ПЛАШЕТЕ СЕ

Лажните вести допрва ќе станат многу пострашни од што вие можете да си замислите

Она што го видовме во изборната 2016 година не е ништо во споредба со она за што ќе треба да се подготвиме за 2020 година.

Помалку од еден месец откако Доналд Трамп неверојатно беше избран за 45-тиот претседател на САД, една чудна приказна почна да се пробива низ социјалните медиуми. Во старите денови пред руското ширење лажни вести за олеснување на победата на Трамп да стане вест на насловните страници, 28-годишникот по име Едгар Мадисон Велч почна да чита за една пицерија во Вашингтон, во која биле сместувани мали деца како сексуални робови во ѓаволска операција испланирана од неодамна поразената демократска претседателска кандидатка Хилари Клинтон. Така, Велч одлучил да влезе во кола и да вози околу шест или повеќе часа од својот дом во Сализбури, Северна Каролина, до „Комет пинг-понг“ во северозападен Вашингтон, каде што почнал да пука со АР-15.

Приказната за „Комет пинг-понг“, и уште повознемирувачката вест за улогата на Кремљ во американските избори, само го нагласуваат брзиот подем на лажните вести од нејасен поим до можеби најзначајната дигитална епидемија со која се соочија медиумите, владата и, со ризик да звучиме благо хистерично, самата демократија, вели Ник Билтон за Венити фер.

Пакистанскиот министер за одбрана, збунет од една приказна со лажна вест, ги зголеми шансите за нуклеарна војна со Израел. (Да се потсетиме дека Мајкл Флин Џуниор, синот на советникот на Трамп за национална безбедност, ја шерна приказната за „Комет пинг-понг“ на Твитер.) Во меѓувреме, сегашниот американски претседател виртуелно ја помина речиси целата своја кампања измислувајќи или ширејќи фабрикувани приказни, како на пример неговата сугестија дека таткото на Тед Круз бил вклучен во заговорот за атентат врз Џон Кенеди (не бил) и неговата изјава дека насилниот криминал е најголем во САД во историјата (криминалните стапки, иако лани малку зголемени, се на најниското ниво во последните 20 години). Иако сите овие приказни очигледно се фабрикувани на различни начини, сите тие имаат една технолошка сличност: речиси целосно се базирани на текст. А тоа сега ќе се смени.

Во здруженијата и универзитетите низ целата земја, во почетна фаза се технологии што најверојатно наскоро ќе ја избришат линијата помеѓу вистинското и лажното. Или, пак, со наједноставните термини: достигнувањата во аудио- и видеотехнологијата стануваат толку софистицирани што ќе можат да ги копираат вистинските вести - вистинските ТВ-програми, на пример, или радиоинтервјуа - на досега невидени и навистина неразбирливи начини. Еден истражувачки труд објавен минатата година од професори на Универзитетот Стенфорд и Универзитетот во Ерланген-Нирнберг покажа како технолозите можат да снимат видео од некој како зборува и потоа во реално време да ги менуваат изразите на неговото лице. Со технологијата на професорите може да се земе парче видео од, да речеме, Владимир Путин, и да се менуваат изразите на неговото лице на начини што тешко се забележуваат. Всушност, во ова видео во кое е прикажана технологијата истражувачите покажуваат како ги менувале и Путиновите одговори и изрази на лицето.

Ова е, најблаго кажано, морничаво. Но е само дел од заканата од лажните вести на иднината. Други слични технологии со години се изработуваат на универзитетите и истражувачките лаборатории, но никогаш не им успеало она што компјутерите можат да го направат денес. Да го земеме за пример „Проектот дигитална Емили“, студија во која истражувачите создадоа дигитални актери што може да се користат наместо вистински луѓе. Во изминатите неколку години, резултатите беа недоработени и лесно се забележуваше дека се дигитални преправки. Но технологиите што сега ги користат Холивуд и индустријата на видеоигри во голема мера ги прават дигиталните аватари такви што вистинските луѓе речиси не можат да ја забележат разликата. Може да замислите како некоја политичка група што ја користи таа технологија создава лажен видеоклип на кој претседателот Трамп му кажува на Рекс Тилерсон дека планира да фрли нуклеарна бомба врз Кина. Брзината со која вестите се шират низ социјалните мрежи, исто така, значи дека администрацијата би имала ужасно малку време за да реагира пред лажната вест да се претвори во меѓународна криза.

Аудиодостигнувањата може да бидат исто толку ужасни. На својата годишна конференција во ноември, Адобе покажа нов производ што беше наречен „Фотошоп за звук“. Производот им овозможува на корисниците да вметнат околу 10 до 20 минути од нечиј глас во апликацијата, а потоа им овозможува да внесуваат зборови, кои ги изговорува истиот тој глас.

Произлезениот глас, кој е составен од фонемите на личноста, или различни единици на звук што го разликуваат еден збор од друг во секој од јазиците, не звучи дури ни најмалку компјутерски создаден или составен. Тој звучи реално. Ваквата технологија може да ја олесни можноста да се вметне едно од интервјуата или говорите на Трамп во апликацијата, а потоа да се пишуваат реченици или пасуси изговорени од неговиот глас. Многу лесно може да замислите како некој создава лажна аудиоснимка на која Трамп вели дека не му се допаѓа Мајк Пенс, или дека лажел за даноците, или дека навистина уживал во наводниот „златен туш“ во руски хотел. Потоа може да ја вртите таа снимка низ интернет како коментар што бил слушнат од прислушуван разговор. Уште полошо, може да замислите сценарио во кое некој го користи гласот на Трамп за да му се јави на друг светски лидер и да му се заканува со некаква насилна акција. А можеби најлошо од сè, како што квалитетот на имитацијата станува сè повисок и повисок, ќе биде сè потешко да се спознае што е реално однесување, а што не е.

Можеби најстрашниот дел е тоа што, еден ден, во скоро време, овој вид технологија ќе ги пречекори границите на академиите и институциите до степен кога јас или вие ќе можеме да создаваме лажни дигитални клипови, исто толку лесно како што обичните луѓе сега создаваат лажни вести. На технологијата од Стенфорд што може да ги манипулира вестите во реално време не ѝ требаат редица висококвалитетни компјутери како оние што ги користи „Пиксар“; на неа едноставно ѝ треба некој исечок од видео од Јутјуб и стандардната веб-камера на вашиот лаптоп.

На многу начини ние веќе почнуваме да го гледаме почетокот на овој феномен. Оваа недела на Твитер кружеше еден анимиран ГИФ на кој се гледа Трамп на неговата слабо посетена инаугурација. Во краткиот клип, Трамп се врти и ја погледнува својата сопруга, Меланија; тие си кажуваат неколку збора; таа се смее, а потоа, кога тој ќе ѝ сврти грб, насмевката на Меланија се претвора во тажен, подмолен израз. Проблемот е во тоа што на социјалните мрежи никој не знаеше дали клипот е вистински, или пак можеби е пуштен наназад (во тој случај Меланија е среќна кога нејзиниот сопруг се врти и ја погледнува).

(Колку што јас можам да видам, клипот е вистински.)

Или земете ја контроверзноста околу филмот „Целта на кучето“, кој беше бојкотиран од ПЕТА и од безброј познати личности откако Ти-ем-зи објави клип на кој еден германски овчар со сила е турнат во надојдените води на снимањето на филмот. Иако снимката што Ти-ем-зи ја објави всушност беше вистинска (и ужасна, на повеќе нивоа), еден од продуцентите на филмот излезе да каже дека клипот од трејлерот на филмот што ПЕТА го ширеше за да протестира против него е лажен. Кучето што скока во опасните води, рече тој, е компјутерски создадено. Невозможно е да се забележи разликата.

Ако научивме нешто од овој изборен циклус, тоа е дека постојат голем број причини поради кои луѓето создаваат лажни вести. Една од нив е финансиската. Студентот Камерон Харис рече за Њујорк тајмс дека измислувал приказни на лажни њуз-сајтови што ги создал за 5 долари. Харис, кој измислувал приказни за изборни измами и за Хилари Клинтон, заработувал дури до 1.000 долари на час, додека милиони луѓе кликале на неговите измислени постови. „Парите ги потрошив за студентски кредити, рати за автомобил и за кирија“, му се фалеше тој на Тајмс.

Некои луѓе создаваат лажни вести едноставно за да покажат колку е лесно да ги нервирате нормалните медиуми. Потоа, тука е и фактот дека владите на другите земји може да ги користат лажните вести како оружје во чинови на дигитален тероризам. Откако се вмешаа во американскиот изборен процес (што дури Трамп сега го признава), пропагандните следбеници на Путин сега го прават истото во Европа.

Дури и со оглед на релативно примитивната технологија што во моментов ја имаме на располагање, тоа е морбидно ефикасно. Стана јасно, на крајот на краиштата, дека повеќето нови корисници не сакаат да знаат дали она што го читаат е вистинско или лажно; тие само сакаат да знаат дека тоа го поткрепува нивниот поглед на светот. Како што истакна центарот Пју рисрч, денес во општеството заситено со медиуми, „либералите и конзервативците живеат во различни светови“.

Она што е уште пострашно, всушност, е каде ќе се наоѓаат овие технологии и закоравените погледи на светот до наредните избори во 2018 година, или на претседателските избори во 2020 година. До тој момент, ќе си помислите, по интернет нема да лебдат само илјадници статии со лажни вести, туку и безброј лажни видеа и аудиоклипови. Ако ги споите овие технологии со еден претседател за кој се знае дека лаже дури и за најбезначајни прашања, ние веќе нема да знаеме што е реално, а што е лажно. Ако некогаш било важно луѓето што ги создаваат технологиите да го земат предвид влијанието на нивните креации, тоа е сега.

Реформи во образованието секако дека се потребни, но тие треба да се базираат на цврсти докази поткрепени со позитивни резултати за напредок.

повеќе

Кога ќе се каже Западна Европа, во Македонија се мисли дека се работи за место каде што царува сознанието.

повеќе

Постојат кафе барови каде стои натпис дека немаат интернет па препорачуваат луѓето да си прават муабет како порано. 

повеќе