Масакрот кај Карпалак беше местенка за рамковниот договор

Навршија 11 години од убиството на 10-те македонски бранители кај Карпалак. Засега се знае само дека биле убиени во заседа од албанските терористи, и дека постоеле одредени технички пропусти во организацијата на конвојот кон Тетово. И - толку! Сепак,  работите не стојат баш така.

Јанко Бачев

Убиството кај Карпалак, најверојатно е наменски конструирано непосредно пред потпишувањето на т.н. рамковен договор, за дефинитивно да се отстранат сите колебања во врска со потпишувањето на договорот, кој и понатаму останува длабоко трауматичен за македонската национална свест. Притоа, со потпишувањето на капитулантскиот рамковен договор наводно би се отстранила опасноста од натамошно гинење на македонските „војничиња и полицајчиња“ како што се велеше во тоа време.

Меѓутоа, податоците во архивите даваат поинаква светлина за Карпалак.

Во почетокот на јули 2001 година, значи четириесетина дена пред масакрот кај Карпалак, во македонската Служба за државна безбедност постоеја два службени документа со податоци врз основа на кои се знаеше дека на ридот од каде се пукаше врз конвојот се наоѓа вооружена група од 10-15 лица. Тие преку ден биле присутни во ископаните ровови, а ноќта се повлекуваа кај свои јатаци во едно соседно село со целосно албанско население.

Државната безбедност добро го работела овој случај и успеала дури да уфрли свој човек - соработник во терористичката група!

При едно нивно вообичаено ноќно повлекување кај јатаците, комбиниран тим на припадници на државната и на јавната безбедност при МВР, дури и го посетиле ова место и извршиле снимање и увид на локацијата.

Преку соработникот се извршила дури  и идентификација на терористичката група, по што од оперативните евиденции на МВР можело да се види дека овие лица се всушност поранешни криминалци и наркозависници, претходно добро познати на македонската полиција.

По ова, Службата за државна безбедност при МВР, согласно правилата за соработка на безбедносните органи во државата, преку МВР ги доставила овие информации за понатамошно постапување до Секторот  безбедност и разузнавање при Министерството за одбрана. Меѓутоа, дополнително не е преземено ништо, иако се знаеја сите потребни информации за соодветно дејствување.

Е, сега, замислете, да го знаете ова речиси 40 дена пред инцидентот и токму на тоа место да ви загинат припадници на безбедносните сили од испукана граната! Катастрофа!

Значи, сознанија имаше, а ништо не се презеде.

Патем, за време на војната во 2001 година, кога функционираше таканаречената широка колициска Влада, отсуствуваше координираноста на двете клучни министерства (Министерството за внатрешни работи, раководено од ВМРО-ДПМНЕ, и Министерството за одбрана, раководено од СДСМ) кои се однесуваа како две непријателски војски заради домашното неединство за време на војната помеѓу главните македонски партии.

Трагедијата кај Карпалак, пак, сигурно ќе беше избегната, доколку само со еден хеликоптерски прелет беше решена оваа вооружена група, бидејќи прецизно се знаеја сите битни елементи - локација, време и начин на движење, вооруженоста, распореденоста, бројноста на групата...

Исто така, поразителен е фактот што, спротивно на сите формациски воени правила, воените резервисти биле пуштени да се возат накај Тетово како да одат на екскурзија. Дури и по трагичниот настан, бранителите се оставени сами на себе без никаква помош да горат во торпедираните возила, иако на армиските хеликоптери од аеродромот Александар Велики до Карпалак им било потребно само пет минути да им пружат соодветна помош.

Но, хеликоптерите пристигнаа на местото на настанот дури по четириесетина минути!?

Останува неразјаснето зошто пред убиството е отстранет безбедносниот пункт на автопатот Скопје - Тетово во близината кај Карпалак?

Јасно е дека некој пропуштил да преземе одредени дејства за кои бил должен да ги преземе во интерес на безбедноста на конвојот.

Инаку, и после 11 години за семејствата и за бранителите кои ја преживеаја 2001-та, проблем претставува сеуште нивниот нерешен статус.

 

Значи, останува обвска за државата достојно да се погрижи за прашањата од интерес за преживеаните и семејствата на загинатите кај Карпалак, бидејќи, и после 11 години тие не можат да бидат задоволни од тоа како институциите се однесуваат кон нив, и воопшто кон сите бранители од борбените дејства во 2001 година!

Освен тоа созреан е моменот полека да почне да се расветлува вистината за војната во 2001 година од која Македонија излезе посрамена и понижена и тоа не како резултат на неспособноста на македонските безбедносни сили да се справат со албанските терористи, туку како резултат на политичките сценарија и предавства од претставници на македонските политички елити.

Всушност, на прсти можат да се избројат македонските бранители кои за време на војната во 2001 година загинаа во директна борба со терористичката ОНА. Речиси сите седумдесетина убиени македонски бранители во 2001-та, загинаа во заседи, бидејќи албанските терористи претходно го знаеја правецот на нивното движење!

Во овој контекст мора да дојде до расветлување на вистината и за припадниците на АРМ кои загинаа кај Карпалак во одбрана на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата.

Не е на одмет да споменам дека во судската постапка пред прилепскиот суд за обештетување на бранителите, еден од адвокатите во присуство на уредник во еден дневен весник, ја одби мојата понуда да се појавам како сведок во процесот во врска со загинатите бранители кај Карпалак, за да помогнам по судски пат да се расветлат одредени аспекти за трагичниот настан кај Карпалак!

обврската за вистината е дотолку поголема, кога секојдневно гледаме како албанските политички партии бескомпромисно се борат нивните спорни случаи од воената 2001 година да не добијат судска разрешница, со што, и во поствоениот период, албанските политички субјекти покажуваат како треба да се игра кога е во прашање заштита на сопствените интереси!

Значи, потребна е една иницијатива за расчистување и на контроверзните настани поврзани со загинувањето на македонските бранители, со што, Република Македонија ќе покаже доволна зрелост и неопходен демократски капацитет на нејзиниот пат кон евро-атланските интеграции!

Во непосредните разговори, преживеани бранители кај Карпалак јасно ми посочија дека сега многу повеќе од трагичните последици ги боли тоа што што не ја знаат вистината.

Сега на потег е државата!

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе

Во битката за фотелја во ФФМ секогаш решавачка била „техниката" на добивање гласови од делегатите со поткуп, ветувања, партиски и притисоци на локалните моќници... 

повеќе

Како може да се надминат исклучивите и националистички толкувања на минатото: што работат комисиите?

повеќе