Чепреганов: Бугарија да се извини за окупацијата

Научници во Софија бараат Скопје да прифати дека во минатото двата народи имале ист корен прекинат по Втората светска војна. Македонски историчари велат дека е можна дебата на оваа тема само ако од нивните бугарски колеги бидат третирани како припадници на народ поинаков од бугарскиот.

Бугарија е четврти најголем трговски партнер на Македонија. Според статистиката, двете држави лани размениле стоки во вредност од над 760 милиони американски долари, од кои 307 милиони биле македонски извоз. На добрата економска соработка засега не ѝ пречат строго формалните политички релации оптоварени со ставот на официјална Софија дека македонскиот народ и јазик имаат бугарски корен. За ова речиси и нема академска комуникација меѓу историчарите од двете страни, што според некои светски примери би довело до трајно решение.

„Може да замислите какви сè проблеми имаа Германија и Франција во историјата и тие успеаја сето тоа да го расчистат за 10 години. И тој учебник е пуштен во училиштата во двете држави. Ист таков обид во моментов се прави меѓу Германија и Полска. Сè е можно, меѓутоа кога ќе седнат рамноправни партнери“, вели Тодор Чепреганов, директорот на Институтот на национална историја на Македонија. Според него, во случајот со балканските соседи нема рамноправност сè додека бугарската наука не ја признае посебноста на македонскиот народ, јазик и култура.

Историчарите во Софија, како што вели Чепреганов, го наметнуваат своето толкување за одредени настани од минатото.

„Тоа е основното. Бугарите пред сè треба да се извинат за сето она што му го направија на македонскиот народ во текот на Втората светска војна, што им го направија на Евреите што живееја во Македонија. Бугарската држава, ајде, бугарскиот народ е нешто друго, треба да се соочи со сопствената историја и со сето она што го има направено во текот на таа историја.“

Тодор Чепреганов

Професорот Чепреганов учествуваше во еден балкански научен проект пред десетина години. Македонски, албански и бугарски историчари подготвија заеднички прирачник по историја за настаните во трите балкански држави во периодот од 1944 до 2000 година. Во него има различни толкувања без заклучоци што студентите сами треба да ги извлечат.

Историјата да се расчисти поради мртвите, а не поради денешните генерации

Бугарија не била окупатор, туку ослободител, ја толкува на поинаков начин историјата Трендафил Митев, директор на Македонскиот научен институт од Софија. Кажува од каде треба да почне дебатата на македонските и бугарските историчари – на пример од песна, како што е „Море сокол пие“ .

„Тие песни дошле од вас кон нас, а не обратно. Зашто ги создале на бугарски јазик, а не на јазик за кој се залагаат научниците во Македонија?! Тука нема ли некој научен проблем што треба да биде разјаснет? Зошто Иван Михајлов помеѓу 1950-1970 година, публикува мемоари на бугарски, а не на некој друг јазик? Нема ли и тука некое научно прашање за културна активност меѓу нашите два народи?“

Овој историчар сепак има омекнат став во однос на она што се учи во бугарските учебници по историја дека Македонците се Бугари.

„Да се разбереме. Никој во Бугарија не сака да и наметнува на сегашната генерација во Македонија како треба да се

Трендафил Митев

чувствува. Но, треба за мртвите предци кои не може да се заштитат. За големата и неоспорна вистина дека до крајот на 1944 година, мнозинството од христијанското население во Македонија зборувало на бугарски јазик. Двата народи имаат ист корен и богато минато што во еден момент големата политика ги разделила трајно“, смета Митев.

Партија донатор на научен институт

Меѓу донаторите на Македонскиот научен институт од Софија е и ултранационалистичката партија ВМРО- БНД (бугарско национално движење) на Красимир Каракачанов. Ова е еден податок за официјализирањето на соработката меѓу политиката и историјата во Бугарија.

Пропагандата и нејзината „статика“

Често се вели дека на Балканот политиката и науката соработуваат. Тоа го почувствувал Стефан Мицов Влахов. По 23 години работа како професор на Софискиот универзитет останува без работа поради своите промакедонски ставови.

Сега има македонско државјанство и од неодамна е вработен во Институтот за национална историја во Скопје. Објаснува зошто Бугарија се плаши да ја признае реалноста.

„Бугарија цело време пропагира за еднонационална држава - не постојат Македонци и македонски јазик. И ако тука попушти, постои страв дека целата таа градба што е градена низ повеќе од еден век ќе се уништи“, вели Мицов Влахов.

Вечната меѓусоседска тема е присутна и во медиумите во двете држави. Меѓу другото и затоа што Бугарија, одвреме-навреме, од свои причини не им дозволува на македонски новинари да известуваат од настани, како што е чествувањето на гробот на Јане Сандански. За разлика од македонските, бугарските телевизии редовно во емисии, репортажи, вести и забавни програми зборуваат за историјата на Македонија како за своја.

Зошто бугарските медиуми толку многу се занимаваат со Македонија?

Георги Коритаров, искусен телевизиски новинар од Софија, вели дека тоа е добро за да се запознаеме повеќе, но начинот е погрешен.

„Тоа што се прави почесто е обид повторно да се произведат едни стари стереотипи на мислење. Во преден план да се вадат оценки и хипотези што одамна не се релевантни, ниту за современите меѓународни односи, ниту за современиот европски систем што се обидуваме да го имплементираме на Балканот, а ниту пак, за интеграциските процеси што Бугарија ги поддржува.“

БТВ му забрани на новинарот да даде изјава

Неодамна софиската телевизија БТВ објави репортажа за која имаше реакции во Македонија поради ставовите на Љубчо Георгиевски и на архитектот Мирослав Грчев изнесени во неа. Побаравме став од авторот зошто историјата на Македонија е атрактивна за медиумите во Бугарија. Телевизијата не му дозволи да одговори повикувајќи се на свои правила.

Непризнавање, притисоци и културно-информативни центри

Меѓусоседските историско-политички дилеми се чини имаат ефект и врз одредени групи граѓани во двете држави. Бугарија не признава македонско малцинство и одбива да ја регистрира партијата ОМО-Илинден Пирин.

Македонија признава Бугари, но одбива регистрација на здружението РАДКО. И едните и другите се жалат на притисоци од тајните служби. Тоа што државите им го овозможија е негувањето на културните вредности.

По спогодбата од 2003 година беа отворени културно-информативните центри на Македонија во Софија и на Бугарија во Македонија - потег што покажува дека сепак, ако за миг се остави историјата на страна, сегашноста и иднината добиваат вредност.

Прочистување на македонските учебници по историја

Неодамна Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент на предлог на бугарскиот европратеник Евгени Кирилов поддржа формирање на заедничка комисија на историчари од Македонија и Бугарија. Таа би ги прочистувала историските лекции во македонските учебници, кои, според предлагачот, погрешно ги воспитувале младите македонски генерации. Оваа идеја дојде во период на жестоки реакции на бугарската јавност за филмот „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, кој го оценија како „ширење говор на омраза“.

Душко Арсовски, diversitymedia.mk

Сите овие промашувања на Груевски имаат едно заедничко - дирекно ја загрозија државноста на Република Македонија.

повеќе

Во САД и во многу европски земји, просечните плати стагнираат, и покрај тоа што многу од економиите закрепнаа од финансиската криза од 2008 година.

повеќе

(Полемика: „Стратегија за прашањето на користење на уставното име на Република Македонија во ООН“, Игор Јанев, МКД.мк, 11 ноември 2017)

повеќе