Сонот конечно стана јаве: МЗТ е нов кошаркарски шампион!

Екипата на МЗТ и официјално се впиша во друштвото на најдобрите македонски кошаркарски колективи откако со вечерашната победа во Кавадарци над Фени индустри (83-71) дојде до долгопосакуваната прва шампионска титула, сон на неколку генерации и играчи на овој тим со богата историја и традиција.

Дведеценискиот сон на „металците“ заврши со вкупната победа со 4-1 во победи во големото плејоф-финале против досегашниот шампион, кој даде силен отпор, но кој едноставно не можеше да им парира на порасположените противнички играчи. Токму вечерва на најдобар можен начин се виде дека МЗТ во моментов е посилен противник од кавадаречкиот состав, кој сепак може да биде задоволен од сезоната што заврши во која се пласираа во финалето на сите три натпреварувања во кои учествуваа (првенство, куп и БИБЛ-лига).

Клучна за победата на вечерашниот четврти натпревар од финалната серија беше феноменалната игра на гостите од Скопје во финишот од првата и во првата половина од втората четвртина, период во кој не само што беше надополнета огромната негатива (2-17), туку беше обезбедена солидна позитива (33-27), која беше основа за обезбедување на една од најзначајните победи во досегашната клупска историја.

Шутот од далечина пред сѐ за три поени беше најдобриот елемент во играта на МЗТ во првото полувреме, во кое речиси беше решен победникот на натпреварот. „Металците“ постигнаа шест тројки во првите 20 минути, елемент во кој предничеше Никола Вучуровиќ со шут 3/3 за три поени, како и Тони Грнчаров, кој постигна две тројки.

Кошаркарите на Фени И. во ниту еден момент не се предадоа, правеа напор за резултатски пресврт уште од почетокот на второто полувреме, што им донесе намалување на негативата на пет поени (38-43) по смо две одиграни минути од третиот период. Но наместо да продолжат во ист ритам, кавадарчани му дозволија на противникот серија 6-0, со која МЗТ дојде во двоцифрена позитива (49-38), која им даде можност за посмирена игра во продолжението од мечот.

Најголемата шанса за пресврт домашните ја имаа во финишот од третата четвртина, кога гостите од „Јане Сандански“ немаа кош од игра цели пет минути, но тоа не го искористија кавадаречките кошаркари, кои не профитираа од лошиот период на противникот правејќи почетнички грешки и промашувајќи премногу слободни фрлања (2/6). Но колку и да играа анемично избраниците на тренерот Емил Рајковиќ, сепак со кошот на Џарид Фрај со звукот на сирената дојдоа до подносливи минус три (53-56) на крајот од претпоследниот дел од играта, со што ги задржаа шансите за победа.

Тимот од Кавадарци дојде и до два негатива (54-56), но тука застана. Следуваше серија 8-0 на МЗТ со исто толку поени на Игор Мијајловиќ, од кои две тројки, со што гостите од Скопје повторно се одлепија на плус 10 (64-54), што го означи и почетокот на славјето на клупата на првата шампионска титула во клупската историја. Кавадарчани последниот обид го имаа во последната минута, кога на 18 секунди пред крајот дојдоа само на четири поени негатива (74-78), но крајот на нивната последна надеж го означи кој друг ако не Мијајловиќ, со едно прецизно изведено слободно фрлање за 79-74 за МЗТ, а точка на средбата ѝ стави Вучуровиќ со атрактивно забивање речиси со звукот на сирената.

Мијајловиќ со 21 поен беше најефикасен кај победничкиот тим, каде што одлично одигра и капитенот Тони Грнчаров, кој средбата ја заврши со 15 поени (3/5 за тројка). „Кулите-близначки“, Тодор Гечевски и Ѓорѓи Чековски повторно беа меѓу клучните за триумфот со 14, односно 10 постигнати поени. Дарко Соколов (17 поени), Кирил Николовски (12 поени) и Душан Кнежевиќ (10 поени) беа единствените со двоцифрен поентерски учинок кај Фени И.

И.К.

Се прашувам дали градоначалникот на Охрид знаел дека „кланот" ќе додели јавно признание на вахабист.

повеќе

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе