МВР не распишува јавни конкурси, ама вработува интерно

Министерството за внатрешни работи цели четири години не објавило ниту еден јавен оглас за вработување, а последниот од таков тип бил во 2008 година.

МВР затворено за јавни вработувања

Вработувањата во полицијата најчесто биле интерни, што со право остава простор за сомневање дека оваа институција служи за вработување партиски, а не на квалитетни и професионални кадри.

На ова пред три дена реагираа и дипломираните криминолози од битолскиот универзитет, кои одржаа протест пред Владата и побараа од МВР да престане да вработува партиски и нестручни луѓе без јавни огласи и да распише конкурс за вработување на околу 400 дипломирани криминолози.

Од МВР потврдуваат дека немаат распишано ниту еден јавен оглас за вработување, но признаваат дека имало поединечни вработувања по потреба.

„МВР вработува во зависност од потребите на службата. Вработуваме според Законот за полиција, кој дозволува интерни вработувања, а не според Законот за државни службеници. Ние ги разбираме дипломираните криминолози, но не смееме да фаворизираме ниту една група на граѓани“, вели Иво Котевски, помошник-министер задолжен за односи со јавноста.

Според него, сите граѓани имаат право да конкурираат за работно место во Министерството за внатрешни работи.

„Сите што мислат дека ги исполнуваат критериумите за работа во полицијата може да поднесат барање за вработување и да приложат соодветна документација без да има претходен конкурс. Ако МВР оцени дека профилот на тој што конкурира му е потребен во тој момент, тој секако дека ќе биде повикан на интервју за работа“, вели Котевски.

Тој нагласува дека полицијата има потреба од најразлични образовни профили и дека барањата на дипломираните криминолози биле неоправдани.

„Тоа што тие завршиле криминологија во никој случај не ги става пред другите образовни кадри. На пример, во крим-единицата вработуваме биолози и хемичари, кои се многу постручни во таа област отколку дипломираните криминолози. Или во одделението за компјутерски криминал, на пример. Дипломираните компјутерски програмери секако дека ќе имаат поголема предност пред дипломираните криминолози“, објаснува Котевски.

Последниот јавен конкурс за вработување во Министерството за внатрешни работи бил објавен во 2008 година, за прием на униформирани полицајци.

Е.З.

 

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

повеќе

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе