Топ листа надреалиста

„Се смеевме додека смеата не престана“: приказната за скечевите на групата што го предвиде крајот на Југославија

Скеч-групата Топ листа надреалиста ја проби социјалистичката цензура и станаа едни од најомилените ѕвезди на југословенската комедија. Но за многумина, нивните навидум пророчки шеги што го отсликуваа конечниот распад на земјата ќе останат нивното последно наследство.

На 9 мај 1981 година шест пријатели од Сараево ја добија својата голема шанса на босанското радио. Тие веднаш ги искористија своите 15 минути слава за да организираат лажен терористички напад - користејќи го етерот за да побараат повеќе млади бендови на радио, враќање на локалните младински центри и отстранување на постарите медиумски шефови. Хаотичниот настап бил смислен во локалната кафана само неколку часа пред емитувањето, но го одбележа раѓањето на една босанска комична институција: Топ листа надреалиста или ТЛН. Нивното сирово и дрско деби беше одраз на бурниот, буен и бескомпромисен дух на комичната дружина. Со својот слабо прикриен вокабулар, тие се провлекоа низ пукнатините на официјалната цензура за да ги критикуваат старите југословенски политичари и да повикаат на обновување на социјалната инфраструктура – и сето тоа во етерот контролиран од државата.

ТЛН влета на југословенската културна сцена при раѓањето на една чудна нова ера за нацијата, само една година по смртта на социјалистичкиот водач што ја водеше земјата од 1953 година, Јосип Броз Тито. Почнувајќи на радио пред да направи скок кон ТВ, ТЛН ја раѓа супкултурата што ќе го вивне Сараево до комичниот епицентар на Југославија. Составена од Неле Карајлиќ, Зенит Ѓозиќ, Златко Арсланагиќ, Елвис Куртовиќ, Борис Шибер, Дражен Ричл, Дадо Џихан и Бранко Ѓуриќ, меѓу другите, групата ги користеше надреализмот, сатирата и мрачниот хумор за да ја претстави поезијата на уличниот живот на Сараево, славејќи ги неконвенционалните босански ликови низ цела Југославија.

Сараево отсекогаш претставувало мешавина од култури, судир на османлиската и австро-унгарската империја, југословенскиот социјализам и западното културно влијание. ТЛН, од живописната населба Кошево, ја користеше својата околина како плодно платно за своите комични дела. Во југословенските шеги, Босанците често се карактеризираа како несофистицирани. ТЛН го користеше ова во своите скечеви, демитологизирајќи ги локалците и за возврат, пренасочувајќи го зазјапаниот поглед на другите. Сите главни членови на ТЛН беа со мешани етнички потекла (вообичаено во предвоеното Сараево), што им овозможуваше да истражуваат разни теми околу својата сопствена повеќезначност. Во еден скеч од 1989 година Бранко Ѓуриќ ангажира „детектор за национализам“ што свири пред редица мажи окарактеризирани како Албанец, Србин, Хрват, Словенец, Босанец и Црногорец. Кога друг човек ќе ѝ се приклучи на групата, свирењето станува уште погласно. Групата открива дека изворот на свирењето е неговата југословенска лична карта, игриво признавање на вкрстените идентитети што и ја обединиле и ја поделиле нацијата.

Делото на ТЛН беше дел од новото движење, Нов примитивизам, кое се појави во Босна во март 1983 година. Во директна спротивност на Новиот бран во Загреб и Белград, кој новопримитивците го осудија како премногу засегнат од западната поп-култура, Новиот примитивизам имаше намера да црпи од локалното. Според Куртовиќ, главен член на ТЛН, групата се надеваше дека ќе покаже дека „најдоброто другарство“ е „на забави каде што масите се полни со бурек и алкохол“. Објавен во забавно списание во 1982 година, нивниот манифест го величеше „новиот примитивец“ како човек „што чита тешки дела како Хегел, но радо влегува во тепачки“. Нивното занимавање со локалното не беше ниту антиинтелектуално, ниту антибалканско, туку славење на обете. За нив, автентичноста беше она што значеше да се биде навистина примитивен.

До 1984 година ТЛН си имаше обезбедено 45-минутно место во ударен термин во емисијата на Ерна Периќ на ТВСа2, босански канал емитуван низ цела Југославија, каде што вадеа скечеви што се подбиваа со ТВ-станиците, вратарите, фудбалот, па дури и со Ѕвездени патеки (ТЛН-верзијата, „Бурек у свемиру“, беше обид да се лоцира најдобриот бурек во универзумот). Музичките сегменти беа составен дел од серијата, паралелно со зголемувањето на славата на бендовите како Забрањено пушење и Елвис и Метеори. Членот на ТЛН Неле Карајлиќ ја окарактеризира оваа рана фаза како „резултат на нашата младешка хистерија, кој повеќе се потпира на сировата енергија отколку на мозокот“. Нивниот груб комичен стил и користењето на старите југословенски стереотипи беа првите од тој вид во државно контролираните медиуми. Пионерската серија наскоро ги катапултира ТЛН и нејзините членови во врвот на славата низ цела Југославија. До 1984 година, зборот махалас (турски термин за маало во сараевскиот жаргон) и Хркљуш, измислена игра создадена во емисијата, станаа мејнстрим. Облеката на ТЛН, со шпицастите шпицоки-чевли, беа најновиот моден тренд. Босанскиот хумор го оформи темелот на југословенската култура и Сараево беше, некое време, нејзиниот центар.

Но до нивната втора телевизиска сезона, пет години подоцна во 1989 година, ТЛН станаа сè пополитички. Нивните социјални коментари станаа поотворени, оттргнувајќи се од бесмисленото младештво што ја карактеризираше првата сезона. Многу од нивните скечеви беа морничаво пророштво за Југословенските војни, кои следуваа три години подоцна, додека социјалистичката држава се распаѓаше и земјата почна да се распарува по етничките линии. Во тоа време, овие нови скечеви беа директен резултат на тлеечките тензии и на економската нестабилност, со кои ТЛН се соочи со непомирлива директност. „Тие ни прикажаа иднина што ние сè уште не можевме да ја разбереме“, вели Ацо Вујиновиќ, обожавател од Мостар, кој во тоа време гледал ТЛН.

ТЛН прикажуваше семејства поделени во фанатични завојувани фракции и тривијални културни разлики што прераснуваат во насилство; сѐ беше ироничен хумор кога беа емитувани првпат. Во нивните емисии, дружината правеше пародија од Босна составена од илјадници мали земји, поделено Сараево, па дури и присуство на Обединетите нации, кои од измисленото боиште на ТЛН беа отфрлени како „лажни мировници“. Во еден скеч маж што зборува само „херцеговински“ излезе на љубовен состанок со жена што зборува српски јазик. Двојката комуницираше преку преведувач, кој буквално ги повторуваше истите зборови (бидејќи двата јазика се идентични). „Во тоа време се смеевме затоа што не мислевме дека ова може некогаш да ни се случи“, вели Вујиновиќ. „Се смеевме додека смеата не ни престана, и сè што некогаш изгледаше невозможно, стана наша реалност“. Гатачкиот статус на ТЛН беше зацементиран со еден скеч од 1989 година, во кој Карајлиќ прогласува дека на 12 ноември 1995 година ќе настане поделена Југославија. Дејтонскиот договор што ја оконча Босанската војна и официјално ја подели Босна и Херцеговина по етничка линија беше потпишан на 14 декември 1995 година.

Кога во 1992 година избувна Босанската војна, ТЛН продолжи да емитува надреализам од Сараево, дури и додека градот скоро четири години беше заробен под опсада. Додека некои од оригиналните членови на ТЛН бегаа како бегалци, оние што останаа одбија да бидат обесхрабрени. Непоколебани од снајперскиот оган, од првите борбени линии и бесконечниот недостиг од храна и струја, ТЛН објавија повеќе од 50 радиоскечеви и четири ТВ-епизоди во периодот од 1991 до 1993 година. Емитувани на единствената станица во Босна и Херцеговина како нејзина единствена комична емисија, дружината ја поздравуваше својата публика: „Добровечер до сите вас тројца што сѐ уште имате батерии“. Никој не беше поштеден од нивниот потсмев и секоја страна од војната беше критикувана. Во еден телевизиски скеч Србите апсат чешки туристи откако ги помешуваат со муслимански екстремисти. Во друг, четничко дете е излекувано од неговиот „дух“ од страна на еден босански „суперимам“. Хуманитарните работници беа прикажани како вампири, кои ги намамуваат невините сарајлии со лажни ветувања за фета сирење, само за потоа да им изнудат присилно дарување крв. ТЛН дури создаде сопствена игрица заснована врз постојан ризик од снајперски оган. Членот на ТЛН Зенит Ѓозиќ во документарецот на Ал џезира во 2013 година објасни: „Јас не ѝ припаѓам на ниедна перспектива. Мислам дека тоа е мојата должност како комичар и како уметник, да бидам независен“. Со потсмевањето со лудилото што ги опкружуваше, ТЛН станаа гласот на разумот меѓу завојуваните страни.

На крај, хуморот на ТЛН стана врска со минатата заедничка, загубена култура. „Постои една изрека: смеата е лек“, вели Вујиновиќ. „ТЛН ја продолжи таа традиција, додека војната беснееше околу нив. Нивниот хумор стана лек.“ Или, како што изјави Контиќ за Њујорк тајмс во 1993 година: „Знаеме дека нè слушаат во Белград, Загреб и во териториите окупирани од Србите. Нашите бегалци нè слушаат низ цела Европа“. Членовите на ТЛН беа олицетворение на едно колективно минато, нивното етнички мешано потекло го одразуваше некогаш мирниот живот. Овој ангажман со хумор и креативност, и покрај насилството, стана чин на отпор. Во истата статија на Њујорк тајмс, Саша Петровиќ, еден од членовите на ТЛН, истакна: „мора да најдете хумор за да можете да функционирате во текот на месеците депресија, како оние што ги претрпевме тука. Без тоа, сите ќе завршевме во азил“.

Сепак, на крај, раскараното распаѓање на ТЛН беше сведоштво за лузните создадени за време на војната. Многу членови на дружината тргнаа по различни патишта или за време на војната или набргу по неа, напуштајќи го Сараево засекогаш. Најпознато е дека Неле Карајлиќ, кој беше во јадрото на серијата (како и фронтмен на групата Забрањено пушење), се пресели во Белград за време на војната. Со помош на славниот режисер Емир Кустурица, тој формираше своја фракција на групата Забрањено пушење.

Денес, многу од членовите на ТЛН ги продолжија своите индивидуални уметнички кариери и постигнаа нови признанија, особено Бранко Ѓуриќ, кој глумеше во оскаровскиот филм „Ничија земја“. Спин-оф емисии на ТЛН беа снимани во 2007, 2012 и 2017 година, со неколкумина од оригиналните членови. Сепак, тие никогаш не го достигнаа истото признание како оригиналот. Многу обожаватели ја продолжуваат својата љубов кон емисијата преку матните клипови на Јутјуб, размислувајќи за нејзиното пророчко осознавање на пропаста на Југославија. Вујновиќ ни објасни дека „тие за нас се таква култна класика, наследство што јас гордо им го предадов на моите деца“. Не постои превод на англиски јазик, ниту може да се купат на мејнстрим платформите - можеби поради нивниот непреводлив хумор, локалните шеги и културно специфичната уметничка форма.

На крајот на краиштата, делото на ТЛН е ода на надреализмот: духот на пркосот и апсурдноста, осмислувајќи еден свет што веќе нема смисла. И додека многумина ќе ги анализираат нивните пророчки дарби - како дружината успеа да улови толку голем дел од своето време, навидум пред своето време - можеби најважната работа е да погледнеме наназад кон скечевите на ТЛН со истиот хумор со кој тие се создадени. Како што самиот Куртовиќ сугерираше во една колумна од 2013 година за академскиот интерес кон ТЛН: „мојата прва реакција е да се заебавам со нив. Ништо не ми претставува поголемо задоволство од гледањето на глупостите стари 30 години што сум ги напишал чисто од инает, индолентност или злонамерност, сега преведени на англиски јазик и анализирани од сериозни луѓе во потрага по подлабоко значење“. Се надеваме, Куртовиќ, дека те направивме горд.

Извор: Калверт џурнал

Објавено

Сабота, Јуни 26, 2021 - 09:20

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе