Македонија во ОН по примерот на Источен Тимор (3)

Пред Меѓународниот суд на правдата уште во 1995 година е поведен случај за обезбедување на правото на самоопределување, кој заврши позитивно во однос на почитувањето на тоа право, што досега не е сторено во случајот со Македонија. Ова беше, а и може да биде многу корисно за Македонија во спорот со Грција.

Правото на самоопределување кое при приемот на Македонија во ОН (1993 година) е „случајно заборавено“ и од нашите експерти и од правниците на Светската организација во последниот период се почесто се споменува како можност за покренување на повторна постапка за прием под уставното име. И тука и Марјан Попески, магистер по меѓународно право и професорот Игор Јанев го споменуваат примерот со приемот на Источен Тимор воден пред Меѓународниот суд на правдата, како прв случај пред овој суд што е воден со цел да се обезбеди правото на самоопределување. Попески вели дека во Хаг Македонија треба(ше) да се повика на овој случај со ништавност на меѓународниот договор (Времената спогодба) заради кршење на правото на самоопределување како ius cogens.

„Тимор е остров недалеку од северозападниот дел на Австралија. Со векови беше поделен помеѓу Холандија и Португалија. Источниот дел има околу 19.000 квадратни километри со околу 600.000 жители. Во 1974 година Португалија на Источен Тимор му го признава правото на самоопределување и зазема став дека за идниот статус на Источен Тимор треба да одлучи парламент, кој треба да биде избран на општи, тајни и непосредни избори. Наскоро се формираат две спротивставени политички движења. Едното е за независност, а другото за приклучување кон Индонезија. На 7 декември 1975 година индонезиски трупи влегуваат во Источен Тимор. Португалија веднаш вложува протест до ОН. ОН ја осудува инвазијата, но не го употребува зборот агресија. Во 1976 година Индонезија го прогласува за своја 27-ма провинција.

Неоспорно е дека на народот на Источен Тимор не му е дозволено слободно да ја изрази својата волја на плебисцит организиран под надзор на ОН. Одлуката за припојување е донесена на посреден начин, преку одлука на парламент, во присуство на трупите на Индонезија. Се чини дека ова не ќе беше можно, доколку САД не беа непосредно наклонети кон Индонезија. Врз основа на член 55 и 56 од Повелбата, САД имаат обврска да го промовираат правото на самоопределување. Голема промена настанува кога Португалија ја тужи Австралија пред Меѓународниот суд на правдата. Главна улога во ова тужба има правото на самоопределување, но тужбата е насочена кон Австралија затоа што Индонезија не е под јурисдикција на Меѓународниот суд на правдата.

Португалија го губи спорот, заради тоа што Австралија не се противи на правото на самоопределување, туку Индонезија, која пак не е под јурисдикција на Меѓународниот суд на правдата и тој не може да и суди.

Сепак, судот не пропушта да се произнесе по однос на правото на самоопределување и носи заклучоци од непроценлива вредност за Македонија денес. Португалија постапката ја започнува во февруари 1991, а пресудата е донесена февруари 1995 година.

Народот на Источен Тимор 1999 година организира плебисцит и се самоопределува за самостојна држава. Во 2002 година станува самостојна држава, како прва самостојна држава во 21 век.

Судот се согласува со тврдењето дека правото на самоопределување има дејство erga omnes, но нагласува дека согласноста да се биде странка пред Судот и erga omnes се две различни работи. Судот смета дека не може да донесе пресуда против Австралија, која што учествува во постапката, која ќе се однесува на Индонезија, која што не учествува во постапката (не е ни тужена). Меѓутоа, Судот не пропушта да каже дека без оглед на фактичката состојба (Источен Тимор е анектиран од Индонезија) Источен Тимор има право на самоопределување“, пишува Попески.

Еден од судиите кој учествувал на овој процес, судијата Рањева, во издвоено мислење изјавил дека правото на самоопределување постои actio popularis (јавна тужба), односно дека секоја држава може да ја тужи државата што го прекршува правото на самоопределување.

Ова беше, а и може да биде многу корисно за Македонија во спорот со Грција.

Александар Дамовски

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе