскиот културен клуб – Скопје се финансира од членарина.

А.Д.

Во Мексико, Индија и Турција, жените завршуваат трипати повеќе обврски поврзани со грижа од мажите.

повеќе

Сега свесно или несвесно се оди во друг правец, сведувајќи ја  партијата  на ниво на  дебатен клуб.

повеќе

Најчести места каде што може да се препознае (и шири) говорот на омраза на интернет се всушност онлајн медиумите кои дозволуваат простор за коментирање.

повеќе