Црвенковски го повика Груевски на ТВ-дуел: „Ајде да му ја кажеме вистината на народот“

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Бранко Црвенковски, денеска го повика премиерот Груевски на јавно соочување на телевизија, каде што пред целата македонска јавност, како што вели, ќе се дознае за тоа кој е предавник, а кој патриот.

„Во текот на целиот вчерашен ден очекував господинот Груевски да се обрати пред македонската јавност и да објасни зошто предлогот Република Македонија (Скопје), којшто јас и тој заедно го прифативме пред самитот на НАТО во Букурешт, е подобар од предлогот даден од Нимиц во 2005-та со кој се зачувуваше уставното име на нашата држава. Да одговори на кој тоа начин предлогот од 2008-ма го гарантираше националниот идентитет подобро од предлогот во 2005-та, па Груевски со чисто срце и мирна совест го прифати. За жал, одговор не добивме. И сосема е јасно зошто. Затоа што нема и не може да има одговор, а кој нема да ја разоткрие приказната за лажен патриотизам, за лажна искреност и одговорност на Никола Груевски“, изјави Црвенковски.

Наместо тоа, вели лидерот на СДСМ, вчера добивме низа спинови, шпекулации, дезинформации пласирани од страна на Центарот за лаги и манипулации на ВМРО-ДПМНЕ што имаа единствена цел да се дефокусира вниманието од вистинските прашања:

„Во една работа целосно се согласувам со Никола Груевски, а тоа е дека народот има право да ја знае вистината. И затоа, господине Груевски, ајде да му ја кажеме вистината на македонскиот народ. Ајде веќе еднаш јас и Вие да седнеме на едно јавно соочување, на еден ТВ-дуел и пред целата македонска јавност да ги предочиме фактите и да ги соочиме аргументите. Да проговориме за сè, буквално за сè што било до сега, но што е уште поважно и за тоа кој каква иднина нуди за нашава земја. Па народот нека гледа и сам нека заклучи кој е патриот, а кој е предавник, кој е одговорен, а кој неодговорен политичар. Господине Груевски, ајде одважете се, охрабрете се и конечно прифатете едно соочување со мене на јавна сцена“, повика Црвенковски.

Тој понатаму во врска со информациите дека е можно да биде покрената кривична одговорност поради оддавање строго доверливи информации вели:

„Вчера преку вашите медиумски мегафони ми упативте закани за некаква кривична одговорност за оддавање државна тајна, за некакви затворски казни. Веднаш да ви одговорам: ич око не ми трепнува. Само напред. Ниту ќе ме уплашите ниту ќе ме замолчите. Само дополнително ме мотивирате. Имајќи предвид дека Вие први јавно почнавте да ја обелоденувате содржината на документот означен со државна тајна, со огромно задоволство би ја споделил кривичната одговорност со вас. Тоа што дополнително вчера ѝ го доставивте документот на државната агенција МИА нема да ви го третирам како отежнителна околност. Барем не јас. За Обвинителството не знам“, вели Црвенковски.

За СДСМ одмори ќе нема, митинзите, кои почнуваат неделава во Струмица, ќе се одржуваат секоја недела во различен град. Целта е да им се понудат решенија на граѓаните за проблемите со кои се соочуваат, одговара  Црвенковски на  новинарските прашања.

Очекувате ли да добиете поголем легитимитет како партија?

 - Апсолутно. Ние почнуваме со серија на митинзи што ќе траат цело лето. Секоја недела ќе бидеме во различен град, за СДСМ одмори ќе нема, викенди ќе нема. Целта на тие митинзи е да го акумулираме незадоволството на граѓаните, кое од ден на ден станува сè поголемо од состојбите во државата, да ги охрабриме оние луѓе што се исплашени и се плашат да проговорат, во исто време и да понудиме решенија за проблемите со кои се соочуваат нашите граѓани. Ќе ги искористиме митинзите и за промоција на нашите кандидати, како и за нивните намери или предизборни програми со кои ќе ја бараат поддршката од граѓаните на претстојните локални избори.

Ако евентуално има ТВ-дуел, каде би се одржал?

 - Слободно нека избере господинот Груевски кај сака. Кај сака, кога сака, со кого сака како медијатор или водител.

Излезе нова анкета за рејтингот на политичките партии со голема разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, дали ја видовте?

 - Не ја видов и немам намера да ја видам, бидејќи да ги слушавме анкетите, ние требаше да имаме најмногу 200.000 гласа на парламентарните избори на 5 јуни. Тоа го кажуваа анкетите. Ние добивме 370.000 гласа. Мене само едно ми е жал - што се намножија институти што носат славни имиња од нашата историја. Шатев, Чуповски... Срам ми е што ги блатат имињата на тие луѓе од историјата на македонскиот народ.

Што мислите за падот на индустриското производство, кој е во континуитет?

 - Падот на индустриското производство, којшто можеме дури да го окарактеризираме како слободен пад, на најдобар начин зборува за нашето стопанство. Жалам што дел од стопанствениците се жалат, се мачат, велат дека им е невозможно тешко како никогаш досега, меѓутоа стравуваат тоа јавно и гласно да го проговорат. Фактите се немилосрдни. Значи индустриското производство паѓа, БДП паѓа, сите проекции на Владата се погрешни, рекордна е невработеноста, рекордна е сиромаштијата, огромен е долгот на Владата кон стопанските субјекти, се дуплираше долгот кон странство. Пазете, ова не се информации или податоци од опозицијата, ова се официјални податоци под државните институции под контрола на Никола Груевски и неговата влада.

Го оставивте ли документот во Канал5?

 - Во Канал 5, односно на новинарот со којшто го водев интервјуто, му го оставивме истиот документ што вчера на прес-конференција ви го поделивме на сите Вас што покажавте интерес за тоа. И една напомена. Бидејќи вчера се појавија секакви документи, како случајно – по некои портали, коишто одма ги преземаат некои телевизии, значи вчера документот што го поделивме е оригиналниот текст на англиски јазик доставен од медијаторот Нимиц. Тоа е предлогот. Сè друго што вчера се појавуваше, се пласираше, се спинуваше, се текстови декриптирани од нашето Министерство за надворешни работи со разно-разни печатарски грешки.

Значи го оставивте?

 - Да, да.

Уште колку вакви класифицирани текстови чувате во вашата архива?

 - Немам јас такви текстови.

Дали ќе се зголеми опозицискиот фронт бидејќи од една страна е десничарскиот опозициски блок?

 - Ние ќе работиме на тоа. СДСМ е целосно отворен за таа опција. Нашите оценки и процени се дека состојбите со коишто се соочува нашата држава налагаат потреба од такво нешто. Она што можеме да го видиме е дека околу генералните оценки за тоа во каква состојба е Македонија и што допрва ја чека Македонија, буквално да нема разлики помеѓу опозиционите партии без разлика дали се работи за десницата, левицата или центарот. Дали тоа ќе биде доволно на крајот да резултира и со заеднички предизборен коалиционен фронт, ќе покаже времето што доаѓа. Од наша страна има добра волја и желба за такво нешто.

Зошто повторно нè враќате во 2005 година?

 - Апсолутно, прашањето Ви е правилно, целосно се согласувам со Вас. Наместо да говориме за она што ни се случува денес, наместо да говориме што по Чикаго, по самитот на НАТО, каква стратегија ќе дефинираме во наредниот период, ние бевме ставени во ситуација од страна на премиерот, наместо да ни кажува кои му се плановите и стратегијата за наредниот период, да нè враќа во 2005 година со цитирање содржина на документ што одамна е ад акта, не е во игра, сè со цел да ме обвини мене дека сум јас предавникот, а тој патриотот. Тоа не може! Тоа не може, бидејќи тоа не е точно, тоа е лага. Затоа, уште еднаш велам, ако е сигурен во своите факти, ајде да седнеме на јавна сцена пред целиот македонски народ, пред целата македонска јавност.

 

Тоа е нашата политичка наивност- да се верува дека правото е семоќно орудие во разрешавањето на сите проблеми. А каде е моралната, политичката, социјалната, психолошката страна на проблемите? 

повеќе

Премолчувањето на јавнот интерес во законските решенијазначи изостувањето на клучниот критериум за оправданоста на концесиите на добрата од општ интерес.

повеќе

Фатени на дело во многу  кражби, сите праведни граѓани на оваа земја беа убедени дека на арамиите ќе им се суди по примерот на Жан - по кратка  постапка.

повеќе