Сè што досега знаеме за „Ѕвездени патеки: Дискавери“ (ФОТО+ВИДЕО)

Дванаесет години откако престана да се емитува „Ѕвездени патеки: Ентерпрајз“, конечно добиваме нов серијал „Ѕвездени патеки“. „Ѕвездени патеки: Дискавери“ почнува во мај и внимателно се следи секоја нова информација за неговата екипа, приказна и продукција.

На 7 март Си-би-ес објави дека Џејсон Ајсак (познат по неговата улога на Лусиус Малфој во филмовите за Хари Потер) ќе ѝ се приклучи на актерската екипа како капетанот.

 

Приказната

Како и секој од претходните серијали „Ѕвездени патеки“, и „Дискавери“ е серија за екипажот на вселенски брод на Федерацијата. Разликата е во тоа што овој пат ќе имаме еден јасен протагонист, офицер на УСС Дискавери, а приказната нема да биде концентрирана на еден брод. Главната актерска екипа ќе се состои од околу седум карактери, но некои од нив може да дојдат и од екипажот на клингонски брод и на друг брод на Федерацијата, кој редовно ќе се појавува заедно со Дискавери. Нешто како долготрајната приказна на „Длабока вселена девет“ и нејзината голема екипа, за разлика од постатичната, епизодна природа на „Наредната генерација“.

Со дејство 10 години пред Оригиналниот серијал, сценариото на првата сезона од 13 епизоди е поврзано со некој „настан“ споменат за време на авантурите на капетанот Кирк и неговиот екипаж. Веќе е отфрлена можноста за катастрофата Кобајаши Мару, Ромуланската војна и битката на Аксанар, но досега обожавателите не успеаја да најдат некој конкретен настан. Големи се шансите тоа да е нешто во што се вклучени Клингонците.

Сликите што некој ги објави од снимањето покажуваат група актери во нешто што веројатно се новите клингонски костими и шминка. Иако овие вонземјани можеби се некој нов вид, наборите на нивните чела и оклопот сугерираат дека тие се ветената физичка измена на стариот непријател на Федерацијата.

 

Екипата на „Ѕвездени патеки: Дискавери“

Сонека Мартин-Грин („Живи мртовци“) ќе ја глуми Рејнсфорд, офицерот познат како Број еден, како омаж за првиот офицер во оригиналната неемитувана пилот-епизода на „Ѕвездени патеки“.

Џејсон Ајзак ѝ се приклучи на актерската екипа на 7 март, играјќи го капетанот на УСС Дискавери, Лорка. Во неговиот екипаж се Сару, вонземјанин-научен офицер, кој го игра легендата на филмовите со чудовишта Даг Џонс (Лавиринтот на Пан), и астромикологистот (експерт за вселенски габи) полковникот Стамец, кој го игра бродвејската ѕвезда Ентони Рап.

Мишел Јео е најголемото име досега во екипата, ја игра капетанката Џорџиу на УСС Шензу. Нејзиниот лик редовно се појавува во серијата, што укажува на посеопфатна улога на другите бродови во флотата. Во нејзината екипа се новодојденецот Сем Вартоломеос како помладиот офицер Конор, и Молик Манчоли (30 Рок), како д-р Намбу, главниот медицински офицер.

На клингонскиот брод ќе ги имаме Шазад Латиф (Пени Дредфул) како командниот офицер Кол и Мери Чифо како борбениот командант Л'Рел. Крис Оби повторно се појавува како Т'Кувма, клингонскиот политички лидер, кој му е ментор на Кол. Ликот на Т'Кувма поставува една интересна сцена за улогата на Клингонците во приказната: лидер што сака да ги обедини раскараните аристократски куќи што го владеат клингонското општество.

Во серијата гостуваат Тери Серпико како адмиралот Андерсон од Ѕвездената флота и Џејмс Фрејн како нашата прва врска со оригиналната серија: таткото на Спок, Сарек, амбасадор на Вулкан.

Најмалку еден од главните ликови ќе биде хомосексуалец, што е преседан во ТВ-универзумот „Ѕвездени патеки“.

 

Креативниот тим

„Дискавери“ веќе доживеа некои почетнички проблеми зад сцената, откако првичниот главен продуцент и автор Брајан Фулер се повлече пред да почне продукцијата на серијалот. Фулер е долгогодишен фан на „Ѕвездени патеки“, кој ја почна својата кариера со „Длабока вселена девет“ и „Војаџер“ и пред да замине ги утврди основните идеи зад „Ѕвездени патеки: Дискавери“, вклучувајќи ги и сценаријата за првите две епизоди. Новите автори се Гречен Берг и Арон Харбертс, кои претходно работеле со Фулер.

Инаку, креативниот тим на „Дискавери“ е интересен спој. Фулер состави тим во кој се писателот на „Ѕвездени патеки: Војаџер“ Кристен Беер, писателот/режисер на „Гневот на Кан“ Ник Меер, долгогодишниот писател на „Ѕвездени патеки“ Џо Меноски, драмскиот писател и новинар Кемп Пауерс и неколку писатели со кои Фулер работел на претходните проекти: Арон Ели Колит, Џеси Александар и новите автори Берг и Харбертс. Алекс Курцман, познат по блокбастери како Трансформатори и новиот филм од „Ѕвездени патеки“ во 2009 година, е извршен копродуцент. Повеќето режисери на серијалот сè уште не се соопштени, но знаеме дека ветеранот ТВ-режисер Дејвид Семел (Бафи, Човекот во високиот замок, Лице од интерес) ќе ги режира првите две епизоди, а хорор-режисерот Винченцо Натали (Ханибал) ќе режира барем една подоцнежна епизода.

 

Временската линија на „Ѕвездени патеки: Дискавери“

Обожавателите ќе бидат среќни кога ќе слушнат дека „Дискавери“ ѝ припаѓа на ТВ-франшизата, а не на рестартираниот универзум на последните филмови „Ѕвездени патеки“. Иако приказната се случува една деценија пред оригиналната серија, не треба да се очекува повторување на продукцискиот дизајн и костимите од серијалот од 1960-тите. Како и другите серијали „Ѕвездени патеки“, и овој ќе си одреди сопствена нова естетика, вклучувајќи и нови униформи на Ѕвездената флота и вонземски бродови. (Бродот што се гледа во тизер-трејлерот од Комик кон 2016 веројатно не личи на евентуалниот дизајн на американскиот брод Дискавери, зашто трејлерот беше снимен долго пред да почне продукцијата на серијалот.)

 

Трејлерот на „Ѕвездени патеки: Дискавери“

Ќе биде објавена нова линија на поврзани стрипови и романи за да се совпадне со почетокот на серијалот, почнувајќи со книга од долгогодишниот писател на „Ѕвездени патеки“ Дејвид Мек.

 

Премиерата на „Ѕвездени патеки: Дискавери“

Премиерата на „Дискавери“ веќе беше одложена: прво од јануари во мај 2017 година, а сега на неодреден датум. Продукцијата почна кон крајот на јануари во Торонто, а Си-би-ес објави видео од зад сцената од првата недела на снимањето, вклучувајќи и увид во новите униформи и сцени.

„Ова е амбициозен проект; ќе бидеме флексибилни за датумот на премиерата ако тоа е најдобро за серијалот“, рече Си-би-ес во соопштение. „Уште од самиот почеток рековме дека е поважно ова да се направи како што треба отколку да се направи брзо.“

Првата епизода на „Дискавери“ ќе се емитува на Си-би-ес, но остатокот од сезоната од 13 епизоди ќе биде ексклузивно за сервисот за онлајн-стримување Си-би-ес ол аксес. Надвор од САД фановите ќе бидат во можност да ги видат новите епизоди на Нетфликс веднаш штом тие ќе пристигнат на Ол аксес.

Доколку и се избере влада на РМ без формално определен мандатор Уставниот суд на РМ нема да има правна можност за никаква интервенција.

повеќе

Таквата федерализација, како што нѐ учи балканското искуство е само преодна фаза која води кон распад на земјата.

повеќе

Во Македонија мора да се случи мирен премин на власта. Така мора да биде и по изборите од 2016 година. Во спротивно, земјата ќе се третира како „пиратска“ или како „разбојничка“ држава.

повеќе