Како ќе изгледа новата Зоолошка градина во Битола

Минатата година, во рамките на Акцискиот план за развој на Центарот за развој на пелагонискиот плански регион, а по иницијатива на општината Битола, беше предвиден проект за изработка на техничка документација за Зоолошката градина во Битола.

 

Влезот во ЗОО-градината

Проектот се најде на врвот на листата на приоритетите на Советот за развој на пелагонискиот плански регион. Имено, Центарот за развој на пелагонискиот плански регион, кој е лоциран во југозападниот дел на Република Македонија, територијално е најголемиот регион во земјава што има околу 240.000 жители, кои несомнено ќе бидат и крајните корисници на резултатите што ќе произлезат од овој проект.

Едукативен центар

Правилната процена за давање приоритет на проектот произлегува од големиот економски, научноистражувачки, едукативен и културен придонес што една современа зоолошка градина би можела да го даде во насока на зголемување на општото знаење кај населението во регионот во врска со заштитата на животните, нивната добросостојба, екологијата и зачувување на биодиверзитетот.

Едукативен центар

Затоа, паралелно со изработката на техничката документација, Центарот за развој на пелагонискиот плански регион пристапи и кон дизајнирање едукативна програма, чија мисија ќе биде токму практичната едукација и соработка со институции што работат во областа на биологијата, ветерината и заштитата на животинскиот и растителниот свет.

Живеалиште на жирафа

Формирана пред повеќе од 60 години и распослана на околу 2 хектари површина, битолската Зоолошка градина располага со капацитети што ни од далеку не ги задоволуваат потребите на една современа забавна зона, условите на животинските видови за живот во заробеништво и условите за работа на луѓето што се грижат за нив. Кон решенија за комплексноста на оваа задача, тимот на проектанти од студиото ,,Есперанца дизајн“ пристапи со еден сосема нов концепт.

Миникино во рамките на едукативниот центар

Ако досегашната претстава за живеалиште беше кафез со минимални димензии, новопланираните живеалишта нудат средба со животното во амбиент на неговото природно опкружување, во отворени летни живеалишта со големи тревни површини, дувла и пештери, водени површини и базени, дебели сенки и осончени платформи.

Живеалиште на лисица и на ракун

Оваа пејзажна архитектура претставуваше посебен предизвик за тимот на проектанти. При уредувањето на отворените живеалишта и формирањето нови содржини во слободните зони околу главната пешачка артерија на Зоолошката градина, посебно се внимаваше на прекрасниот наследен амбиент и опкружувањето.

Живеалиште на жирафа

Максимално е задржана скапоцената конфигурација на теренот, а постојните зелени површини, паркови и еколошки катчиња се дополнително збогатени со урбана опрема, едукативни содржини и пунктови за одмор.

Тоалети и видиковец

Едно од главните барања на носителот на проектот, Центарот за развој на пелагонискиот плански регион, беше потребата од посетеност на Зоолошката градина преку целата година. Тоа го овозможија новопланираните зимски живеалишта, кои за разлика од досегашните, овозможуваат контакт на животните со посетителите.

Живеалиште на ракун

Со оглед на ниските зимски температури во Битола, а имајќи предвид дека 90% од видовите присутни во Зоолошката градина во природата се среќаваат во топлите краишта на Земјата, овој нов момент додатно го усложни, од функционален аспект, веќе сложениот концепт на секое живеалиште одделно.

Живеалиште на нутрија

Имено, се јави потреба од создавање идеални услови за топли простории, одржување на нивната хигиена и нивна интензивна природна и вештачка вентилација.

Живеалиште на нилски коњ

Неопходно беше оформување зони за посетители, од безбедносен аспект комплетно заштитени, а во исто време доволно транспарентни за визуелни контакти со животните, и на крај, оформување сервисни зони за зоо-негуватели, скриени од погледите на посетителите, преку кои се овозможува безбеден пристап до секое катче на живеалиштето.

Живеалиште на лисица

Овие сервисни зони обезбедени за секое живеалиште и летно и зимско одделно, меѓусебно се поврзани со сервисна патека што води до главната сервисна зона на Зоолошката градина.

Живеалиште на меркати

Поради конкретните потреби на различните видови животни-жители на Зоолошката градина во Битола, сите живеалишта меѓусебно се разликуваат во своите квадратури, висини, поставеност на просториите, видот и големината на отворите, видот и цврстината на металните и на стаклените прегради, подовите и опремата вградена во ентериерите.

Живеалиште на леопард

Дизајнерски ги врзува употребата на исти природни материјали, дрво, камен, тула, одбрани за да го надополнат и да го збогатат природниот амбиент, а максимално вкомпонирани во современ изглед на објектите. Во рамките на парцелата на Зоолошката градина, освен живеалиштата на животните што се носечкиот столб на кој се темели нејзината зголемена посетеност, планирани се и придружни објекти, сместени во административно-сервисната зона.

Живеалиште на меркати кенгур

Концепцијата на современа зоолошка градина, која, меѓу другото, треба да обезбеди и богата понуда на анимациски содржини и квалитетни едукативни програми, ја отвори потребата од планирање објекти и простори што би ја добиле оваа повеќенаменска функција.

Живеалиште на леопард

Тие се распоредени на пунктни точки во парцелата, кои дозволуваат да се обезбедат услови за едукација, одмор и рекреација. При проектирањето и подготвувањето на техничката документација, посебно е внимавано на стандардите и препораките на (EAZA) European Association of Zoo and Aquaria, која, како најрелевантна европска институција, се грижи за заштита на животните, за нивната добросостојба и зачувување на биодиверзитетот на европскиот континент.

Тераса, сувенири

Исполнувањето на европските критериуми ќе го олесни процесот на зачленување на битолската Зоолошка градина во оваа меѓународна институција. Проектот е реализиран од страна на Центарот за развој на пелагонискиот регион. Тој е финансиран од Министерство за локална самоуправа на Република Македонија, преку Бирото за рамномерен регионален развој.

 

Живеалиште етнокуќа со фарма

 

Извор: Мојата убава градина

Се прашувам дали градоначалникот на Охрид знаел дека „кланот" ќе додели јавно признание на вахабист.

повеќе

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе