Властите во Приштина побарале од земјите на Европската Унија да не ѝ одобрат статус на кандидат на Србија, зашто во дијалогот на Белград со Приштина не е постигнат суштински напредок, изјавил вечерва српскиот заменик-премиер Ивица Дачиќ, јавува српски Телеграф.
Во писмото што им е упатено на членките на ЕУ Приштина ја обвинува Србија за неуспехот на дијалогот, објаснува Дачиќ во изјава за ТВ Б92.
„Во писмото се истакнува дека е постигнат само ограничен напредок во дијалогот, се укажува на недостигот од суштински дијалог во спроведувањето и постигнувањето договор за отворените прашања. Во врска со тоа Косово ја повикува Европската Унија и државите-членки да го имаат тоа предвид, особено во контекст на одлуката за доделувањето на кандидатурата на Србија кон крајот на февруари годинава“, рече Дачиќ.
Според него, Владата на Србија мора да го осуди овој потег на Приштина, зашто, како што навел српскиот министер за внатрешни работи, на овој начин Србија се доведува во нерамноправна положба.
„Испраќањето на ова писмо и ова барање на Приштина јасно покажуваат дека за косовските власти дијалогот е само можност за притисок врз Белград и дека тие не сакаат компромис“, истакна Дачиќ.