Уметноста на науката

Хемијата е кул: руски гикови се претвориле во хемиски елементи за да ја доближат науката до луѓето (ФОТО+ВИДЕО)

Група ентузијастични руски научници добиле идеја како да ја направат хемијата фасцинантна и пикантна со тоа што самите се претвориле во најпознатите хемиски супстанции за да докажат колку работењето во лабораторија може да биде забавно.

Тимот, со соодветно име АртНаука, смислил проект наречен „Суперхерој од хемијата“. Тие велат дека фотосесијата всушност била социјален експеримент на самите научници, зашто морале буквално да станат елементот што го претставуваат.

„Што ако го потопиме научникот во реакции и елементи, а не обратно? Како можеме навистина да направиме да ја доживеат хемијата? Е па така што нив ќе ги направиме хемија!“, вели групата во описот на клучната идеја зад сесијата.

Еве го резултатот на нивната работа - овие сочни фотографии повеќе личат на преправени суперхерои во некое елитно списание за мода отколку на нешто што е поврзано со науката. И, како што излезе, уште подобро за целта на проектот, кој е да се популаризира науката и да се направи поразбирлива за пошироката јавност.

Групата вели дека најтешкиот дел од фотосесијата всушност бил да најдат шминкери што би можеле да ги реализираат нивните идеи, како на пример да знаат што е водородот - дали е мек или цврст, за што се користи и како да го прикажат - за што, да бидеме искрени, ретко некој просечен шминкер има поим. Покрај тоа, на самото снимање се употребувале вистински оган и течен азот, што би можело да биде премногу не само за шминкерите... Но ентузијазмот победил!

Сепак, оваа најнова фотосесија е само еден од големиот број проекти во портфолиото на групата.

Тимот, кој се состои од вистински научници, лиценцирани физичари, хемичари, математичари, инженери и молекуларни биолози, создава живи научни шоуа, а учествува и на фестивали, предавања, па дури и во работилници за молекуларната кујна.

Меѓу другото, групата учествуваше во предизвикот со кофа мраз - виралната „забава“ во 2014 година. Основачот на АртНаука, Николај Новоселов, го стори тоа во хемиски стил, користејќи течен азот за својот трик наместо мраз. Стварно суперхеројски.

Но бандата отиде уште подалеку и создаде цело шоу користејќи течен азот, во кое прикажуваа што може да направи таа супстанција.

Групата со жалење забележува дека денес врз јавноста повеќе влијаат маркетинг-агентите отколку научниците, што доведува до шокантни резултати.

„Луѓето почнуваат да се плашат од неверојатни нешта, како од шеќерот, конзервансите и ГМО, па сè до вештачката интелигенција. Компаниите си играат со овие стравови и воопшто не им е гајле за едукацијата на јавноста, а научниците се занимаваат само со истражување и развој, скриени во своите лаборатории. Затоа, сметаме дека има голема потреба да се популаризира вистината и да им се прикажува на масите“, нагласуваат научниците, додавајќи дека нивната главна цел е преку забава да ја учат јавноста што е тоа наука.

А и зошто да не? Сите ние сакаме да си играме.

Објавено

Сабота, Јули 2, 2016 - 21:20

Коментари

Поимањето на несомнената поддршка на ЕУ е најкомплицирано од перспектива на Република Македонија.

повеќе

Спортскиот амбасадор Лазаров покажа слаб дипломатски имунитет кон политиканството.

повеќе