Роден на денешен ден, Ринго Стар

Некои од неговите најнови слики во поп арт-стил, изработени со компјутерска графика, пред два дена се продаваа за 12 илјади долари. Целиот приход од нив оди во хуманитарни цели. Сепак, на широката публика не ѝ е познат како сликар, туку како еден од најславните тапанари на 20 век.

 

Ричард Старки, попознат по името Ринго Стар, легендарниот тапанар на Битлси, но и соло-музичар, креативец и уметник, се родил на 7 јули 1940 година во Ливерпул, како син на Ричард и Елси Старки. Родителите му се развеле кога имал 3 години, а мајка му се премажила за Хери Грејвс, кој го охрабрувал Ричард да се занимава со музика. Веќе на 6-годишна возраст преживеал сериозни здравствени тешкотии, кога поради компликации дури паднал во кома. На 13 години го фаќа плеуритис поради кој две години минува во болница. По ваквото долго болничко лекување, не се вратил во училиште, па не можел да се запише ни во гимназија. Отишол во средно техничко училиште, кое го напушта во 1955, и би се рекло дека тогаш едвај знаел да чита и да пишува. Од 1957, со пријателите го основа својот прв бенд, а две години подоцна се вклучува на бендот „Рејвинг Тексанс“, кога го добива прекарот Ринго Стар, пред сè поради прстените кои ги носел, но и затоа што тоа име „звучело каубојски“. До октомври 1960. групата добива ново име, „Рори Сторм енд Харикејнс“ и во текот на гостувањето во Хамбург, Ринго се сретнува со Битлси. Со Макартни, Ленон и Харисон свири прв пат на 16 октомври 1960. Од август 1962 станува постојан член на Битлси. Оваа промена во бендот не е добро примена меѓу фановите, и во текот на еден настап дошло и до тепачка со публиката.

Ринго Стар со Битлси ќе остане до 1970 година. Тензиите во бендот растеле, а кавгите меѓу членовите станувале сè почести, па Ринго Стар привремено излегува од Битлси, во времето на снимање на „Белиот албум“, 1968 година. Две недели поминува со актерот Питер Селерс на неговата јахта игнорирајќи ги повиците да се врати. И покрај тешкиот период за групата и прекинувањето на снимањето, овој албум добро одекна во јавноста и продаден е во 30 милиони примероци. Сепак, две години подоцна, во 1970, Ринго го снима и првиот соло-албум под името „Сентиментално патување“, а Битлси го објавија конечното разидување.

Неговата страст кон создавањето музика го донесува до тоа да стане прв член на Битлси што ги освоил топ-листите (1971). Идните години се редат хитови, а повремено соработува со поранешните членови на Битлси Харисон и Ленон.

Во текот на 1971 основа и компанија, која се занимава со мебел, во која го покажа талентот за дизајн на мебел, преку препознатливи понекогаш дури и „откачени“ детали во поп арт-стил, како што е на пример, масата во облик на цвет или каминот во облик на крофна. И покрај секој друг облик на искажување на креативност, Ринго остануваше во музиката, а во 1975 основа и своја музичка куќа.

Уште од времето на Битлси, Ринго Стар имаше главна улога во неколку филма за самата група, а се појавуваше и во други филмски остварувања. Учествуваше во многу документарни емисии, а во текот на 80-те снимаше дури и детски телевизиски серии.

Од 1989 Ринго гостува низ целиот свет, свири со својот бенд. Покрај музиката, слика, дизајнира, а се занимава и со филантропска работа, учествува во кампањи на еколошките здруженија, на хуманитарни концерти, а последна во низата кампањи е онаа за сочувување на носорозите.

Од 1965 до 1975 беше во брак со својата долгогодишна девојка Морин Кокс, со која доби три сина, Зак, Џејсон и Ли. По разводот од Морин, Ринго се ожени со актерката Барбара Бах.

Ринго Стар живее на релација меѓу Англија, Швајцарија и Лос Анџелес. Активен е, неуморен, секогаш полн со изненадувања за публиката. Најави дека никогаш нема да напише автобиографија, па со овој краток осврт му го честитаме роденденот.

С.Спасиќ

Плукајќи врз музикантите, незнаејќи одработувате за други интереси поведени од разбирливата емотивна нетрпеливост која ја прават криминалците од двете страни.

повеќе

Каков и да биде резултатот од предвидениот референдум за името во септември или во октомври, тој не дава гаранција за обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието за промена на Уставот.

повеќе

Тесла преку проектот Варденклиф покажал дека енергетските ресурси се неограничени.

повеќе