
Пелагонија, некогаш најмоќен индустриски регион, е далеку позади Скопје, а каска и зад второрангираниот Полог. Југозападна Македонија се израмни со Пелагонија, а Вардарскиот регион може да се теши дека, ако ништо друго, е подобар од исток и југоисток. Североисток (читај Куманово) е на ниво од 400 евра просечна бруто плата веднаш зад Пелагонија.
Статистиката покажува дека во Скопје просечна на час се заработува 216 денари во бруто износ. Во економијата на Полог (Тетово и Гостивар) се заработува 168 денари на час, а во Пелагонија (Битола, Прилеп) се заработува 151 денар на час.
Речиси израмнети се Југозападниот регион (Охрид, Струга, Кичево, Дебар) со просечна сатница од 149 денари и Североистокот ( Куманово, Кратово, Крива Паланка) со 148 денари на час. Најмала е сатницата на исток (Штип, Кочани, Виница, Свети Николе, Берово, Делчево, Македонска Каменица) каде просечно на час се заработува 130 денари односно едно евро помалку од државниот просек, а дури 40 отсто помалку од Скопје.
Овој податок е главната причина заради која во источна Македонија населението најмасовно мигрира на привремена работа надвор од земјава. Не е подобра ниту ситуацијата на југоистокот (Струмица, Радовиш, Валандово, Дојран) каде што просечната плата е 22.628 денари, а просечна бруто на час се заработува 136 денари.
Централна Македонија, според заработката е во средината на табелата. Велес, Неготино, Кавадарци и Гевгелија имаат просек од 23.010 денари месечно односно 139 денари на час.